ТАТКОВСТВОТО КАКО ЏЕНТЛМЕНСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕЦАТА И МАЖОТ РОДИТЕЛ (I дел)

Без оглед на овдешната владина желба, идеја за нумерирање, означување со број на родителите, 1 и 2, по теркот, моделот на Западот или земјите од Западна Европа и САД, нашето размислување оди во спротивен правец. Мислиме дека е нонсенс и дека едноставно нема потреба од такво нешто. Иако е 21 век, родителството од памтивека се заснова на мајчинството и татковството, на кое ќе се осврнеме и денеска и утре. Можеби нема да се согласите со нас, имате право на сопствено уверување, но својството, улогата на таткото е неприкосновена, ненадминлива, незаменлива. Исто како состојбата, својството на жената да раѓа, да е мајка.

Татковството или својството во смисла на улогата на таткото во семејството, потесната фамилија, во подигнувањето на детето, неговото воспитување, извршување на свесно влијание кога се работи за формирање на личноста на чедото, породот, потомството, вклучително и заштитата, во секој поглед, особено на давањето/добивањето чувство на сигурност, безбедност, како во раното детство, така и во подоцнежните години, затоа што таткото, таткото на семејството (патер, патер фамилијас) е опората, столбот, важи за неприкосновено, ненадминливо, незаменливо, чие далекосежно значење ја потврдува неговата битност, важност и вредноста од широки, стравотни размери, како непроценливо богатство. Детето има потреба од татко, семејство, кое придонесува за нормален развој, развиток, оформување на личноста, карактерот (секој родител тежнее да го израсне во лице со силен морал, со цврсто и доследно однесување, во чесен човек, како носител на одредени морални квалитети) и така натаму.

Не дека мајката е помалку важна, напротив. Но, најубаво е кога детето расте со двајцата родители. Нивната улога е различна, поделена бидејќи односот е инаков, поставеноста во него и слично. Притоа не говориме за деструктивните, наша целна група се луѓето со чест, карактер, пристојност. А, мораме да ги споменеме и самохраните родители, како на пример мајките, што заслужуваат внимание, пофалба, но сѐ повеќе расте и бројот на татковците кои сами се грижат за издржување на себеси и на своите малолетни деца. Телевизиските дневници секојдневно нѐ потсетуваат дека животот не секогаш е убав, знае да биде и суров, тежок, мачен, полн со искушенија. Борбата ги обезличува, како и негрижата на државата за нив, за нивните деца, неретко и со посебни потреби. Таква е нашата реалност, луѓето се организираат и помагаат колку што можат. Е, тоа е џентлменство, како на пример хуманите постапки на неколкутемина добротвори пред извесно време, поточно минатата сабота, кога на таткото и тројцата синови, едниот (седумнаесетгодишниот Дарко) болен од целебрална парализа, им подарија нов дом, за повеќе да не живеат во трошната куќа. Се разбира, и господинот Арсовски е човек за пример, кој се грижи за нив, со чисто срце – вистински, прав маж. Џентлмен. Неговата широка смисла нѐ прави еднакви, сосем исти.

Неодамнешниот филм Fatherhood (Татковство) на Paul Weitz, со американскиот стенд-ап комичар и актер Kevin Hart во главната улога, говори за татковската грижа, воспитувањето на ќерката по неочекуваната смрт на мајката, ден по нејзиното раѓање. Без оглед на комичните ситуации, случки во драмата, се работи за вистинита приказна, опишана во книгата на Matthew Logelin – Two Kisses for Maddy: A Memoir of Loss and Love. По неговата премиера на 18 јуни годинава, се отвори прашањето за татковството, не исклучиво самохраното, туку и во рамките на семејството, каде што мајката е исто така дел од него. Постојат и други филмови кои говорат за татковството, за односот меѓу децата и мажот родител. Не само што ви ги препорачуваме да ги гледате, туку и да ги анализирате, кога можете, во слободно време, да размислувате, па и ако немате дете, а сакате, планирате, но и доколку имате, било да е ваше – родено, било да е посвоено, било да е на сопругата од претходниот брак, врска. Нема разлика, всушност не треба да постои. Детето сака внимание, љубов пред сѐ, заштита… Така ќе влијаете на неговиот развој, развиток, ќе придонесете во изградувањето на личноста, карактерот, во нивното формирање и натаму, додека ве има во животот, може да поразговара со вас, да ги сподели желбите, идеите, плановите, вклучително и дилемите, мислите.

Педагозите, психолозите ја истакнуваат битноста, важноста на присуството на таткото во животот на детето, било машко, било женско, како и разликата во неговото влијание на понатамошното доживување на нештата, како на пример љубовта, односот кон жените/ мажите и окружувањето воопшто, дали ќе биде здрав, правилен и слично. Исто така ги потенцираат и неговите квалитети, позитивните својства, особини поради кои се здобива со епитетот, придавката добар. Според истражувањата, децата во татковците гледаат заштитници, учители, херои, со нив се чувствуваат безбедно, силно, утешно, а од нив добиваат и мудри совети, неретко и поради наобразбата. Присуството има пресудно значење, но само доколу е проследено со учество на таткото во воспитувањето на детето, неговиот развој, оформувањето како личност. Во спротивно е бесцелно.

Прво, довербата што ја има детето во таткото е особено важна. Се работи за неговото присуство и во добрите, но и во лошите моменти од животот, и кога е убаво, а и кога е грдо, неубаво. Чувството дека таткото е достапен во секој момент, дека е доследен на тоа, на својот збор, му дава голема сигурност на детето. Исто така и вклученостаинволвираноста во неговото секојдневие, на дневна основа. Без оглед на љубопитноста, претпазливоста, кои често знаат и да пречат, неопходно е таткото да биде дел од интересите, надежите, соништата на детето, со давање совети, предлози и така натаму. Сочувствувањето, пак, е потребно кога детето се соочува со тешкотии, проблеми, едноставно има мака на душата, но таткото мора да му влее надеж, вера дека ќе поминат, ќе се решат, надминат. Во такви ситуации вообичаено расте и поврзаноста, блискоста меѓу таткото и детето.

А, ценењетопочитувањето на мајката на детето не значи дека секогаш треба да се согласувате со неа, туку да изразувате почит, љубов и да ја чувствувате, секако. Тоа подразбира и нејзино целосно прифаќање, со сите мани, несовршености. Покажете ја љубовта што ја чувствувате на дело, не само во мислите бидејќи како се однесувате вие, така ќе се однесува и детето, или ќе ја покажува љубовта или не. Можеби сочувствување и емпатија е исто, но тука контекстот е различен. Емпатијата, спремноста и способноста да се сочувствува со другите, да се ставите во нивната положба, прави да ве ценат повеќе, да ве почитуваат, па и ако не ви се допаѓа, не ја сфаќате. Притоа, детето ќе почувствува дека таткото е присутен, ангажиран, дека суштествено ја разбира.

Продолжува… (Останатиот, втор дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Freepik

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЧАДОРОТ – И ПОТРЕБА И АКСЕСОАР, МОДЕН ДОДАТОК НА ЏЕНТЛМЕНИТЕ (I дел)

ЧАДОРОТ – И ПОТРЕБА И АКСЕСОАР, МОДЕН ДОДАТОК НА ЏЕНТЛМЕНИТЕ (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.