НАДАЛЕКУ ПРОЧУЕН, ТУРСКИОТ ПОЈАДОК Е И ЏЕНТЛМЕНСКИ ГЕСТ, МЕЃУ ДРУГОТО (I дел)

Евроазиската држава за која се вели дека е обвиена со мистерија и важи за енигматска, иако нејзината отвореност, ширината во смисла на погледите, сфаќањата и така натаму, ја прави достапна за секого, ја зголемува нашата желба да ја посетиме барем уште неколкупати, не само еднаш, да ѝ се вратиме со задоволство бидејќи Турција секогаш нѐ изненадува со нешто ново, дотогај невидено, нечуено, да ја доистражиме ако е воопшто можно. Погледот на светот, односно животот како филозофско, животно уверување на нејзините граѓани едноставно воодушевува, како впрочем и на останатите кои му припаѓаат на Ориентот чија духовна и материјална култура, т.е. ориенталистика е достојна за почит, но и внимание. И од наша страна, се разбира. Всушност, официјално прифатената и традиционално насочената култура заслужува да ѝ се посветиме во извесна мера, спознавајќи ја, пренесувајќи ви ја и вам нејзината вистинитост, општоприфатеност и, секако, неодоливото чувство за нејзино запознавање. На пример, турскиот појадок или Türk kahvaltisi е дел од неа, потенцирајќи го не само врвното готварство, кулинарството, туку и другата страна – искуствената, социјалната и хуманата, човекољубивата.

Се разбира, некако е неприфатливо да се замисли посетата на Турција без да се отиде во Истанбул, да се види, да се доживее, почувствува, восприми на прав, вистински начин, без да се заобиколат неговите вредности, не само историските знаменитости, туку и културните, вклучително и вештините, обичајните принципи, како на пример готварските – ритуалното појадување. Цариград (главниот град на Отоманската Империја) или Станбол, Костантинопол (старото име на Истанбул од византискиот период), така го викаат и денес и никому не му пречи од причина што минатото, историјата е дел од него, со која се гордеат буквално сите истанбулци, стамболци, едновремено важи како епицентар на турската и меѓународната, интернационалната кујна.

Прошетката низ градот не може да биде комплетна доколку не пробате нешто од уличните јадења, макар и само печени костени (kestane kebap) или симит (ѓеврек) или сендвич со риба (balik-ekmek), од мезињата (ладни, топли) со ракија (raki) или „лавовско млеко“ на пример, од ресторанските јадења, било главни, било десертни, а благата можат да се вкусат и на пазарите (т.н. египетски, за егзотични зачини, чаеви е преполн и со нив – десетици видови локуми на пример). Нема промашување, буквално сѐ може да се опише како делициозно, вистински, прав деликатес. А, душевната наслада како да се подразбира сама по себе, покрај турските, истанбулските кулинарски специјалитети. Така е постојано кога се оди во Истанбул, па и неодамна, за време на овогодишната Формула 1 која се одржа минатиот месец, на 8, 9 и 10 октомври. Можеби не се осврнавме на Turkish Grand Prix 2021, но ветуваме, автомобилизмот нема да биде запоставен. Не ни може бидејќи е стопроцентно џентлменски, господски што се потврдува со присуството на многубројните наши џентлмени, господа на истанбулската Формула 1. Сеедно е кога ќе го посетите „Градот на меракот“, дополнителното име, прекарот на Истанбул, а и Турција генерално, препуштете се на мераклиските, хедонистичките работи, како секој прав, вистински господин човек, џентлмен, за свое задоволство, т.е. за мерак.

Една од нив е секако и турскиот појадок, Türk kahvaltisi што важи за културно наследство, без какво било увеличување, претерување, зголемување. Го заслужува тоа, пред сѐ поради неговиот обичај, традицијата, кулинарските вештини, специјалитетите и, се разбира, човештината. Неговото ритуализирање почнало многу одамна, уште во времето на Отоманската Империја, која постоела точно шестотини дваесет и три години, а денес ритуалот е толку распространет и применет што речиси не постои турско семејство кое не го започнува денот со него, каде и да е во светот. Појадокот за Турците не претставува само утрински оброк, напротив. Тој е причина да се зберат неговоите членови, блиските роднини, комшиите, да помуабетат, да ги споделат мислите, преживеалиците, чувствата, пред да заминат на работа или да почнат со извршување на домашните, семејните обврски. Но, неретко и да ги нагостат оние што немаат доволно храна. Гестот е благороден, типично џентлменски, господски, без оглед на статусот, општествената положба на домаќинот и семејството. Човечноста, хуманоста се покажува на дело, не само на зборови со честичката ќе. А, народот на Турција е баш таков. За истанбулците да не говориме. Нивната питомост, блага нарав е надалеку прочуена, како и турскиот појадок.

Не случајно го има секаде, низ целиот свет, во поглед на ресторани, па и тука, во Старата чаршија, позната како турска. За Истанбул е јасно, такви во кои се послужува секојдневно можат да се видат многу често и да се посетат, доколку се нема можност да се биде нечиј гостин, во неговиот дом. Авторизираниот превод на kahvalti е „пред да се пие кафе“ што значи дека првин се јаде, па дури потоа се ужива во него, на раат со локум, бидејќи, така барем велат, е доста јако и штети на празен стомак. Но, затоа пак, го потпомага варењето на храната после оброкот. За турскиот појадок се говори дека е искуство, секојдневно доживување во кое храната, јадењето се дели, споделува меѓу присутните, а истовремено ги поврзува и зближува, наспроти другите, вклучувајќи нѐ и нас, што гледаат на појадокот исклучиво како на животна потреба. Утрата се најважни во секојдневијата на Турците, велат дека појадокот е главната причина да станат од спиење, па и да не им се оди на работа. Обично се послужува кога ќе се разбудат сите, нема одредено време, но соседите доаѓаат околу 11:00. Кога се рестораните во прашање, отвораат во 9:00, а за појадокот се резервирани дури четири саати, до 13:00.

Како и целокупната турска кујна, заедно со другите оброци, ручекот и вечерата, па и меѓуоброците, ужините, појадокот е своевидна комбинација на храна, јадења од Централна Азија, Источна Европа, Блискиот Исток, кои датираат од времето на Отоманската Империја, но забележливо е и влијанието на трговијата и трговските врски, миграцијата и миграциските процеси, културната експанзија и близината на морето. Исто така се измешани кујните, начините на готвење во турските регии што со текот на времето се подобрувале, усовршувале. Во истанбулските ресторани обично се појадува мешавина од регионалните кујни, јадењата што ги сочинуваат нивните појадоци, кои донекаде се различни, но и еднакви, т.е. слични. Каде и да било, се почнува со чај во стаклени чаши, типични за нив, што имаат форма на лале (цвеќето е национално, симбол на Турција и на Истанбул). Потоа се послужува со храната сервирана во мали чинии, домашно производство – сопствено или купена од локалните фурнаџии, пазарџии, месарници, се јаде и се муабети. За време на викендите одат во ресторани, цели семејства заедно со нивните пријатели можеби, но често и на село, да му се препуштат на традиционалниот рустикален појадок и да уживаат во неговите вкусови, свежина, тазе приготвени на селански начин.

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Freepik

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ВИЗАВИ S.T. DUPONT, И ЏЕНТЛМЕНИТЕ Ѝ СЕ НАКЛОНЕТИ… НА ЛУКСУЗНОСТА  (I дел)

ВИЗАВИ S.T. DUPONT, И ЏЕНТЛМЕНИТЕ Ѝ СЕ НАКЛОНЕТИ… НА ЛУКСУЗНОСТА  (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.