Сакате топ резултати во теретана?! Еве што не треба да правите

Секогаш кога сакаме подобри резултати од времето и енергијата што ги вложуваме во теретана се вртиме кон поголема контрола на исхраната, поинтензивни тренинзи, а некогаш и кон поквалитетна опрема. Но, често пати правиме грешки во теретана со кои несвесно ги саботираме ефектите од тренингот.

Како до подобри резултати?

Често зборуваме за тоа што и како треба да правите во теретана, но време е да зборуваме за тоа што НЕ треба да правите ако сакате подобри резултати:

1. Не ги мешајте напорното вежбање и прогресот

За да имате прогрес потребно е да вложите повеќе во вашите тренинзи, но обратното не важи баш секогаш. Напорните тренинзи не се секогаш клучот до подобри резултати. Прогресот се случува од различни аспекти и не секој тип на напорен тренинг ќе ви ги донесе резултатите што ги посакувате. На пример, вежбањето со тегови од 15 килограми во серија од 60 повторувања е еднакво напорно како и вежбањето со 35 килограми во серија од 10 повторувања, но овие 2 типа на тренинг ќе ви дадат сосема различни резултати. Со првиот ќе постигнете благ, краткотраен раст на мускулите, додека со вториот ќе остварите прогрес со долгорочни ефекти за мускулната маса. Не ја трошете залудно енергијата. Одлучете во кој аспект сакате да видите прогрес за да знаете на што да се фокусирате.

2. Никогаш не посегнувајте по поголеми тежини пред да ја усовршите формата

Знаеме дека вежбите со поголеми тежини носат поголеми резултати, но не по секоја цена. Ако брзате со зголемување на тежините без да внимавате на формата, ќе добиете спротивен ефект и ќе го зголемите ризикот од повреда. Формата на изведување е особено важна кај вежбите кои вклучуваат сложени движења, како што се мртвото кревање и чучњевите. Наместо да мислите на тоа како да ставите поголеми тежини на шипката, следете ги вашите движења, а по потреба советувајте се со искусен тренер. На тој начин многу побрзо ќе го видите прогресот што го очекувате.

3. Никогаш не се водете според туѓите тренинг програми

Гледајќи како другите постигнуваат подобри резултати, многу лесно можете да паднете во замката да се обидете да вежбате како нив. А со следењето на програма што функционира за некој друг големи се шансите повеќе да си наштетите отколку да си помогнете, заради разликите во телесна градба, сила, кондиција, фитнес ниво, цел, и во многу други аспекти. Секогаш е добро да видите како вежбаат луѓето околу вас, но тоа не значи да вежбате како нив. Следете исклучиво тренинг програма која е создадена за вас и ќе забележите дека за кратко време ќе почнете да постигнувате подобри резултати.

4. Не го оттргнувајте фокусот од тренингот

Во теретана има многу фактори кои што можат да го оттргнат вашето внимание од вежбата што ја изведувате и да ве дефокусираат. Иако повеќето од нив делуваат безопасно, невнимателното вежбање може да донесе сериозни последици. Избегнете разговори со луѓето околу вас, пораки на телефонот или местење на музиката додека вежбате. Завршете со сè што е неопходно пре да почнете со вежбање, а потоа фокусирајте се на дишењето, на изведбата и на знаците што телото ви ги дава.

5. Не запоставувајте ниту еден дел од вашето тело

Ова е можеби една од најчестите грешки кои се случуваат во теретана, и тоа од две причини. Првата е преголемиот фокус на еден дел од телото – на пример раце или гради кај мажите, задник и нозе кај жените. Дозволете ми да ве потсетам дека нашето тело е создадено да функционира во хармонија, така што секое запоставување на еден дел за сметка на форсирање на друг не може да има позитивни ефекти на долг рок. Ќе предизвикате нерамномерно развивање на телото што може да резултира со лош изглед и дисхармонија во телесните функции како што е движењето на пример. Во ред е да работите повеќе на одреден дел од телото, но никогаш немојте целосно да  ги запоставите останатите. Втората причина зошто се избегнуваат вежби на одредена мускулна група е срамот. Ако сите околу вас можат да изведуваат потешки вежби за нозе кои мислите дека не можете да ги изведете, можно е да се појави чувство на срам кое ќе ве натера да го замените вашиот тренинг со вежби на група мускули која чувствувате дека ви е посилна страна. Не го правете ова. Сетете се дека сте дојдени во теретана за да работите на подобрување, а не на покажување кои се вашите силни страни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.