Животните стории на неколкутемина органодарители во изминатата година и пол и денес, на реципиентите, на блиските роднини, семејствата на починатите, кои во најтешките денови одлучуваат да ги подарат нивните органи, ткива и да спасат нечии животи, ќе се согласите дека влијаат и на вас, исто како врз нас, вклучително и на вашите чувства, емоции што неретко се измешани поради загубите, предизвикувајќи реактивна емпатија, и добивањето на шанса, можност за нов живот, поздрав се разбира, на луѓето со тешки, ретки срцеви заболувања, на бубрезите, на коските.., последица од нивното нефункционирање, спасувајќи ги, а истовремено нѐ тераат и на размислување околу несебичната помош, човекољубието, алтруизмот како лична определба, чии потези, постапки, благородни гестови му даваат смисла на животот, неговото постоење. И нашето, секако. Затоа и го заслужуваат вниманието на Џентлмен Mагазин.
Без оглед на полот (машки, женски), вклучувајќи ја и возраста, па и детската, органодарителството е џентлменски потег, постапка или благороден гест на кој не можеме да бидеме рамнодушни, да покажуваме индиферентност, да бидеме незинтересирани набљудувачи бидејќи дарителите на органи, ткива се најблагородните луѓе што ги заслужуваат буквално сите убавини во животот. Секако, не можеме, а да не ги споменеме и починатите донори на кои, освен длабока почит, респект, уважување, треба да им оддадеме и пост мортем признание, како и нивните блиски роднини, семејствата што и покрај големата болка, жалост, тага во моментите на тешка загуба, остануваат присебни, донесувајќи одлука за спасување нечии животи, да ги даруваат нивните органи, ткива, без да ги знаат реципиентите.
Големо уважување и почест, јавно изразено признание, заслужуваат и докторите, лекарите, специјалистите по хирургија, кои го вршат пресадувањето на органи, ткива, трансплантацијата што има релативно голема тежина и е новина во нашата земја. Се применува година и пол, од мај 2020-тата. Раководителката на КАРИЛ, доцент д-р Маја Мојсова Мијовска е и национална координаторка за трансплантација на органи, ткива. Ни излезе во пресрет и ни ги даде сите потребни информации за органодарителството, трансплантацијата во РСМ, но нашата желба да поразговараме со некои од дарителите остана неисполнета. Доследна на својата професионалност, д-р Мојсова Мијовска ни одговори: „Според Законот за трансплантација, Министерството за здравство е должно да ја заштити приватноста на донорите и на примателите на органи, ткива. Доколку тие сакаат, можат да излезат во јавноста и да ја кажат својата приказна, но, за жал, ние не смееме да ги даваме нивните контакти“. Како и да било, дарувањето на органи, ткива е пример за една од најубавите човечки особини – алтруизмот, човекољубието, несебичноста кога се работи за помагањето, наспроти егоизмот и мизантропијата што сѐ повеќе се присутни во меѓучовечките односи. Но, тоа е и пример за џентлменство, метафорично, во преносна смисла, затоа што пројавата, својството на џентлменот е благородна, синоним на великодушноста, хуманоста. Не случајно и ги споредуваме, за да ја истакнеме неговата величина, големина. Едновремено сакаме да придонесеме и за издигање на свеста за органодарителството.
Стравот е природна состојба кога човекот со чест, карактер и пристојност се соочува со неизвесноста, но храброста е исто така негова одлика. Згора на сѐ, воопшто не е морбидно да се разговара со блиските за донирањето на органите, ткивата по смртта. Така се олеснува работата, донесувањето на одлуката за нивното дарување во моментите на тага, жалост, болка, поради тешката загуба. Сепак, чувството на задоволство поради спасувањето на нечиј живот, па и повеќе, може во извесна мера да ги ублажи. Се разбира, такво е чувството и кога се донира орган, ткиво за да се спаси животот на некој близок, да се подобри неговото суштествување. Можеби е уште повеличествено, повозвишено. Во секој случај, убаво е да се знаат одговорите на прашањата за дарувањето на органите, ткивата и нивното пресадување, кои некогаш си ги поставуваме, особено во изминатата година и пол, откога се применува и тука. Од мај 2020-тата досега е извршена експлантација од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, дванаесет бубрези, едно коскено ткиво. Мораме да споменеме дека во моментот на пишувањето на овој текст е направена уште една експлантација од почината млада жена дарител, донор и пресадување на нејзиното срце кај машки, како и еден бубрег кај женски реципиент.
Трансплантацијата на органи, ткива во светот се применува безмалку седумдесет години, откако во 1954 година пластичниот хирург Joseph Murray во Бостон пресадил бубрег, а во 1956 год. докторот E. Donall Thomass во Сиетл трансплантирал коскена срж. И двајцата пионери во пресадувањето на органи, ткива во 1992 г. добија Нобелова награда за напредок во трансплантацијата. Оттогаш е толку усовршена што речиси нема компликации за време на оперативните зафати. Особено важен е постоперативниот период, кога се поставува и прашањето дали организмот ќе го прифати новиот орган. Стручните тимови во нашата земја се извонредни како и светски познатите, благодарејќи на нивните членови кои важат за одлични специјалисти во својата област, докажани стручњаци. Во секое време се готови, подготвени за дејствување бидејќи дарувањето на органите, ткивата е непредвидливо, не може да се планира, освен ако се работи за жив донор на орган, ткиво, па и на матични клетки. Зар можеме, а да не го споменеме малиот Никола, деветгодишниот скопјанец што е пример за млад, роден џентлмен? Уште од мал е алтруист, човекољубец, кој во јули годинава несебично ѝ помогна на родената сестра што боледува од леукемија, донирајќи матични клетки. Освен родителите, со неговиот потег, постапката, благородниот гест се гордеевме и ние, буквално сите. Во исто време се воодушевувавме и од храброста, смелоста на младиот јунак.
Доцент д-р Маја Мојсова Мијовска вели: „Жив донор може да донира само еден бубрег и дел од црн дроб на свој, близок роднина. Законски, донори се родители, деца или брачен другар, како и сите лица кои се наоѓаат во крвно родство со него, до трето колено, и што можат да ја докажат роднинската врска. Кај нас, на Клиниката за урологија, се врши трансплантација на бубрези од живи донори“. Во однос на починатите донори, според Законот за трансплантација на органи, ткива, секој граѓанин што не се изјаснил писмено дека не сака да биде дарител е, всушност, потенцијален донор на органи по неговата смрт, доколку неговото семејство се согласи да ги дарува органите. Тоа значи дека во регистарот на донори се сите жители на РСМ, теоретски. Затоа е важно да се зборува за органодарителството во рамките на семејството, колку што може повеќе, а тоа да биде прифатливо за сите. „Донор може да биде маж, жена или дете со мозочна смрт и, според медицинските параметри, да одговара за потенцијален донор на органи. Ако медицинските параметри за мозочна смрт на пациентот се исполнети, а притоа има здрави органи, се прашува семејството дали сака да ги донира органите (срце, бубрези, коски, во скоро време и црн дроб, се надевам). Доколку се согласат, веќе имаме донор. Министерството за здравство води Национален регистар на приматели на органи (срце, бубрези, црн дроб). Во моментот кога имаме донор и согласност за донирање органи се прават низа испитувања што треба да покажат, според медицинските параметри, на кој примател одговараат донираните органи. Мечингот го прави софтвер, врз основа на зададените медицински параметри секако. Листата на потенцијални кандидати ја прегледуваат кардиолози, кардиохирурзи, нефролози, за да се направи конечниот избор на соодветните реципиенти. Тие не се во роднинска врска со донорот. Всушност, ние воопшто не знаеме кои се реципиентите бидејќи се избираат според медицинските параметри, соодветни за примателите на органите“, концизна е д-р Мојсова Мијовска.
Нема дилема, и ставот на христијанската црква, православната и католичката, во врска со донирањето на органи, ткива е сосема јасен. Го поддржува органодарителството како, впрочем, и останатите вери, вероисповеди, религии. Според нив, донирањето на органи, ткива е благороден чин со кој се покажува, потврдува љубовта кон ближниот и што е најважно, се работи за личен избор. Никој нема право да влијае на одлуката што ќе ја донесете или да ве премисли во случај да сте одлучиле веќе. Тоа е ваш избор. Но, сепак, одлуката не ја донесувајте набрзина. Размислете повеќе, можеби ќе спасите нечиј живот, ќе го подобрите неговото суштествување. Благородноста нека ви биде мотив, поттик. Исто така и добродетелството, хуманоста, човечноста. Верниците се раководат од начелата, принципите на нивните религии. Џентлмените ги почитуваат сите, респектираат сечии права, избори, одлуки, знаат што е исправно и никогаш не се двоумат околу тоа. Според нив, дарувањето, донирањето на органи, ткива е само една нишка која ги обединува, поврзува луѓето, макар и да не се во крвно родство. Затоа и знаат што да прават кога треба, во секој важен момент.
Пишува: Игор Ландсберг
Фотографии: Freepik/ фото-архивата на доцент д-р Маја Мојсова Мијовска
ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: РАЗЛИЧНИТЕ КОМБИНАЦИИ НА СИРЕЊА И ПИЈАЛАЦИ, ИДЕАЛНИ ЗА УЖИВАЊЕ НА КУЛИНАРСКАТА СЛОБОДА