ПРОМОЦИЈА НА ДИПЛОМЦИ И МАГИСТРИ ПОСВЕТЕНА НА ЗНАЕЊЕТО!

Во преполната сала на Македонската опера и балет, во присуство на амбасадори, градоначалници, претставници од државите институции, родители и студенти, вечерва се одржа Промоцијата на четиринаесеттата генерација дипломци и на дванаесеттата генерација магистри на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, во својот инспиративен и емотивен говор истакна дека Универзитетот за туризам и менаџмент седумнаесет години создава знаења и генерира успешни кадри во областа на туризмот и на менаџментот, две клучни области за развојот на нашата земја. Дипломците на Универзитетот се врвни професионалци, кои работат во реномирани компании на високи менаџерски позиции.

Проф. д-р Миленковски сподели дека дружејќи се од мали нозе со книги, географски карти, атласи и глобуси, желбата и мотивацијата да го создаде брендот на универзитетот ги црпел од својата љубов кон книгите, знаењето и кон татковината. „Тоа е нашата мисија, да создаваме и да споделуваме знаења!“, истакна ректорот Миленковски, додавајќи дека само таквото знаење има моќ да создава нови светови и да ја придвижи земјата напред. Според него, одговорност на секоја генерација е да изгради подобра иднина за своите деца и внуци.

„Без минато нема иднина, без традиција нема креација, а без работа, нема напредок. Тоа сме ние, Универзитетот за туризам и менаџмент – традиција, креација и работа, многу работа“, порача тој. Во говорот особено истакна дека Универзитетот се стреми кон одличност во образованието, за што има добиено диплома за квалитет од Светската туристичка организација при Обединетите нации.

Најдобрата дипломка на Универзитетот, Марија Спиркоска, во искрениот говор со кој им се обрати на присутните од името на сите дипломци, нагласи дека Универзитет е уникатен по многу нешта, а најмногу по пријателскиот и колегијален однос на професорите. Особено е горда на својата диплома зашто е признаена во целиот свет.

За најдобрата магистерка Марија Стоилковска-Божиноска, Универзитетот е бренд синоним за иновативност и за квалитет, лидер во високото образование, но и за вредности како етичност и професионалност во работата. Истакна дека со гордост ќе го претставува својот Универзитет преку високите стандарди до кои ќе се држи на своите работни места.

На настанот беше изведена балетската претстава „Simply the best“, во кореографија на Олга Панго, која во седум слики ги претстави моментите што се помнат од образовниот процес – да се биде прваче, матурант, дипломец.

Во салата, меѓу присутните гости беа и амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија, амбасадорот на Народна Република Кина, Н.Е. Џанг Ѕуо, претставници од амбасадите на Италија и на Руската Федерација, како и ректорката на Универзитетот за комуникации и пошти од Софија, Бугарија. проф. д-р Миглена Темелкова. Честитки по повод настанот, со желби за уште многу успеси и заемна соработка ни пристигнаа и од амбасадите на Франција, Германија и на Соединетите Американски држави, како и од ректорката на Земјоделскиот универзитет во Пловдив, проф. д-р Христина Јанчева.

Настанот не остави никого рамнодушен! Да ни се множат уште многу вакви успеси и во иднина!

Leave a Reply

Your email address will not be published.