Холанѓанката Маргарета Зеле, попозната како двојната шпионка Мата Хари, успеала да го дели креветот среде Големата војна со неколку високи воени личности од двете завојувани страни, меѓу кои и францускиот министер за војна. Тоа не и било премногу тешко, имајќи предвид дека претходно работејќи во Париз како стомачна танчерка, успешно продала лажна приказна за нејзиното егзотично индиско потекло и наводното воспитување во пагода, каде офицер од Британската колонија ја учел на вештините на играта.
Постојано опкружена со додворувачи, таа ги забавувала господата во елегантни салони со својот танц, изведен во театар, патем барајќи богати љубовници кои ќе и го финансираат животот на висока нога. Меѓу нив, според некои извори, биле композиторот Џакомо Пучини и баронот Хенри де Ротшилд.

Нејзиниот живот завршил пред француски стрелачки вод со обвинение за предавство и никогаш не било со сигурност утврдено дека таа шпионирала за Германците. Меѓу неколкуте филмови посветени на неа, највпечатлив впечаток на публиката остави оној во кој нејзиниот лик го толкуваше Грета Гарбо.