На пазарот на паметни часовници Huawei дефинитивно ја гради својата позиција во однос на своите конкуренти, и може да се каже дека е на завидно ниво, пред сѐ поради серијата на часовници Watch GT.
Оваа година од компанијата го исфрлија називот GT, и направија уште една промена, Lite OS го заменија со HarmonyOS оперативниот систем.
Прв производ на Huawei со кој може да се запознаеме со новиот оперативен систем е часовникот Huawei Watch 3 Pro, кој го носиме на нашиот зглоб веќе две недели. Од прва, пред да почнеме да го анализираме производот, можеме да кажеме дека Huawei направи одличен спој на врвен дизајн и премиум материјали.
Дефинитивно оваа серија на Huawei е далеку напредна. Новиот Huawei Watch 3 Pro има класичен изглед направен од лесно и издржливо титаниумско куќиште со стакло горе и керамика на долниот дел, а сето тоа е во комбинација на елегантен кожен каиш.
Huawei Watch 3 Pro изгледа толку добро што нема да ве остави на цедило во теретана, а ни на состанок со вашите деловни партнери во комбинација на кошула и сако. Ремчето е менливо, и има разни позадини за екранот што го прави прилагодлив буквално за секоја пригода.
Pro верзијата на овој часовник има големина од 48 mm х 49.6 mm х 14 mm со што може да се каже дека се работи за прилично голем часовник, но благодарение на титаниумското куќиште, е прилично лесен и не се чувствува на рака. Водоотпорен е до 5ATM, па не треба да го вадите при пливање.
Има променлив ремен со големина од 22mm и многу едноставно се менува, а големиот избор на ремени за овој часовник го прави уште попримамлив моден додаток.
Она што дефинитивно е новост и е за пофалба е активната дигитална круна на часовникот, која ја заменува типката во горниот дел, која беше на претходните модели. Можете да ја притискате и вртите и со тоа да владеете со менито на часовникот. И круната е од титаниум, и е направена толку добро да изгледа преубаво и елегантно.
На долната страна на часовникот, кој е изработен од керамика, се наоѓаат напредните сензори за следење на пулсот, кислород во крвта, како и температурата на телото. Да, во денешно време и тоа е нешто што се бара насекаде во светот, па Huawei го имплементира и термометарот за контрола на температурата на телото.
Екранот е навистина голем, или идеален да речеме. Има 1.43″ и AMOLED екран со живи бои и автоматска контрола на светлина, како и опција Always ON, одлична читливост и јасност на екранот без разлика дали сте на отворено или затворено.
Најголема промена во однос на другите часовници е новиот оперативен систем. На прв поглед нема некоја голема разлика од неговиот претходник, но круната на часовникот го прави посебен и дефинитивно полесен за управување. Поврзувањето на часовникот се врши преку апликацијата Huawei Health на телефонот. Тоа не мора да биде телефон на Huawei, може да биде и друг бренд, што е навистина одлично.
Huawei Watch 3 Pro има 2 GB RAM и 16 GB простор за складирање податоци. Ова обезбедува складирање и репродукција на музика директно од часовникот кога сакате да трчате или да шетате без телефон. Исто така, има поддршка за поврзување преку Wi-Fi и Bluetooth 5.2. Часовникот е опремен со фитнес и спортски сензори, како и GPS. Следи над 100 спортски активности, па дури ги препознава шесте најчесто користени автоматски.
Батеријата на часовникот има капацитет од 790 mAh и според Huawei нуди автономија до 21 ден со едно полнење, но доколку сакате да ги користите сите работи што ги нуди овој часовник се препорачува да го полните на секои 5 дена.
Како за крај би сакале да додадеме дека, Huawei Watch 3 Pro е дефинитивно и без сомнение премиум паметен часовник кој комбинира фантастичен дизајн, квалитет на дизајн и корисни сензори за фитнес и здравје, што ќе ве насочат кон поздрав живот, ако ги слушате.