ВЕНЕЦИСКОТО CAFFÈ FLORIAN – ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ ВО „ЛОВОТ“ НА ЗАДОВОЛСТВАТА (II дел)

Во блиското минато, како и во далечното, Caffѐ Florian секогаш ги собирал видните, личностите од политиката, уметноста.., а многумина од нив се истакнувале и со егзибиционизмот, екстравагантноста, како на пример Енди Ворхол, но меѓу неговите гости се вбројувале и Чарли Чаплин, Хелмут Кол, Клерк Гебл, Жан Кокто, Жак Ширак и Артур Рубинштајн. И денес е омилено место на познатите кога ја посетуваат Венеција, било деловно, било приватно, било на карневалот, било на биеналето, било на Венецискиот филмски фестивал, кој годинава се одржа од 1 до 11 септември, вклучително и на супермоделите Коко Роша и Миранда Кер. Патем, Венеција е избор на доста режисери кога се работи за снимање филмови, па така, многумина артисти се гости на кафулето, т.е. кафеаната, сеедно како ќе го наречете. Очигледно е дека уживаат во неговата старина што може да се забележи и на фотографите кои ги овековечиле фотографите, случајните минувачи. Во Италија воопшто, а Венеција не се исклучува од таквата размисла, особено се внимава на архаизацијата, да се зачува сѐ што е старинско, а и да се нагласи. Затоа и фасадата на Caffѐ Florian, т.е. надворешните ѕидови, столбовите на колонадата се автентични, немолерисани, оставени на забот на времето, но не случајно, туку намерно, за гостите да имаат чувство дека се наоѓаат во старо време, пред сто, двесте, па и триста години, кога Floriano Francesconi се дрзнал, покажал смелост, дрскост да го отвори бидејќи во 1720-тите и не било така едноставно, на почетокот во две простории, соби, а подоцна и повеќе, како што е, впрочем, и денес. Дури четириесетина години се грижел за посетителита да ги угости најдобро, да се вратат повторно иако немало каде да одат на друго место, да се разонодат во слободно време.

По смртта на Floriano, работата ја презел Valentino, неговиот внук, за кој се вели дека е виновникот за промената на името, по желба на Венецијанците, венецијците, од причина што Венецијанската Република завршила со нејзиното постоење тогаш, а со Венеција завладеале Французите и Австријците. Всушност, денешното име го добило во 1797 година. Еден период во него се наоѓала инквизицијата, а било и седиште на Gazzetta Urbana Veneta, првиот официјален весник, службен. Valentino починал во 1814 год., па водењето на бизнисот го зел во свои раце Antonio, неговиот син. Во тоа време Caffѐ Florian важело за собиралиште на родољупците, патриотите, а додека била револуцијата, во него се лекувале ранетите. Кафулето можеле да го посетуваат и жени, првпат во практиката, историјата на угостителството, ресторанската дејност, па така и се претворило во место за „лов“ на жени, од Казанова до љубовџиите во подоцежните години, што сакале да се докажат, применувајќи ги неговите освојувачки методи. Очигледно дека големиот заводник е ненадминат во заведувањето, а велат и во бројот на љубовниците.

Амбиентот на Caffѐ Florian денес е истиот од 1858 г., во смисла на мебелот и останатите предмети, кога првпат го смениле. Тогаш се променила и сопственоста. Негови газди станале тројцата сопственици на Caffѐ degli Specchi, а целата работа околу реновирањето му ја довериле на Ludovico Cadorin. И кинеската и ориенталната соба ја уредил во помпадур стил, чии слики, декорации се дела на врвни ликовни уметници од Италија, со непроценлива вредност. Бесценети се исто така и сликите, декоративните предмети во холовите, на четирите годишни времења и на сенатот, каде што преовладува златната боја на ѕидовите и темноцрвената, кралската бордо на канабињата, столовите, како и во собите. Во т.н. сенаторски хол се основало La Biennale di Venezia, на крајот на деветнаесеттиот век, поточно во 1895 година. Всушност, идејата за Венециското биенале ја дал тогашниот градоначалник Riccardo Selvatico, кој во исто време бил и комедиограф и поет, сакајќи да им оддаде почит на кралот Umberto и кралицата Margherita од Савоја. Имено, таму се одржала и првата изложба, но и ден-денеска во него се прикажуваат уметнички дела, во последно време и контемпорарни, па и културно-историски предмети, како италијански, така и странски. На пример, не многу одамна во холот на сенатот беше изложен руандски накит. Кога се прославувал двестегодишниот јубилеј, во 1920 год., Caffѐ Florian го прошириле со дополнителна, соба на демократијата, слободата, во арт нуво стил, со доминантна крем-боја, златна и тиркиз. Последната реставрација е направена во 2012 г.

Желбата за пријатен, убав помин, разонода на гостите придонела да се вметне и оркестар, некогаш еден, во почетокот на 1920-тите, а денес и два, неретко. Интересно е што не си пречат во изведбата, ни малку. Звукот, односно неговата силина е тамам. Се разбира, во сметката е и додатокот за музичарите (5 евра за еден, децата не плаќаат), а бакшишот, напојницата е задолжителна и за келнерите. Постојано се на штрек, растрчани за навреме да ги послужат гостите, да не чекаат долго. Униформата е посебна, елегантна. Во утринските часови, до пладне, келнерите се облечени во бели сакоа, додека попладне носат црни, со бели лептир-машни. Црна има само шефот,а двајцата помошници, кои работат на служењето храна и нејзината презентација, сиви. Во попладневните часови се преслекува и готвачот, кујнскиот шеф, и се облекува во фрак. Сеедно каде ќе седнете, надвор или внатре, цените се исти, високи. Надвор е поинаку заради погледот на главната црква – катедралата Сан Марко и камбанаријата, на целата прокуратура и на плоштадот, а и атмосферата е различна, поопуштена. Внатре, пак, е поофицијално, поформално и мора да го сакате минатото за да седнете таму, едноставно потсетува на дворец, аристократска, богаташка резиденција. Чувството е неповторливо, се разбира. Особено кога ја знаете неговата историја.

Менито е богато, има сѐ, од појадок до вечера, од кафиња до жестоки пијалаци, а меѓу нив и чаеви, топла чоколада, ликер, вино и така натаму. Особено важно е ритуализирањето на оброците. Венецијците и, воопшто, Италијанците уживаат во ритуалот на јадењето, го доживуваат инаку. Не случајно важат за вистински, големи хедонисти. Кафето се пие традиционално, има петнаесетина видови, од еспресо (6,5 евра за единечно, а дуплото е 10,5), преку капучино со шлаг (13,5 евра, без него е 10,5) и макијато (10,5 евра), до венециско кафе (со ликер и шлаг – 16,5 евра). Цените на чаевите се движат од 10 до 13 евра, додека попладневниот е типичен англиски, се послужува со мала закуска (35 евра), па и со шампањ (57 евра, со брут е 45). Кока-колата чини 12 евра, чаша природен сок, мешавина од различни видови овошја, е 12,5 евра, пивата чинат меѓу 12 и 14 евра, коктелите се околу 20 евра, со шампањско вино нешто повеќе од 30 евра. Внимавајте, можеби ќе видите некој пар, брачен или љубовен, како пие шампањ, со шише на масата, но не избрзувајте со нарачката, цените се меѓу 150 и 295 евра. Можете да се напиете чаша, која чини 31 евро. Вината се движат од 11,5 до 96 евра. Најевтини се пијалаците на Caffѐ Florian, негово производство, како на пример ликерот (чаша е 13 евра) и специјалитетот – топлата чоколада. Ви ја препорачуваме „казанова“ (13,5 евра), со крем од мента и парченца чоколадо, во комбинација на тирамису (14,5 евра) или макаронс-колачи (5=12,5 евра). Доколку се одлучите да појадувате, одберете го истоимениот, на големиот заводник, со кафе или чај, природен сок, овошна салата, кроасан, потпечени лепчиња во тостер, путер, мед или џем, парчиња чоколаден колач, сомунчиња со шунка и сирење, по цена од 45 евра, до 11:30 (локалот се отвора во 9:00, а се затвора во 23:00). Јадењата обично се лесни, деликатеси во буквална смисла на зборот, како моцарела, пршута, димени салмониди, во различни варијанти, по цена од 16 до 25,5 евра за салати од горенаведените намирници, меѓу 11 и 17,5 евра за сендвичи, пити, слични на тартот, но солени, а овошниот чини 14,5 евра, како и останатите десерти.

Посетата на Caffѐ Florian можете да ја заокружите со мал шопинг во неговата продавница, но и не морате бидејќи можете да нарачате и оттука, се разбира онлајн. Производите се нивни, брендирани, со истакнато лого, а има сѐ, од какао, кафе, чај, преку бисквити, дражеи, џемови, чоколади, до вино, ликер, од аксесоари, модни детали, преку венецијанско, муранско стакло, т.е. дизајнерски производи од него, до парфеми. Фотографиите, порцеланските шолји, сребрените плотни се исто така дел од големата понуда. Ако сакате да ја воодушевите избраничката на вашето срце, бидете оригинални, изберете нешто од колекцијата подароци. Божиќните се изложени веќе, а како вистински џентлмен, господин човек, определете се за уникатноста, единственоста, исклучителноста. Можеби некој парфем, аква мореска (има посебен мирис, необичен), од 50 мл и футрола од неопрен во луксузно пакување (102 евра). Или какао, чисто (100 %), без глутен, во пакување од 200 г (14 евра), зошто да не. А, чоколадни бонбони – пралине во кутија од 120 г (19,5 евра)? Се разбира, сѐ за љубов и за свое задоволство. Почестете се и со еден брут, 750 мл чини 29 евра. Немојте да заборавите да го изладите на температура од 6 до 8 Целзиусови степени. Заедно со чоколадните бонбони, комбинацијата е убиствена. Во нејзино друштво, се разбира. Така, сеќавањето на Венеција и Caffѐ Florian ќе биде комплетно, совршено. Нема да избледнее уште долго, ќе трае до следното, новото искуство, во истото кафуле, во истиот град, со истите чувства, емоции. Правите господа, џентлмените знаат што да одберат и како да уживаат во изборот. Без сомневање. Caffѐ Florian е само еден од него. Венеција исто така. И „чизмата“ – Италија. Пред сѐ поради хедонистичката интерпретација, смислата на животот и пристапот, меѓу другото.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Caffѐ Florian

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ВЕНЕЦИСКОТО CAFFÈ FLORIAN – ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ ВО „ЛОВОТ“ НА ЗАДОВОЛСТВАТА (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.