ВЕНЕЦИСКОТО CAFFÈ FLORIAN – ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ ВО „ЛОВОТ“ НА ЗАДОВОЛСТВАТА (I дел)

Венецијааа… Во стариот град што асоцира на романтика, предизвикува мечтателност, поетско настроение, кој придонесува за инакво чувство, како да живеете во минатото, стотици години наназад, одвреме-навреме можете да чуете силен одек на дијалектен италијански, односно венециски – Venesiaaa… Venexiaaa… Гласот на гондолиерите од каналите одекнува, ечи, со желба да ве повикаат на дружење, често и со музика. Искуството е извонредно, посебно, ама не и евтино, како што е исклучителна и посетата на Caffѐ Florian, од чија триста и едногодишна историја ќе се восхитите, заедно со пиењето кафе со ликер или топла чоколада, неговиот специјалитет, во комбинација на тирамису, макаронс-колачи.., вклучително и легендата, народното предание за „ловецот“ на задоволствата, меѓу нив и Венецијанките, кои не се ни труделе да му одолеат, едноставно му се препуштале – Казанова.

И покрај тоа што се соочува со голема посетеност (многумина венецијци гледаат проблем во бројот на туристите, без оглед на приходите бидејќи градот живее од нив), плимата (периодичното повишување на нивото на водата во морето, предизвикано од привлечното дејство на Месечината) и загадувањето (од патничките бродови кои пловат во близината), Венеција мора да ја видите, кога-годе. Зошто да не и повторно. Не случајна е препораката, градот со најмногу епитети во светот, како на пример La Dominante (доминантен), La Serenissima (Серенисима – титула на Венецијанската Република), град на вода, градот на каналите, на маските, на мостовите, кралица на Јадранот, пловен град, го заслужува и нашето и вниманието на пошироката јавност, вклучувајќи го и вашето – на македонските џентлмени, господата што ги ценат вредностите, убавината им е приоритетна бидејќи се разбираат во неа, имаат смисла за убавото, развиено чувство, а возбудливите доживувања, искуствата се дел од нивниот стил, начин на живеење, кој во голема мера е хедонистички.

Се разбира дека ќе се осврнеме на Венеција и подетално, во некоја друга пригода, можеби во февруари, пред да почне карневалот, кога ќе ви ги пренесеме искуствата од пред извесно време, оттаму, затоа што доживувањата се повеќе од необични, со цел да отидете, едноставно да му се препуштите на несекојдневниот настан обвиен со мистика. Почнете да планирате, карневалските денови ќе започнат на 19 февруари 2022 г., а ќе траат до 1 март. Притоа ќе го разгледате градот, распослан на сто и осумнаесет мали острови, меѓусебно разделени со канали, а поврзани со четиристотини мостови, различни по големина, знаменитостите поради кој дел од Венеција е прогласен за светско наследство на УНЕСКО, но неизоставен дел од посетата на градот се и кафулињата, рестораните од чие минато, историја ќе се воодушевите. Полни се со приказни, народни преданија, легенди, а едно од нив е и Caffѐ Florian.

За него велат дека е симбол на Венеција, негов трејд-марк кога е угостителството во прашање, но и културата, и духовната и материјалната, особено во епохата на преродбата, ренесансата, кога е отворен, заедно со црквите, главната – катедралата Сан Марко и споредните, не помалку важни за венецијците, па и за туристите. Останатите знаменитости, културни, историски, се исто така приказна за себе, поединечно, нешто посебно, вклучително и малите и големиот плоштад кој го носи катедралното име. Таму е Caffѐ Florian, под арките, лаковите, сводовите на аркадата на прокуратурата. Лесно ќе го познаете, надвор или во предворието, како што велат келнерите и останатите вработени, кои ја менуваат униформата двапати во текот на денот, обично кога сакаат да се пошегуваат на сметка на јавното обвинителство, правобранителството (прокуратурата), разбирајќи се интерно, меѓу себе, има голем број столови, маси што се извадени во текот на целата година, освен за време на карневалот, зависно од програмата, поворката. Голем дел е зафатен или резервиран, а едновремено и ќе го „чуете“, благодарение на оркестрите (дури два), задолжени за убав помин.

Сепак, можете да седнете и во тремот, кога и да посакате, се разбира доколку има слободно место. Ако не успеете да го најдете, иако е незвозможно, прашајте ги венецијците, слободно. Веднаш ќе ве насочат, ќе ви покажат со раката каде треба да одите, а и сигурно ќе ви напоменат дека е најстаро, првоотворено во Италија, второ во Европа и светот (по париското Cafѐ Procope коешто датира од 1686 год., сопственост на Сицилијанецот Procopio Cutò). Освен надвор, можете да седнете и внатре. Има доволно место, неколку простории кои, додека е карневалот, се полни со маскирани гости. Во спротивно, имате можност да се опуштите на канабињата, столовите обложени со кадифе во кралска бордо, темноцрвена боја што на своевиден начин ѝ контрира на златната во која се бојадисани ѕидовите, на огледалата, сликите и на бледокафеавите и темните маси, во кинеската соба, ориенталната, во холот. Во собата за гостите со изразит слободарски дух, така велат келнерите и останатите вработени, надвладува крем-бојата, златната и тиркизот.  

На крајот на минатата година, поточно на 29 декември, Caffѐ Florian имаше јубилеј, прослава на тристагодишнината од неговото отворање. Можете да замислите, три века постоење, континуирано, некогаш и со поинаква намена, согласно приликите, околностите, но сепак, одново и одново се враќало во првичната функција, да ги пречека добро, т.е. да ги угости неговите посетители – било Венецијанци, венецијци, било жители на Италија воопшто, било странци. Во чест на јубилејот, Instituto Poligrafico e Zecca dello Stato (Државен институт за полиграфија и ковење) издаде поштенска марка со цртеж (во црвено, на бела позадина) чиј автор е италијанскиот артист Roberto Fantini, за во исто време да му оддаде почит, признание на Floriano Francesconi, неговиот сопственик што во 1720 година се одважил и го отворил, но со поинаков назив – Alla Venezia Trionfante (Победничка Венеција во слободен превод). На жителите на Венецијанската Република (град-држава) им било мачно да го кажуваат целото име, обично велеле „andémo da Floriàn“ (отидовме докај Флоријан) на дијалектен италијански, односно венецијански. Така и го смениле, а се употребува и денес. Триесет години подоцна, во 1750 г., Floriano Francesconi го инспирирал Венецијанецот Carlo Goldoni, познат драматург, за ликот на Ridolfo, исто така сопственик на кафеана, во драмата La bottega del caffѐ (Локал каде што се служи кафе во буквален превод, Кафеана во слободен).

Триста и едногодишното минато, историја, постоење, богато со разноразни настани, интересни случки во кои се инволвирани познати, славни личности, луѓе, повеќето џентлмени, господа во времето на преродбата или препородот, не многу одамна, па и денес. Тоа е местото каде што седеле, пиеле, јаделе, се дружеле, забавувале Gabriele D’Annunzio (принцот на Монтеневозо), Ернест Хемингвеј, Јохан Волфганг фон Гете, Silvio Pellico, Ugo Foscolo, Џорџ Гордон Бајрон (лорд Бајрон), Giuseppe Parini, Чарлс Дикенс, кои биле писатели – раскажувачи, романсиери, поети, во исто време и господа, џентлмени пар екселанс.

И Џовани Џакомо Казанова, писател исто така (пишувал многу, особено за политиката и историјата, но особено е познат со мемоарските записи каде што ги опишувал своите љубовни авантури, кои биле првпат објавени интегрално во 1960-1963 год.), а очигледно и голем заводник на жени. Повеќето Венецијанки не биле рамнодушни, паѓале на неговиот шарм, заводнички поглед.., и без двоумење ѝ се препуштале на страста. И денес се кршат копјата за него, се расправа околу прашањето дали е пример за џентлмен, господин човек или не. Многумина ги збунива неговата раскалашеност, а факт е дека бил кавалер. Што мислите вие? Имате коментар? Пишете го тука, на „Џентлмен магазин“.  

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме во понеделник)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Freepik/ Caffѐ Florian

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТАТКОВСТВОТО КАКО ЏЕНТЛМЕНСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕЦАТА И МАЖОТ РОДИТЕЛ (I дел)

ТАТКОВСТВОТО КАКО ЏЕНТЛМЕНСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕЦАТА И МАЖОТ РОДИТЕЛ (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.