Парискиот Le Nemours, омилен меѓу џентлмените

За утрата во Париз може долго да се зборува. Привлечни се толку што секој човек би посакал да ги дочека, макар и еднаш, да се разбуди со првите сончеви зраци што се пробиваат низ капаците од прозорците на хотелската соба или, пак, да пристигне тогаш, со Venice Simplon-Orient-Express на пр., зошто да не. Како било, градот е преубав кога заживува. Денот може да почне. Со кафе и кроасан, можеби. Онака француски, типично. И весник и глетка заради која вреди да се дојде. Во иконичниот Le Nemours.

Чувството на пријатност, задоволство, па и уживање, што ве обзема кога ќе пристигнете во Париз е незаменливо, исто како неговата посета, без оглед на причината, работна или приватна, и времетраењето на престојот. Како и да е, во француската метропола не може да не се препуштите на телесното уживање, преку сетилата. Париз важи како град на хедонизмот, а џентлмените знаат често да му се предадат, без форсирање. Со мера. И без глума, секако. Живеат за себе и никогаш не се споредуваат со другите. Често знаат и сами да седнат на кафе, во исто време и да работат на лаптоп, да појадуваат или да ручаат, па и да вечераат, но, се разбира, никогаш не ги занемаруваат избраничките, децата, пријателите. Дружбата со нив е незаменлива. Па, доколку патувате за Париз, во друштво или сами, освен што ќе ги посетите историските, културните знаменитости карактеристични за француската метропола (сигурно ќе се осврнеме и на местата, градбите, предметите што имаат голема вредност, значење, како бедекер, со наши препораки), задолжително напијте се кафе, појадувајте или ручајте во париските кафе-ресторани, а навечер можете да отидете и во некој кафешантан, за промена.

Како и тамошните џентлмени, и вие можете да го започнете денот во Париз со утринско кафе и весник, па и кроасан, во иконичниот Le Nemours, како што го нарекуваат ресторанот, кој истовремено е и бар, а се наоѓа во првиот арондисман, поточно на плоштадот Colette (ова име му е дадено за долго сеќавање на француската писателка – романсиерка, пантомимичарка, новинарка, комедијантка – Sidonie-Gabrielle – 1973-1954), окружен со Palais-Royal, односно неговата градина, парк, на североисток (северно е Comédie-Française и Conseil d’Étatисточно), Rue (улица) Saint Honoré на југ, што го одвојува од Hȏtel du Louvre и Rue de Richelieu на запад. Всушност, кафе-ресторанот е карши метрото Palais-Royal – Musée du Louvre. Таму обично слегуваат посетителите на Лувр, кој патуваат со 1 и 7, а доколку се возите со автобус, тогаш ќе одберете 21, 48, 68 и 95. Во близина има две паркиралишта, на Rue des Pyramides и Rue Croix des Petits Champs, за вашиот автомобил, ако патувате со него или, пак, со изајмен.

Местоположбата на Le Nemours овозможува да уживате во глетката бидејќи плоштадот Colette важи како средиште на тамошниот културен, моден и политички живот и омилено шеталиште на љубопитните туристи, заљубениците во Париз, но само ако седите на неговата тераса, која во есен и зима се загрева. Оттаму можете да ги видите и актерите од Comédie-Française додека пушат цигари на балконите, убавите парижанки, таканаречените јапи, бизнисмените, облечени во костуми, минејќи покрај вас. Не можете да замижете и пред Les Deux Plateaux (Colonnes de Buren), контроверзната уметничка поставка на Daniel Buren, која е во перспектива.Тркалезните маси окружени со плетени столови се наредени меѓу столбовите од римската колонада. Секако, џентлмените се чести гости, сами, во друштво со нивните дами, леди.., облечени класично или лежерно, чие однесување, пред сѐ кавалерско, може да се препознае оддалеку, како наутро и околу 12 часот, така и во попладневите часови, па и навечер бидејќи локалот затвора точно на полноќ. Неговото работно време започнува во 07:00, делнички, а во сабота во 08:00. Исто е и во недела, но тогаш ресторанот затвора во 21:00.

Вообичаено пијат кафе и читаат весник, а често нарачуваат и кроасан или, пак, се одлучуваат да појадуваат друго виенско печиво, на пример багет со путер и џем, да испијат овошен сок (исцеден портокал). Заедно со кафето (американ, еспресо – кратко или долго, кафе-крем), топлата чоколада или чајот, утринскиот оброк чини 12 и пол евра, од 08:30 до 11:30. Кафето се послужува во класични шолји Café Richard, од страна на униформирани келнери, со ведра насмевка, кои се брзи во услугата и не се чека многу. Но, внимавајте на гулабите, знаат да слетаат на масите и да колват. Напладне обично се пие бело вино, а цената на шише од 750 милилитри се движи од 28 до 40 евра (на пр., Olivier Savary Chablis чини 35 евра). Исто така има црвено, розе и шампањско вино, аперитиви, дигестиви, коктели, пива итн., кои вообичаено се пијат со ручек или вечера, за што е потребна резервација, како и за времето меѓу 12:00 и 14:00. Менито е богато, има солени закуски, сендвичи, салати,крокети, десерти, па и јадења по нивен избор, чии цени се движат од 15 до 22 евра (тартар бифтек со маслиново масло, салата и пекорино сирење со пиперка чини 20 евра, на пр.). Кога се благата (десертите) во прашање, цените се меѓу 6 и пол и 9 евра. На пример, мус од чоколада и крцкаво пралине чини 8 евра. Толку се и колачите. Изборот е навистина голем, како и уживањето додека седите на терасата бидејќи таму е најубаво.

Потврда за тоа е и фактот што една од почетните сцени во филмот The Tourist од 2010 година е снимен на тоа место, каде што Анџелина Џоли пие чај, чита весник и чека порака од љубовникот, а Џони Деп ја следи. Парискиот локал се најде и во филмовите Dialogue avec mon jardinier од 2007 год. и Intouchables од 2011 г.

Внатрешноста на Le Nemours е исто така привлечна, како и терасата, заради глетката. Неодамна беше реновирана од ентериеристот Michael Malapert и неговата екипа. Зачуван е духот на локалот, но сепак, декорот е модернистички, во согласност со времето во кое живееме и со архитектурата на зградата каде што се наоѓа. Изобилува со елеганција, јаснотија, топлина, најмногу поради доминацијата на сината боја. Потсетува на слаткарница. Просторот е климатизиран. Освен што може да се седи, тоа е првенствено, има можност и да се пие стоејќи, пред шанкот. Не многу одамна, кафе-ресторанот имаше и маскота – кучето Марвел, кое почина во почетокот на август. Беше љубимец на редовните посетители, а некои од нив и го шетаа повремено.

Le Nemours навистина е приказна за себе, нешто посебно, а вие, доколку го посетите, ќе станете дел од неа, и со задоволство ќе ја раскажувате, одново и одново.

Игор Ландсберг

ФОТО: Le Nemours/Facebook/Website

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: Venice Simplon-Orient-Express по шините на историјата, до Париз

Leave a Reply

Your email address will not be published.