ТАМУ, ВО DEMEL И FRAUENHUBER СЕ ЗАЧЕТОЦИТЕ НА ВИЕНСКАТА КУЛТУРА НА ИСХРАНАТА И ПИЕЊЕТО КАФЕ (I дел)

Виена, градот чија возвишеност нѐ прави зависни од него, а чувствата што ги предизвикува нѐ враќаат секогаш кога можеме, без исклучок и сакаме пак, за одново да ја доживееме неговата магија, во смисла на привлечност, убавина, да го почувствуваме минатото, историјата присутна секаде, на секој чекор, па и културата – духовната, материјалната, вклучително и општата, на однесувањето, музичката, на исхраната и пиењето кафе, таму, во Demel и Frauenhuber – двете најстари, први, но и градски сврталишта на вистинските, правите виенчанци денес, е вреден за посета и неколкупати во животот, не само еднаш. Може и сега или евентуално за недела-две, кога ќе се отворат сите божиќни маркети. Градот веќе е украсен, а претпразничното расположение е почнато, без оглед на вирусната пандемија и мерките против неа, изолацијата на невакцинираните како дел од колективната свест. 

Неоспорен е фактот дека неговите граѓани се издвојуваат од жителите на останатите метрополи со нивните манири, етикецијата што е пример за утврден ред и правила за начинот на однесување, кои важат за џентлменски, господствени, по малку неразбирливи меѓу балканците (зборот не случајно е напишан со мала буква, поради неговата пејоративност), но инспиративни, како за идните генерации, така и за оние што постојано се надградуваат во секој поглед, моралниот пред сѐ. Оттаму и виенската школа, изразот што се употребува и кај нас, многу често, ама нејзиното спроведување на дело е малку потешко. 

Немојте да нѐ сфатите погрешно, господата, џентлмените се исти насекаде, во целиот свет, фините манири се одлика на сите, отменоста, префинетото однесување исто така, но виенчанците се карактеризираат со исклучително високо ниво на култура за која се вели дека е и патетична. Навидум се ладни, недостапни, но вистината е поинаква – имаат чувствителна душа, нивната искреност, отвореност е резервирана само за најблиските. Да допрете до нив, ќе ви треба долго време, освен ако не се откажете брзо. Во спротивно, ќе имате пријатели засекогаш. На нивната етикеција ќе се посветиме другпат, во целост, како и на останатите знаменитости, но и сега ќе споменеме неколку, да се запази редот, како своевиден прелудиум во приказната за најстарата градска слаткарница (дуќан и гостилница) – Demel и за Frauenhuber – виенската кафеана што работи безмалку двесте години, поточно сто деведесет и седум, прва од таков вид, иако неколкупати го менувала името. Таму се развивала и граѓанската (општа) култура, се усовршувала сѐ додека не се перфекционирала, согласно начинот на живеење, неговиот стил. А, културата на однесувањето, музичката, на исхраната и пиењето кафе станала дел од неа, последователно. 

Накратко, виенчанците се ословуваат по име, но и со титула, нивното звање, тоа им е особено важно. Задолжително се ракуваат кога ќе се сретнат со некого, никогаш не пружаат први рака на жените, го чекаат тоа од нив, а ги поздравуваат и децата, без исклучок. Патем, внимаваат на својот изглед и секогаш се дотерани. На улица не излегуваат со тренирки, во лето не носат ни шорцови бидејќи велат дека разголеноста е непристојна. Често одат на претстави, концерти, вечери. Кога наздравуваат, ги креваат чашите и велат Prost (На здравје), гледајќи се во очи. Не случајно го кажуваме ова, виенчанците обрнуваат големо внимание на говорот на телото, а често се разбираат и со поглед. Ресторанските сметки ги плаќаат тие што покануваат, но не се противствуваат на нечие инсистирање бидејќи набргу возвраќаат, без одолговлекување. Бакшишот се подразбира, десет отсто е вообичаена сума. Од друга страна, пак, Виена е позната и како град на класичната музика. Причината е многу едноставна, неколкумина композитори, меѓу нив и Лудвиг ван Бетовен и Волфганг Амадеус Моцарт, го сметале за свој дом, а филхармонијата, операта, вклучително и момчешкиот хор за кој се вели дека заедничкиот глас на децата е тешко споредлив, освен со ангелскиот (метафорски израз), и натаму ги изведуваат нивните музички дела, грижливо чувајќи ја традицијата во исто време.

Барокните зданија како своевидни времеплови нѐ потсетуваат дека минатоста, животите на историските, важни личности биле повеќе идеалистички, неретко преполни со каприци, хирови отколку реалистички. Оттаму и прекумерниот раскош на декорациите и претераниот луксузен живот. Но, и тоа е дел од стварноста, некогашна и сегашна. Денес таа се врти околу Ringstrasse и неколкуте дистрикти чија немост е исто така сведок и на културниот прогрес, настаните во далечното и блиското минато, па и во сегашноста. Виенската култура на исхраната и пиењето кафе запачнала многу одамна, пред точно двесте триесет и пет години, кога кондиторот Ludwig (Louis) Dehne во 1786 година ја отворил својата слаткарница спроти некогашниот империјален Hofburgtheater, денешен Burgtheater. Не требало време да се разработи, напротив. Од почетокот се здобила со голема популарност, висок углед. Кога во 1856 год. се преселила во централниот, првиот дистрикт Innere Stadt во стариот дел на градот, на Kohlmarkt 14 каде што е и денес, веднаш се претворила во сврталиште на благородништвото, аристократијата и буржоазијата. Младиот император Franz Joseph I чија ексцентричност била очигледна и во љубовните писма кои им ги испраќал на слатките и сопругата Elisabeth што не му одолевала на сорбетот од љубичици, биле постојани купувачи во дуќанот, а гостилницата важела за своевиден аџилак, поклонение. Така ја нарекувале и по монархискиот пад.

Anna Demel е првата жена комерцијален советник, а звањето го добила во средината на 1950-тите, кога ја уверила јавноста дека се задржани утврдените стандарди отпорано и дека не планира да ја прекине традицијата, задржувајќи го порталот од времето на монархијата, дуална и апсолутна. По нејзината смрт, зетот Federico Berzeviczy-Pallavicini, инаку барон, придонел за исклучителната визуелност на слаткарницата, благодарејќи на богатите излози, декорациите со Wiener Werkstätten мотиви кои можат да се видат на дел од пакувањата и денес.Моментален сопственик на Demel е австриската групација Do & Co за чие стопанисување велат дека е во согласност со желбите на Anna, но зачувана е и традицијата на церемонијалното, сезонско уредување на излозите и во други, разни пригоди. Во подрумот се музејските вредности, експонатите – од алатки до пакувања што се користеле во текот на двесте триесет и петгодишната работа на дуќанот и гостилницата. Влезницата чини 4 евра. На располагање се и двајца водичи.

Настрана историјата, но Demel и денес е трејд-марк на Виена. Секогаш има купувачи, посетители, неретко се бара и место повеќе. Освен кафе и парче захер торта со шлаг, може да се нарача и топла чоколада и кремпита и парче добош торта и чајно печиво и штрудла, понудата нема крај. За Demel велат дека е продолжеток на дневната соба на виенчанците и виенчанките кои речиси секојдневно можат да ги посматраат и кулинарските вештини на готвачите, кондиторите и пекарите додека ги усукуваат корите за штрудлата со јаболка, традиционалните виенски рум коцки ги премачкуваат со глазура или обликуваат различни фигури од фондан. Истовремено ги подготвуваат и нарачките за деликатесните, солени јадења што се послужуваат за појадок (доцен), ручек или вечера (рана) бидејќи слаткарницата работи секој ден, од 10-11:00 до 19:00.    

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре, а задутре и третиот)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Demel/ Vienna Info/ Wiener Philharmoniker/ WSK

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЏЕБНОТО ШАМИЧЕ, НЕИЗОСТАВНО И ВО СТАРО ВРЕМЕ И ДЕНЕС (I дел)

ЏЕБНОТО ШАМИЧЕ, НЕИЗОСТАВНО И ВО СТАРО ВРЕМЕ И ДЕНЕС (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.