FLORIS ПАРФЕМИТЕ – НЕПОГРЕШЕН ИЗБОР НА ЛОНДОНСКИТЕ ЏЕНТЛМЕНИ

Парфимеријата Floris, која постои двесте деведесет и една година, од 1730-тата, е сместена во зградата чија намена е различна, и станбена и деловна, со канцеларии, на 89 Jermyn Street во главниот град на Велика Британија – Лондон SW1Y 6JH, од нејзиниот почеток, и е омилено место за шопинг на лондонските џентлмени, кога се работи за мириси, ливанта и други козметички средства. Многумина се верни на нејзините парфеми со години, па и децении, поради квалитетот, необичните комбинации на етерични масла од растенија што виреат насекаде, низ целиот свет, и, секако, препознатливоста која им е заштитен знак.      

Парфемите, мирисите, ливантата што луѓето ги ставаат на себе, обично ја одразуваат нивната физичка и душевна расположба. Но, некогаш, со нив се обидуваат и да ја маскираат, сакајќи во исто време да ја сменат на подобро. Се разбира, доколку падне ниско. Патем ги оживуваат сеќавањата, ја креваат довербата во себеси, особено кога се работи за привлечноста, т.е. допадливоста, вклучително и оптимизмот, а препознатливоста е загарантирана во случај да се служат со исти парфеми долго време.

На пример, многумина лондонци, воглавно џентлмени, со години се верни на Floris, парфимеријата во главниот град на Велика Британија, чија двесте деведесет и едногодишна традиција е доволна за да веруваат во квалитетот, вредноста поради необичните комбинации на етерични масла од растенија што виреат насекаде, низ целиот свет, вклучително и ексклузивноста, бидејќи продажбата е ограничена, со која се одликуваат нејзините мириси, ливанта и другите козметички средства што се исто така дел од големата понуда. Освен тоа, парфемите се класика, во буквална смисла. Не може да ги употребува секој, пред сѐ зашто мирисите, ливантата делуваат богато, не поради цената, секако, туку заради намерата, целта, да го засилат изобилството на духовните блага, добрата и особините на луѓето со чест, карактер и пристојност, богатството на душата со кое пленат.

Елеганцијата, т.е. отменоста, префинетоста, вкусот во облекувањето и однесувањето, во движењето, и парфемите како да постојат за да се надополнуваат меѓусебно. Знаат да ја истакнат и лежерноста кога е потребно благодарејќи на поинаквите хемиски формули што, заедно со класичните, ги смислуваат мајсторите за парфеми во лабораторијата на Floris, која исто така се наоѓа во лондонскиот резиденцијален дистрикт St. James’s, на старата адреса, каде што Juan Famenias Floris во 1730 год. ја отворил парфимеријата во која се продавале мириси, ливанта, прибори за бричење и чешли. Му помагала неговата сопруга Elizabeth, а синот Robert бил задолжен за набавка на состојките во странство. Таа е, всушност, првата генерација парфимериски мајстори чијшто занает е лична определба, кога е професијата, занимањето во прашање, и на членовите кои припаѓаат на нивната деветта генерација, како на пр. Edward Bodenham, сегашниот директор што во 2018 г. влезе во составот на British Society of Perfumers, кое постои веќе педесет и осум години.

Во меѓувреме, изработката на парфеми е толку надградена што важи како ненадминлива во некои работи, без оглед на големиот избор, конкуренција и слично. Исто така е проширен и асортиманот, па освен мириси, ливанта, се произведуваат, продаваат и гелови за туширање, дезодоранси, кремови, лосиони, помади, мирисливи дифузори, свеќи, спрејови за простории, сапуни, средства за бричење и по него, вклучително и прибори (четки, бричеви) – Џентлмен, стикови, течности за плакнење уста итн. Занимлив податок е и фактот што парфимеријата е реновирана првпат во 2017 година, по еден век, но задржани се шпанските витрини од 1852 год., купени на Големата изложба во Хајдпарк, а одзади е и музејската збирка. Сепак, парфемите важат како заштитен знак на Floris.

Порано, со нејзините мириси, ливанта се парфимирале и Винстон Черчил (во музејот е изложена фактурата од 1934 г. за Special N° 127 Eau de Toilette и есенцијата за капење Stephanotis, а се продаваат и денес, по цена од 80, односно 55 фунти), и Јан Флеминг (измислувачот на фантастичните приказни за Џејмс Бонд често купувал во Floris, омилен му бил N° 89 Eau de Toilette, кој го споменува и во Moonraker, новелата од 1955 година), и Мерилин Монро (за неа, во 1950-тите, бил направен парфемот Rose Geranium што го промовирала во САД), и кралицата Елизабета II (нејзиниот дијамантски јубилеј во 2013 год. беше одбележан со лансирање на Royal Arms – Diamond Edition, кога се направија само шест примероци во антички кристални шишенца од 1914 г., едно за неа). Всушност, секој парфем Floris има своја приказна, како на пр. Neroli Voyage Eau de Parfum, инспириран од писмото кое Robert, синот на Juan Famenias Floris, го испратил на родителите од едно патување. Писмото е интересно поради вкрстеното пишување, карактеристично за 18 и 19 век, а причина за тоа биле високите цени на хартијата и поштарината. Денес е доста баран, цитрусен е, морски, а 100 мл чинат 120 фунти.

Голем е интересот меѓу џентлмените и за Spiced Bergamot што претставува своевидна интерпретација на оригиналниот Malmaison од почетокот на 19 век, но малку е сменет. Горните ноти се инакви, полесни, наспроти базичните кои се дрвенести, појаки, а и доминантни. 100-милитарскиот парфем чини 200 фунти, како и Golden Amber, чиј извор на вдахновение има поврзаност со Италија, поточно езерото Гарда и летните денови поминати таму. Обата се дел од лимитарини едиции. Вториот беше голем хит летово, во друштво со цитрусните Jermyn Street (еден од најбараните, инспириран од четинарите на улицата каде што се наоѓа парфимеријата и мирисот на чистиот памук од работилниците во кои се шиеле кошули, на иконичната локација Henry Jermyn во 1664 година), Bergamotto Di Positano, Limes, Cefiro, JF (збогатен со дрвенести ноти). Но, доаѓањето на есента изискува парфеми како Leather Oud и Honey Oud (ориентални, по цена од 160 фунти), па 71/72 (ароматичниот дрвенест парфем чини 140 фунти), потоа Vert Fougѐre, N° 89, Santal, Elite, чии цени се движат од 80 до 120 фунти, за 100 мл. 

Пакувањето на три 10-милилитарски шишенца со различни мириси, ливанта чини 35 фунти. Пред точно петнаесет години Floris воведе новина, изработка на парфеми чиј состав го смислуваат нарачателите. Откога ќе се пријават, во парфимеријата добиваат кутија за подарок, со празно шише од 100 милилитри, за да ја понесат на состанок со мајсторот или мајсторицата за парфеми во задниот дел од продавницата и со шампањ, два часа се дружат со него/неа, заедно избирајќи ги базичните ноти. Потоа се мешаат и, парфемот е готов. Таквото задоволство чини 550 фунти, но често се нарачуваат и две шишиња, за брачни, љубовни парови. Цената е 950 фунти. Има можност и нарачателите комплетно да ги дизајнираат своите парфеми, кои се уникатни, неповторлив. Со тимот треба да се сретнат вкупно три пати, за консултации, а изработката трае отприлика шест месеци. Тоа е привилегија само на богатите затоа што чини 5.000 фунти (околу 360.000 денари). Притоа се добиваат шест 100-милилитарски шишиња, персонализирани, а се архивираат и хемиските формули за нарачателите или нивните потомци да можат да ги направат повторно. И тоа се наплатува, 180 фунти.

Како и да е, лондонските џетлмени во Floris купуваат и подароци за своите избранички, девојки, сопруги, бидејќи се повеќе од сигурни дека нема да згрешат во изборот, а кавалерите се однесуваат со внимание и ретко промашуваат, во морален поглед. Нејзини муштерии се и џентлмените од странство, кои често нарачуваат и онлајн.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Floris

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: Парискиот Le Nemours, омилен меѓу џентлмените

Leave a Reply

Your email address will not be published.