Понудата навистина е голема, од нивните солени јадења до слатките, односно десертите, вклучително и напивките, пијалаците (од топли, ладни до безалкохолни, алкохолни, но не и жестоки). Доколку се одлучите да ја посетите слаткарницата (дуќан и гостилница) Demel за време на вашиот престој во австриската метропола, нема да згрешите во изборот. Подготовката е брза, иако се работи за деликатеси, без сомневање. Можете да почнете со Wiener Schnitzel (виенска шницла) или колбаси со синап (сенф), со тазе леб и норвешки чаден лосос или кесар (императорска) шунка или димени гради од патка, што било – вкусно е и да завршите со некој десерт, еден-два, во комбинација со вино, кафе, чај. Притоа ќе уживате во амбиентот кој е инаков, се разликува од венецискиот на пример, во ренесансен стил, без оглед на доминантниот барок што е карактеристичен за Виена, неговиот прекумерен раскош, украсеност. Елеганцијата некако им прилега на пространите салони на првиот и вториот кат, во земјени, кафени тонови, нијанси, комбинација на дрво и мермер, топло и ладно.
Demel е идеално место за есенските, зимските денови, за да се запази традиција на пиењето кафе, исхраната, нивната култура. Порано, аристократите или благородниците и буржуите по шетањето на Kohlmarkt навраќале во гостилницата да испијат кафе (обично меланж – кратко еспресо и млеко, пена), да испушат цигара, па и да каснат. Исто е и денес, прошетката низ шопинг-улицата со ексклузивни продавници, вклучително и Graben, финишира со негова посета. Многумина виенчанци го започнуваат денот во гостилницата, со весник или набљудувајќи ги случајните минувачи. Обичајот е запазен и кога се работи за однесувањето, начинот на комуникација, својствено за Demel. Имено, таму послужуваат келнерки, облечени во црно-бели униформи. Посетителите ги ословуваат со Demelinerinnen, а тие, пак, комуницираат на таен (демелски) јазик, ем дистанцирано, ненаметливо, учтиво ем индиректно, како да се обраќаат на трето лице, во нивен стил и аристократски, благороднички манир – „Што ќе нарача господинот?“, „Дали госпоѓата ја избришала правта (прашината)?“, вообичано прашува гостинот веднаш по служењето, ако е донесен колач без посипан шеќер одозгора, „Што би рекла царицата“… Не се работи за извештаченост, напротив. Жителите на Виена не глумат, не се однесуваат неприродно. Такви се, шегите им се малку сериозни, во стилот на империјализмот што би рекла царицата, ха!
Виена е скап град, особено за нас и нашиот животен стандард, но се чини дека и скапотијата е релативна, па цените се и вака и така. Всушност, не се разликуваат од Венеција на пример, Лондон, Париз. Доколку нарачате меланж или кафе лате или капучино или Einspänner („коњот самец“ е долго еспресо и шлаг во стаклена чаша) ќе платите 5,90 евра, за „фијакер“ (долго еспресо, црешов шнапс и шлаг) или Anna Demel (со портокалов ликер и шлаг) треба да издвоите 8,90 евра, цената на топлата чоколада е 6.90-7,80 евра (без или со шлаг), а чаевите се 6,50 евра. Чаша вино чини меѓу 4,40 и 7,50 евра, додека шише од 35 до 85 евра. Можете да се напиете и пиво (3,90-6,50 евра) и коктел (од 9 до 12 евра), има сѐ. Ако решите да каснете, земете багет со димен лосос и рен (18 евра) или пилешко и салата од компири (17 евра) или гулаш и компири (приготвени старински – 16 евра) или колбаси во сафт од гулаш, пржено јајце и квасен леб (12 евра) или со додаток на сенф, тазе рен и бесквасен леб (8,50 евра) или, пак, Kaiserschmarrn (сечкана палачинка и сливов ошав – 10,90 евра). Но, Demel е, всушност, препознатлив најмногу по слатките, десертите, од Аnna Demel, добош, захер торта, Fächer (со јаболка, еврејска), со тартуфи, моркови, јогурт и малини, афион, до штрудла со јаболка. Едно парче кошта 5,50 евра, додека Fragilité колачот со крем од кафе и путер чини 5 евра.
Виена е накитена веќе, како и продавниците, а почнаа да се продаваат и подароци за Божиќ. И дуќанот во Demel е поготвен за празничните денови, се примаат нарачки за Guglhupf (куглоф), Stollen (колач во форма на леб со кандирано овошје), торта, но и се купува, независно од празникот. Негова постојана муштерика била и Sissi, австриската царица. Самата си нарачувала подароци од K.u.K. Hofzuckerbäcker, како на пример зашеќерени љубичици. Се разбира дека не одела во продавницата, туку испраќала гласник, а инсистирала на брза испорака во царскиот дворец Hofburg од газдата. Кандирано цвеќе се продава и денес, но може и да се порача, онлајн. Кондиторските производи се достапни секако, ама пазарењето таму не може да се спореди со купувачката преку интернет. Сепак, далечината го дозволува и тоа, па така, можете да нарачате и вие, за себе или за подарок на љубената жена, зошто да не. Сигурно ќе ја воодушевите со зашеќерени љубичици или ружини корони во сребренеста кутија од 38 г. Нејзината цена е 12,50, односно 12 евра. Понатаму, за божиќен Stollen во дрвена кутија ќе платите 32,50 евра (500 г, а 250 г=23 евра), захер тортата чини 51 евро (голема, малата е 31 евро), цената на куглофот се движи меѓу 9 и 17,40 евра. Да, испорачуваат и слатки, па дури и во странство, но и џемови во дрвени кутии, во пакување од еден или три (12, т.е. 13,70-23,20-30 евра), чоколади и чоколадни бонбони, чајни и бисквити со сирење, сувенири. Битно е уживањето, задоволството во малите нешта.
И уживањето, задоволството во пиењето кафе има големо значење, тоа е и своевидна хедонистичка симболика во градот на соништата, другото име на Виена, кое му го дал Сигмунд Фројд или на музиката, како-годе. Иако не се родил во него, Лудвиг ван Бетовен го сметал за свој дом, таму и починал, а Волфганг Амадеус Моцарт потекнува од строгиот центар, првиот дистрикт Innere Stadt. Освен што компонирале, и двајцата имале допирни точки соFrauenhuber, кафеаната за која се вели дека придонела и за културниот и за сестраниот напредок воопшто, т.е. за развојот на културата на исхраната и пиењето кафе, во друштво со Demel. Секако дека ја има во градскиот бедекер со цел да се посети заради нејзиниот култ. Важела за сврталиште на интелектуалците (поети, сликари, уметници) што живееле боемски, неконвенционално. А, настапите на Моцарт и Бетовен се споменуваат и денес. Првиот ја извел пасторалата на Хендл во студен (ноември) 1788 година, додека вториот го свирел квинтетот за фортепијано и четири рогови на 6 април (тревен) 1797 год. Но, сѐ уште се зборува и за музичкиот кловн Bohdanowicz и неговото семејство чиј перформанс во 1802 г. ја восхитил публиката, сите четворица свиреле на едно пијано, истовремено. Таму се одржувале и балови и драмски изведби и изложби и книжевни вечери и предавања. Како било, историјата, минатото на Frauenhuber нѐ враќа уште поназад, во 1824 година, кога се отворил, а зградата во која се наоѓа сега е поранешна бања и датира од 1314 год. Доволна причина за пиење кафе со нешто слатко можеби, за навидум обично, но сепак извонредно, ретко искуство.
Продолжува… (Третиот дел од текстот ќе го објавиме утре)
Пишува: Игор Ландсберг
Фотографии: Demel/ Frauenhuber
ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТАМУ, ВО DEMEL И FRAUENHUBER СЕ ЗАЧЕТОЦИТЕ НА ВИЕНСКАТА КУЛТУРА НА ИСХРАНАТА И ПИЕЊЕТО КАФЕ (I дел)