Секоја пригода во која што можеме да се најдеме, бара одреден тип на однесување или има некои правила кои што треба да ги почитуваме. Кога станува збор за концертите во Филхармонија, постои еден основен бонтон на однесување кој секој од нас треба да го знае. Почитувањето на уметникот поради кој сме дојдени на концерт не вклучува само гаснење на мобилниот телефон, туку низа на правила.
Ајде ќе започнеме од стилот на облекување. Клучниот збор е – пристоен. Иако не постои официјален кодекс на облекување, голем дел од нашата публика го третира концертот на Филхармонијата како посебна вечерна пригода, па затоа изборот на гардероба честопати е елегантен. Без разлика дали сте голем љубител на класичната или на џез-музиката, или спаѓате кај оние што се дојдени за да бидат видени, секогаш облечете се пригодно за настанот. Значи, за мажите секогаш се препорачува костум, а за дамите едноставен фустан, секако, без претерувања. Сепак, одите на концерт, а не на бал. Поформална гардероба се препорачува за свечени концерти и специјални настани.
Според правилата се препорачува да пристигнете барем десет минути пред почетокот на концертот. На тој начин, ќе имате доволно време да го заземете своето место, да ја прочитате програмата на концертот и да се опуштите и да уживате во него. Доколку доцните ќе мора да почекате до првата пауза за потоа да можете да влезете на концертот. Ако треба да излезете непосредно пред крајот на концертот, што не се препорачува, направете го тоа на начин што не ги вознемирува другите.
Вообичаено е да се аплаудира со цел да се поздрави оркестарот, во моментот кога диригентот влегува на сцената и ги подигнува музичарите. Исто така, појавувањето на солистите на сцената секогаш е поздравено со аплауз. На крајот на чинот, интензитетот на аплаузот честопати е поврзан со задоволството од изведбата, затоа не штедете ги дланките.
Кога станува збор за телефоните, тука имаме строги правила. Препорачливо е да ги исклучите мобилните телефони и сите електронски уреди пред почетокот на концертот. Бидете сигурни дека тие се исклучени дури и по паузата. Бидете свесни дека секоја бучава, како што е зборување, шепотење, кашлање, и сл.… може да им пречи на музичарите и на другите во публиката. Обидете се да бидете што е можно повеќе тивки. Друго строго правило се однесува на употребата на камери и видеокамери, кои мора да бидат акредитирани. На јавноста и е строго забрането снимање и фотографирање.
Културата на однесување на било кое јавно место е дел и од домашното воспитување. Истата се гради од најмали нозе, па потоа низ едукативниот систем, медиумите и културните институции.
ФОТО + ВИДЕО: Gentleman Magazine
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: Кои се најдобро облечени мажи во Македонија?