ВО СТИЛОТ НА ВИСТИНСКИТЕ, ПРАВИ ЏЕНТЛМЕНИ – СО ЖАКЕТ ОД ВЕЛВЕТ НА ГАЛА-ВЕЧЕР (I дел)

Тајниот агент 007 или Џејмс Бонд, па и артистите во неговата улога, секогаш нѐ воодушевуваат со нивниот изглед кој вообичаено се поклопува бидејќи стилот, начинот на облекување што е карактеристичен за нив го сака буквално секој вистински, прав џентлмен, господин човек, му се допаѓа и, се разбира, го инспирира. Елеганцијата им е заштитен знак, дефинитивно. Секако и префинетоста, отменоста и вкусот, естетското гледиште на работите, односно развиеното чувство за убавото, смислата за истото. Педесет и тригодишниот Британец, актерот Даниел Крег на светската премиера на филмот No Time To Die („Нема време за умирање“ или „Не е време за умирање“, како-годе) во Лондон, пред месец дена, го привлече вниманието на пошироката јавност со жакетот во розова боја од велвет и, едновремено, ја најави тенденцијата во модата за есенва и зимата што следува, кога се работи за вечерното излегување, формалната облека наменета за гала-вечер на пример или друга свеченост.

Факт е дека вирусната пандемија нѐ затвори некако, забраната да се организираат настани со придавката гала, како дел од протоколарните мерки, придонесе да се повлечеме од јавниот живот, нѐ лиши од задоволството да се дотераме и да одиме на некакво случување од повисок ранг, но благодарејќи на „Џентлмен магазин“ и неговиот основач – „Фрајдеј комуникации“, ќе се вратиме на убавите работи за кои се залагаме бидејќи сеќавањата на нив нѐ исполнуваат со радост, пријатно чувство што е и причина да им се препуштиме со чисто срце – отворено, искрено. Сигурно знаете дека четвртиот „Маж на годината“ ќе се одржи на 24 ноември во Double Tree by Hilton Skopje и ќе биде гала-вечер за која гарантирано ќе се зборува со пиетет и восхит. Нека биде повод за уживање, но и славење на успехот, како во работата, односно професијата, занимањето, така и во животот, приватниот. А, свеченоста изискува, т.е. бара и таква облека – свечена. Претпоставуваме дека го чекате со нетрпение за конечно, по неколкумесечното затворање, неизлегување, претпазливо однесување, да се дотерате (па и во пандемиски услови – протоколот ќе се почитува максимално), да изгледате како вистински, прав џентлмен, господин човек што внимава на себе, но и на своето достоинство, на репутацијата, угледот во поширока смисла. Имиџот е дел од него, се разбира. Бидете авторитет и кога е стилот во прашање, начинот на облекување, иако нималку не се сомневаме во вас, ниту пак во добрите манири кои ве карактеризираат.

Нема да згрешите ако се одлучите за темен костум, одело, вообичаено црн и со ревери од сатен. Во комбинација на лакирани „оксфорд“ чевли во иста боја, лептир-машна и бела кошула, гарантирано ќе го привлечете вниманието на присутните бидејќи класиката секогаш е во тренд. Но, последните неколку години се дозволува и експериментирање во смисла да се разбие монотонијата на црната, бојата што потсетува на саѓите, јагленот, како и на ткаенината од која е изработен, односно сошиен. Затоа, дизајнерите препорачуваат и различни бои, но и материјали. Се разбира, панталоните и натаму се црни, вклучително и папилотката. Кошулата останува бела. Жакетот, палтото, сакото од велвет, кадифе, сомот изгледа преубаво, предобро, а и остава впечаток на скапо парче, дел од формалната облека наменета за гала-вечер на пример или друга свеченост. Британскиот актер Даниел Крег воодушеви со изборот на гардероба за светската премиера на филмот „Нема време за умирање“ и, едновремено, му контрираше на стеретипот дека розовата е боја на жената и нѐ увери дека самосвеста е особено важна, самодовербата исто така, вклучително и држењето, ставот и манирите, воспитанието. Жакетот кој го носеше педесет и тригодишниот Британец е потпишан од Anderson & Sheppard, лондонската модна куќа ориентирана во изработката по мера од 1906 година, со акцент на британскиот drape (драпира) крој. Со црните чевли (лакирани „оксфорд“), панталони, лептир-машна и белата кошула, марамче во џебот, вклучувајќи го и Omega часовникот на раката, неизоставен аксесоар, моден додаток на Џејмс Бонд, изгледаше толку господски, џентлменски, што ги отфрли сомневањата во изборот на режисерите – Даниел Крег да биде тајниот агент 007 дури петпати.

Кога се работи за кадифеното палто, без оглед на неговата популарност оваа есен и претстојната зима, често го носел и Шон Конери во Diamonds Are Forever („Дијамантите се вечни“) пред точно педесет години. Очигледно дека убавите, добрите работи не се забораваат лесно, тукутака, влегуваат на голема врата и по неколкудецениска пауза. Но, дизајнерите го имаат во колекциите за вечер отпорано, а некои во комбинација на панталони, како дел од костум. Пред четири години, на 74th Golden Globe Awards (седумдесет и четвртиот „Златен глобус“), Американецот Доналд Гловер беше облечен во кафено одело од сомот, во комбинација на бела кошула и кафена лептир-машна, додека неговиот сонародник, Џејк Гиленхал, носеше Bottega Veneta костум од кадифе во зелена или боја на смарагд, на годинашниот 59th New York Film Festival (педесет и девети „Њујоршки филмски фестивал“), но лежерно, со бела маица одоздола.

Жакетот или палтото, сакото за вечерно излегување, како дел од формалната облека наменета за гала-вечер на пример или друга свеченост, мора да го има секој маж што внимава на својот изглед – вистинскиот, прав џентлмен, господин човек. Неоспорен факт е  дека го имате во плакарот или, пак, доколку сакате повеќе одело за кое мислите дека ви стои поубаво, подобро, дека во него изгледате посериозно, дека се чувствувате поважно, не се двоумете, носете го кога ќе посакате и каде, но внимавајте на ограничувањето, земете го предвид исклучиво свеченото одбележување на значаен настан или по некој повод. Ако сакате да ја обновите гардеробата, одберете жакет. Го викаат и смокинг. Воопшто не се споредува со фрак, одзади нема опашки. Неговите ревери се големи, а можат да бидат и сатенски. Вообичаено се комбинира со папилотка. Се разбира, одоздола може да се облече или елек или појас или набрана кошула. Доаѓа предвид и вратоврска, особено црна, додека останатите бои, дезени, повеќе одговараат на костуми без сатенски ревери, кои вообичаено се носат или на работа или во други, разни пригоди.

Кога е предноста на жакетот во прашање, мора да се потенцира неговата разнообразност, што значи дека може да се извади, тргне и лептир-машната и појасот или елекот, да се откопча малку кошулата, но и не мора, и ќе се добие сосем нов изглед – заводнички. Тогаш и кошулата не мора да биде класична, бела, туку во боја, како на пример светлосина, црна, во зависност од бојата на костумот, односно жакетот. Препуштете ѝ се на слободата, како на изразувањето, така и на волјата, и почнете да експериментирате. Опуштете се. Нема потреба од страв бидејќи со бела кошула и црни панталони, лакирани „оксфорд“ чевли, папилотка, никогаш нема да згрешите. А, жакетот може да биде и бел, и кремаст, и темносин (тегет), и дезениран, и кадифен, сомотен, од велвет. Последниот е луксузен, а декаденцијата во смисла на индивидуализам, естетизам, но не и на заостанатост, е исто така негова битна одлика, која придонесува за импозантност, впечатливост. И неговата мекост, благодарејќи на текстурата на ткаенината, било да е свилена, било да е памучна, било да е волнена, и бојата се разбира, ќе влијае на шармот, харизмата, привлечноста. Кројот исто така, модерен или класичен, сеедно. Изборот е само ваш.        

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Anderson & Sheppard/ James Bond 007/ Golden Globe Awards/ NYFF/ Tom Ford

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ВЕНЕЦИСКОТО CAFFÈ FLORIAN – ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ ВО „ЛОВОТ“ НА ЗАДОВОЛСТВАТА (I дел)

ВЕНЕЦИСКОТО CAFFÈ FLORIAN – ЗА ПОТПОЛНО УЖИВАЊЕ ВО „ЛОВОТ“ НА ЗАДОВОЛСТВАТА (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.