ВО СТИЛОТ НА ВИСТИНСКИТЕ, ПРАВИ ЏЕНТЛМЕНИ – СО ЖАКЕТ ОД ВЕЛВЕТ НА ГАЛА-ВЕЧЕР (II дел)

Пред да се осврнеме на изборот, нашата препорака за бојата, моделот на жакетот од велвет, односно кадифеното, сомотското палто, сако, иако вчера говоревме најповеќе за темниот, црниот, во комбинација на исти панталони, лептир-машна, чевли (лакирани „оксфорд“) и бела кошула, марамче во џебот, ќе продолжиме со информациите кои веруваме дека ќе ви помогнат да го изберете вистинскиот, прав жакет за себе и во него да се чувствувате убаво, добро, како што доликува на секој џентлмен, господин човек, бидејќи таквото чувство е магнет за жените. Затоа, гардеробата е особено важна, се чини дека и поврзаноста е меѓусебна, работите се некако преплетени, зависни едни од други. Сите се чувствуваме одважно, моќно, привлечно кога на себе имаме облека што е префинета, отмена, елегантна. Жакетот од велвет го носи таквиот епитет од многу причини, а ткаенината датира од четиринаесеттиот век, така стои во записите, иако научниците велат дека се произведувала и порано, главно во Источна Азија, пред да се приклучи во патот на свилата. Претпоставувате дека оригиналната била свилена. Во ренесансата, привилегија да носат облека од велвет имале аристократите, а и подоцна. И во средината на деветнаесеттиот век, кога го измислиле смокингот, жакетот за вечерно излегување, гала-вечер на пример или друга свеченост, велвет можеле да си дозволат само богатите. Постепено се намалувала неговата цена и станал достапен за повеќето луѓе. Факт е дека и денес има велвет од чија цена се завртува во главата, но генерално е прифатлива. Составот влијае на цената, несомнено. Има свилен, од природни влакна, и синтетичен, од вискоза, најлон, полиестер и целволе. Секако, жакетите на светските дизајнери се поскапи, како впрочем и сѐ останато, но често ви ги препорачуваме и за инспирација.

Во 1920-тите велветот се користел за изработка на т.н. оперски капути. Без оглед на нивниот изглед кој потсетувал на вреќа, во тоа време биле голем хит. Шпанскиот дизајнер Mariano Fortuny го револуционизирал нивниот тренд во модата до толкава мера што купувачката, побарувачката се споредувала со похота. Педесетина години потоа, велветот одново го популаризираа славните, а можеше да се забележи и во филмовите, ги носеа холивудските актери на светски глас. Оттогаш и дизајнерите го употребуваат во изработката на жакетите, како ексклузивно нешто. Ткаенината не дозволува екстремизам во креирањето, па затоа и моделите се покласични, Всушност, самиот материјал му дава гламур, длабочина, карактер на жакетот, поради него изгледа многу скапо и гарантира издвојување од мнозинството. Елеганцијата, отменоста и префинетоста веќе ги споменавме. Формалноста исто така затоа што важи за официјално парче облека, но во зависност од комбинацијата може да изгледа и полежерно, дури и заводнички, со откопчана кошула или обична маица, бела. Како-годе, и овој пат ќе се посветиме на класичните модели бидејќи му се омилени на секој вистински, прав џентлмен, господин човек, а и класиката некако е помажествена, помашка. Се разбира дека може да биде и ваш избор за четвртиот „Маж на годината“. Освен што го има во некои бутици, нема да згрешите и доколку го сошиете. Имате доволно време и за тоа. Ќе ви помогнеме со неколку идеи на светските модни куќи, дизајнери, а заради ориентација, ќе ги објавиме и нивните цени. Не забораваме да ви кажеме и дека црните лакирани „оксфорд“ чевли можете да ги замените и со обувки од велвет, ако имате. Тоа е полн погодок.

Инспирирани од Даниел Крег и жакетот во розова боја од велвет што го носеше на светската премиера на филмот „Нема време за умирање“, не можеме да не ви покажеме барем два модела на лондонската модна куќа Anderson & Sheppard чија сто и петнаесетгодишна традиција во изработката, шиењето по мера го привлекол и Фред Астер, и Гај де Ротшилд, и принцот Чарлс, и Том Форд, и Брајан Фери да купува оттаму, да му шијат по мера. Вистинските, прави џентлмени, господа во Лондон се широкогради кога се работи за финансии, вложување, обично нарачуваат два-три жакети одеднаш, па затоа и цените се формирани така – од 4.932 (360.021 денар за два) до 5.652 фунти (412.578 денари за три жакети). Изработката е врвна, како и моделите за кои се вели дека му пркосат на времето. И покрај тоа што е убав, привлечен сам по себе, доработката на велветот, односно жакетот, го прави уште побогат, како на пример црниот, со преклоп, дворедно закопчување и со заоблени ревери од свилен сатен, извезен на ракавите и на копчињата, околу внатрешните џебови без капаци. Струкиран е исто како и вториот модел во сина боја, морнарска. Реверите имаат остри рабови, со дупче за цвет, додека џебовите се исто така внатрешни, без капаци, а закопчувањето е во еден ред. Може да се комбинира со бела кошула, мат виолетово шамиче во горниот џеб и такви чевли од велвет, за разлика од првиот, кој се носи со бела кошула, марамче горе во џебот и папилотка во боја на саѓи, јаглен. Приказната за Anderson & Sheppard ќе ја завршиме со информацијата дека жакетот во розова боја на Даниел Крег беше изработен од велвет (15 унции) на Scabal, текстилна фабрика од Брисел. Неговата ексклузивност е несомнена, а се потврдува со фактот дека лондонската модна куќа набавила само 34 метри, а веќе нема. Го сошил Leon Powell.

Њујоршката модна куќа Tom Ford, именувана по дизајнерот, го користи велветот за изработка на жакети за вечерни излегувања, за гала-вечери на пример или други свечености. И креаторот ги носи често, со години. Неретко ги нарачува и во Anderson & Sheppard, што е противречно. Како било, неговиот жакет „атика“ во боја на бургундец од велвет, се разбира, сигурно ќе ви се допадне и покрај високата цена. Чини 4.130 долари (218.736 денари). Одоздола е поставен, има внатрешни џебови (еден горе и два долу), без капаци, едноредните копчиња се обложени, а реверите и покрај острите рабови, малку се заоблени. Дупчето служи како држач за цвет. Велветот е комбинација на вискоза (69 %) и купро (регенерирана целулоза, која се добива од отпад од памук – 31 %). Како ќе го носите, со што, изборот е ваш, па и ако се одлучите за жакет во боја на бургоњско вино – „атика“, со интересна текстура. Велветот е 100 % полиестер, а цената од 5.040 долари (266.932 денари) е доволна само за инспирација. Долните џебови се со капаци. Гламурозен е несомнено, а спарувањето со ролка кога сакате да направите исклучок од правилото е непогрешно. Доколку се потрудите, можете да најдете и слична ткаенина, исто така велвет. Од друга страна, црниот „шелтон“ за коктел е класика. Чини 4.180 долари (221.384 денари). Составот на велветот е ист како првиот. Моделот е некако полежерен, а во комбинација на кошула во иста боја ќе изгледате фантастично. Белата е неизоставна и кога се трите модели во прашање. Лептир-машната исто така. Со црни панталони, чевли.

На крај, во изборот на италијанската модна куќа Gucci, односно неговиот жакет, нема случајност. Годинава слави јубилеј, сто години постоење, а месецов ќе се одржи светска премиера на филмот за основачот, семејната трагедија итн. Не ви го препорачуваме за да го купите, ако имате можност, зошто да не, но моделот навистина е убав заради поработ, а не се сомневаме ни во квалитетот. Велветот е црн, дезениран со логото на модната куќа, додека во составот има памук (24 %), полиестер (30%) и вискоза (46 %). Се работи за комотен модел, право кроен, со надворешни џебови, едноредно закопчување, а копчињата се од седеф. Неговата цена е 3.880 долари (205.495 денари). Се носи со папилотка во иста боја, но може и без, и со такви панталони. Сатенската лента отстрана е убав детаљ. Се разбира, нешто слично ќе најдете и тука, само потрудете се. 

Класиката секогаш е во мода, ништо не ѝ можат трендовите, а жакетот од велвет е само еден од многуте избори со кои нема да згрешите, особено кога одите на гала-вечер на пример или на друга свеченост. Полека можете да се подготвувате, од четвртиот „Маж на годината“ нѐ делат само дваесетина дена. Потоа се ближат празници, уште една причина да се дотерате, со жакет од велвет.    

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Anderson & Sheppard/ Tom Ford/ Gucci

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ВО СТИЛОТ НА ВИСТИНСКИТЕ, ПРАВИ ЏЕНТЛМЕНИ – СО ЖАКЕТ ОД ВЕЛВЕТ НА ГАЛА-ВЕЧЕР (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.