ТАТКОВСТВОТО КАКО ЏЕНТЛМЕНСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕЦАТА И МАЖОТ РОДИТЕЛ (II дел)

Особено важна е и вербалната комуникација, нејзината експресија, како впрочем и останатото. Следете ги упатствата, инструкциите на педагозите, психолозите – во комуникацијата со детето бидете по малку строги, но праведни, без омаловажување и контрола. И пренебрегнување исто така. Детето учете го дека човештинатахуманоста е одлика на џентлмените, луѓето со чест, карактер и пристојност, дека учењето никогаш не запира, трае до крајот на животот, но и дека вашето присуство е постојано кога треба да одговорите на неговите прашања, да му дадете повратна информација. И секогаш бидете пример за него, покажете ја човечноста на дело, колку што можете повеќе, почесто.

Искреноста, пак, е особина која во сегашно време не се цени баш, но учете го за неа, за чесноста, т.е. моралната исправност и, секако, интегритетот, односно моралната чистота.

Вашата разиграност ќе помогне да сфати дека се чувствувате весело, живо, па и енергично додека играте со него. Истражувањата покажуваат дека погрубата, посурова игра, во која се однесувате построго, влијае на неговата способност да ги контролира, регулира чувствата, но и да ги прифаќа ограничувањата, границите. Вашата марливостработливост нека биде пример за него, учете го за трудољубивоста, да биде вреден. Покажете му дека работната етика придонесува за големо постигнување, а тоа, секако, резултира со задоволство на психолошки план. Но, марливоста не се однесува исклучиво на работата, занимањето, туку и на училишните обврски, вклучително и на домашните.

Ролјата, улогата на таткото во животот на детето, па и во семејството е особено важна, негова обврска е да биде опора, потпора во смисла на сила, влијание, авторитет, да биде поддржател, но и водач. Епитетот, придавката добар ја заслужува таткото што важи за семеен човек, кој се труди да ја усогласи работата, кариерата (неретко и на сопругата) со присуството во животот на детето, но не како набљудувач, туку како учесник, полн со љубов. Ја покажува така што се грижи да ги задоволи неговите и потребите на семејството. Често, кога напредува во работата, кариерата, за сметка на детето, сопругата, го мачи совеста. Притоа не ги заморува, не им здодева со тоа, го чува за себе, во себе, сакајќи да ги поштеди. Тој е и старател, чувар на моралните вредности откога на детето ќе му укаже на нив, со цел да израсне во индивидуа, како одделна личност во општеството, кое ќе ги почитува и останатите. Таткото го учи детето и за способноста да се соочува (храбро) со проблемите, неволјите и никогаш да не се компромитира себеси, своето убедување, за да им угоди на другите. Истовремено е и заштитник, кој на детето ќе му влее самодоверба, односно ќе придонесе за негов развој, развиток во самоуверена, независна личност што е способна да се заштити себеси.

Џентлменството е пројава, својство на таткото во односот меѓу него, како маж родител и детето, кое има особена важност и влијае на исходот, резултатот на неговото воспитување. Притоа е неопходно да се постави авторитетно бидејќи детето во таткото гледа централна фигура во неговиот живот, со доверба, почитување, углед, влијание со лична вредност и, се разбира, водач. Обично се вели дека таткото е првиот маж во животот на ќерката, женското чедо, затоа е битно да укажува на вредностите на жените. Кога со нив се однесува со љубов и почит, таткото го обликува мислењето на ќерката за мажите во добра смисла. Едновремено ја зацврстува нејзината самодоверба така што покажува како еден господин човек, џентлмен треба да се однесува со дама, госпоѓа, госпоѓица. Исто така, неговата почит кон жената ќе влијае и на односот на синот, машкото дете кон неа, соодветно.

Авторката Dana Roberts Clark го споредува таткото со светилникот. Вели: „Тој е како кула со фенер покрај брег. Кога ќе започне бура (животна), ќе ја здогледате неговата светлина“. Наместо да трча по детето, да го спаси, авторката препорачува да ја запали светилката којашто потсетува на светилникот, како вистински, прав маж родител. Притоа не крие дека животот е несовршен и затоа, на детето му дозволува да греши. Му покажува дека е нормално и да падне, да се доживее и неуспех во животот, но и повторно да се крене. Може да се постави мадлесто, но како светилникот, и кога е врнежливо и кога е сончево, и кога има плима, прилив и кога има осека, одлив, секогаш ќе биде во негова близина, да го фати за рака, да му даде поука и да му покаже како да продолжи, во кој правец. Едноставно ќе му го осветлува патот.

Од друга страна, татко може да стане букавално секој маж, но не и да остане, во поширока смисла. Неговата улога во животот на детето е главна, заедно со мајката, и незаменлива. Влијае на емоционалноста, нејзината добробит, благосостојба. Детето очекува од таткото да воведе правила, но и да ги почитува, т.е. спроведува. Во исто време бара од него и заштита, како физичка, така и емоционална. Сака да се чувствува горд со него, а истражувањата покажуваат дека поврзаноста меѓу таткото и детето, вклучително и поддршката, ја подобрува и когницијата и комуникацијата, станува подруштвено. Од начинот на кој таткото се однесува со детето зависи како тоа ќе се однесува со другите, а и ќе бара такви, со карактеристики, особини како неговите. Всушност, пријателите, љубовниците, сопругата ќе ги бира согласно доживувањето и значењето на односот со таткото.

Како што кажавме и претходно, од него зависи емоционалноста и на ќерката, односно женското чедо. Ако таткото е полн со љубов и нежен со жените, кога ќе порасне и ќе почне да излегува, во мажите ќе го бара неговиот карактер, нарав. И доколку е мадлест, смел, храбар, ќе има потреба од такви мажи во нејзина близина. За разлика од ќерките кои ги моделираат односите со мажите согласно карактерите на татковците, синовите или машките деца на ист начин се моделираат себеси. Тие, уште од мали, бараат негово одобрување. Додека растат, се однесуваат како луѓето во нивната близина, вообичаено татковците. Впрочем, од нив учат како да функционираат во светот. Ако таткото е грижлив, со луѓето се однесува со почит, и детето ќе израсне во таков човек, а доколу е отсутен, го нема во неговото рано детство, ќе бара друг маж, таква фигура, за да му помогне, да го упати во тоа.

Џентлменскиот однос меѓу таткото, мажот родител и децата – сеедно е дали се машки, женски, го дефинира татковството како нешто свето, возвишно, благородно за нив. Овде не мислиме на својството, улогата на таткото на хартија, туку на вистинското, правото – на дело, со целосно присуство во животот на децата, постојано, додека не пораснат, не ја достигнат зрелоста, па и понатаму, карактеристично за вистинскиот, прав маж – господин човек, џентлмен.   

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Freepik

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТАТКОВСТВОТО КАКО ЏЕНТЛМЕНСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕЦАТА И МАЖОТ РОДИТЕЛ (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.