“БРИОНИ“ КАКО ИЗВОР НА ВДАХНОВЕНИЕ, ИНСПИРАЦИЈА ЗА ОВАА ЕСЕН

Освен што држат до себе, внимаваат на своето достоинство, честа, карактерот и пристојноста, џентлмените држат и до својот изглед, внимаваат на него, се облекуваат по последна мода, но секогаш ѝ се враќаат на класиката, не занемарувајќи ја во ниеден момент. Тие едновремено се и стилисти бидејќи имаат убав стил… Доколку не можете да си го дозволите, „Бриони“ може да ви биде извор на вдахновение исто така, инспирација за вашата гардероба оваа есен, но и понатаму, секогаш. И новата колекција, и шиењето по мера, т.е. нарачката.

Демистификацијата на новата „Бриони“ колекција се одвива брзо, како што треба, благодарејќи на џентлмените кои се одликуваат со елеганција – отменост, префинетост, вкус во облекувањето и однесувањето, во движењето, вклучително и лежерноста, во секој поглед. Тие се неусилни (природни, нормални, непретенциозни), ноншалантни (безгрижни). Впрочем, како и облеката што ја предлага италијанскиот бренд за оваа есен и претстојната зима. Сепак, луксузот е задржан и натаму бидејќи е негов заштитен знак. Купувачката треска почна со заладувањето на времето. Исто е и со нарачките, т.е. шиењето по мера. Гардеробата треба да се збогати, надополни. Оние што не можат да си ја дозволат од финансиски причини, можат да се инспирираат. Битно е друго, да се изгледа пристојно, убаво, како што им доликува, во согласност со нивниот нарав. 

Новиот пристап кон облекувањето може да се забележи во светлите бои, белузлавите, кои се блиски до белата, побледи од основната, иако не изостануваат ни темните, оние што одат кон црното или позатвореното. Можат и да се комбинираат, инстинктивно, следејќи ги сопствените каприци. Дизајнот има суштинско значење, облиците се дефинирани, но податливи, а посебен впечаток оставаат деталите. Висококвалитетните материјали, како волна, обично кашмир, свила и кожа, на допир имаат префинета, извонредно фина текстура. Кројот го милува телото, задржувајќи ја дефинираната прецизност. Понудата е голема, го покрива буквално секој дел од денот, наутро и попладне за работа, за слободно време (приквечер), за викенд…

Главно, заштитно лице на кампањата за новата „Бриони“ колекција е педесет и седумгодишниот американски глумец Бред Пит чија самодоверба, вклучително и стилот, начинот на облекување, се препознаваат во неа. Истовремено е одраз на уметничкото наследство и модерните, актуелните, современите текови, својствени за италијанската модна куќа. Римската ноншалантност (лежерност, непресиленост) е составен дел на нејзиниот етос и карактеристична за ткаенините, па и за фазоните. Изгледот во тонални бои, како и на вечерната облека изработена од RWS (Responsible Wool Standard) одржлива волна и други, ултрамеки ткаенини, е инспириран од традиционалното кроење на „Бриони“, но ги прифаќа и новитетите, кои ги карактеризира опуштеност.

Долго време и шиењето по мера, т.е. нарачката се практикува, како во италијанската модна куќа, така и во другите, вклучително и независните, индивидуални кројачници. За разлика од нив, каде што е поевтино, во „Бриони“ и во модните куќи познати во целиот свет е инаку, персонализираната услуга се плаќа скапо. Занаетчиската работа, нејзината извонредност е толку изразена што се граничи со перфекција и важи како своевиден ексклузивитет. Така се создаваат уникатни примероци, согласно барањата на клиентите. Имајќи го предвид различниот начин на живеење, различните способности.., вклучително и различните преференции кога се удобноста и стилот во прашање, неминовен е индивидуалниот пристап на кројачите, и кон вас и кон работата.

Тие ќе ви помогнат да одлучите што сакате, да го одберете моделот на костумот, неговиот крој, согласно вашата силуета, стилот, па ткаенината, копчињата, потоа реверите, поставата… Тука е и стилистот, доколку имате потреба од него. На почетокот ќе ви ја објаснат целата работа, како и постапките. Веднаш потоа, кројачот ќе ви земе мера за да може да создаде уникатен примерок што ќе се приспособи на вашето тело до милиметар. Во „Бриони“ се потребни шест или осум недели за изработка на костум (се разбира, нарачан), има две проби, кои се задолжителни, а интересен е и фактот што во ателјето во Пене работат повеќе од сто и осумдесет занаетчии, мајстори. 

Располага со над осумстотини рачно изработени ткаенини, како волна, обично кашмир, свила… Повеќето се исклучително ретки, достапни само на ограничен број луѓе. Освен костуми (по мера, нарачка), се изработуваат и кошули, вратоврски, честопати со извезени иницијали.

Приказната за италијанскиот бренд е нешто посебно и делува инспиративно, како неговото создавање, развојниот пат и слично, така и колекциите. Новата заслужува честитки, па и аплаузи од џентлмените затоа што има сѐ што им треба на луѓето со чест, карактер и пристојност, кога е облеката во прашање. Во неа можете да откриете и сосема нов извор на вдахновение.

Инаку, „Бриони“ (Brioni) е основана во 1945 година, во Рим, од страна на Nazareno Fonticoli и Gaetano Savini. Седум години потоа, италијанскиот бренд ја организира првата модна ревија. Следуваа приватните шоуа, кои се одржуваат и ден-денес. Во 1985 год., во Пене, ја отвори школата за кроење (Scuola di Alta Sartoria). „Бриони“ беше купена од Kering: French Luxury Group во 2011 г. Извршен директор е Fabrizio Malverdi од април 2017-тата.

ПИШУВА: Игор Ландсберг

ФОТО: Brioni

Leave a Reply

Your email address will not be published.