ЧАДОРОТ – И ПОТРЕБА И АКСЕСОАР, МОДЕН ДОДАТОК НА ЏЕНТЛМЕНИТЕ (II дел

Трети се чадорите за голф. Можеби не знаете, но кога временските услови се лоши, неповолни, со ветар и дожд, играчите се заштитуваат со такви, специјални чадори што ги држат луѓе ангажирани за тоа. Не се обични, напротив. Обемот на кругот, односно површината на оптегнатиот материјал, покривката е голема, од 60-65 до 70 инча (од 152,4-165,1 до 177,8 сантиметри), поради која треба да се тешки, но фибергласот придонесува за нивната леснина. Од стаклена волна е направена рамката, валмото и сепараторите, затоа се вели дека е своевиден громобран. Имаат ергономска рачка, дршка и двојна церада, восочно платно за заштита од ветар и дожд.

Четврти се класичните чадори, присутни во голем број, огромен, и можат да се најдат секаде, ги продаваат и на улица, пазар. Вообичаено се прават од метал, полиестер, дрво, а отворањето е или рачно или автоматско. Натстрешницата содржи микровлакна, оската (валмото) најчесто е долга, има свиткана дршка, рачка од едно парче дрво, со ремен за да се носи в рака и важат за традиционални, а истовремено и современи чадори. Се разбира, тие се најевтини, достапни за секого.

Џентлмените, господата внимаваат на својот изглед – тоа е факт, нема сомневање дека размислуваат што ќе облечат, какви модни додатоци, аксесоари ќе стават или носат, а чадорот е, секако, дел од нив. Комбинацијата мора да биде усогласена. Доколку се облекувате скапо, таков нека биде и чадорот. Се разбира дека има поевтини, а изгледаат убаво. Можете да одберете и такви, но внимавајте на квалитетот, да не ви се распадне при отворањето, некогаш и вториот пат. Исто така, обрнете внимание и на боите, нека бидат во склад. Без оглед на трендовите кои ги наметнуваат дизајнерите, модните креатори, особено младите и препорачуваат шареноликост, разнобојност, не се раководете од нив, тие повеќе се резервирани за жените. На господата, џентлмените им прилегаат две-три бои, максимум. Ако сакате да експериментирате, ви советуваме да се препуштите на комбинацијата на тоновите, нијансите, така нема да згрешите. Класичниот изглед е својствен за вистинските мажи, а џентлмените, господата се такви, неоспорно. Истото се однесува и на чадорите, нека бидат во една боја, монохромни – црни, тегет, сиви, кафеави, освен ако не играте голф на невреме. Покрај еднобојни, тие се и во различни бои, полихромни. Единствено чадорите со каро (шкотско, а потсеќа на тартан) се прифатливи. Од друга страна, господата, џентлмените се традиционалисти, мнозинството ако не сите, го сакаат луксузот и живеат во духот на убавината, привлечноста, вклучително и модерниот гланц, но со мера.

Рачната изработка што важи за квалитетна, па и совршена, е вистински избор кога се чадорите во прашање. Ќе ги споменеме лондонските господа, џентлмените повторно, англиските и британските воопшто, и нивната лична определба, да купуваат и носат облека, аксесоари, модни додатоци со вредност, не исклучиво парична, туки и традиционална, историска во смисла на изработувањето, кои се издвојуваат од медиокритетите, просечноста со нивниот квалитет, исклучителноста, особеноста, посебноста. Чадорите на Pickett, Brigg (Swaine Adeney Brigg) и James Smith & Sons го привлекуваат нашето и  вниманието на џентлмените, господата во Лондон, Англија и Британија воопшто, а се надеваме и вашето, без оглед на останатите дуќани за чадори во британската метропола, кои се посветени на рачната изработка со години, децении. Првите се луксузни, како и другите, но трговската марка, односно брендот е понов, од 1988 година. Основач е Trevor Pickett, а нагласокот е на дрвото што се користи за изработка на дршките, рачките. Можат и да се нарачаат, да се направат со платната, материјалите на порачувачите, да се испечатат одоздола или да се додадат и држачи за пенкала. Сите чадори се тестираат за издржливост на ветар со брзина од дваесет и седум километри на час.

Вторите се наменети за традиционалистите, првенствено. Brigg датира од 1836 год., а соработката со Swaine Adeney започнала во 1943 г., кога се споиле. Заедничката продавница се наоѓа на Пикадили, мала е, но посетена. Високиот квалитет е својствен за нејзините чадори, кои ги носат џентлмените, господата и дамите, госпоѓите, госпоѓиците, членовите на кралското семејство, премиерот.., како британските, така и странските, и денес и порано. Можат да се видат и на големото филмско платно, во Singin’ in the Rain, Marry Poppins, Fumo di Londra,Kingsman: The Secret Service. Има околу петнаесетина модели, а цените се движат од 350 (25.594 денари) до 875 фунти. Нарачките се испорачуваат по шест-осум недели.

На пример, чадорот со шишенце за пијалак во бастунот од буково дрво, каде што се спојува со рачката, дршката од мелака е наменет за „духовните“ господа, така пишува на етикетата, и чини 875 фунти (63.984 денари).Материјалот е најлон, но доколку сакате да биде свилен, во црна боја, треба да платите уште 345 фунти (25.228 денари). И „Принцот од Велс“, наменет за интелигентните, проникливите џентлмени, има дршка, рачка од мелака, наместа обвиена со чисто сребро, прицврстена на бастунот од буково дрво, а чини 580 фунти (42.412 денари).

Третите, на James Smith & Sons, веројатно се најпознати. Во Лондон, ако викнете такси, а на возачот му речете да ве одвезе до некој дуќан за чадори, сигурно ќе ве остави пред James Smith & Sons, на New Oxford Street. Таму е од 1830 година, уреден старински, како што се прават и чадорите. Некогашната изработка се применува и денес, а голем хит се природните, необработените и рачките, дршките во форма на животинска глава, со ликот на Шерлок Холмс.., наменети за господата, џентлмените кои шетаат во град, на рурални места итн. Се карактеризираат со ексцентричност, во извесна смисла, но тоа ги прави уште посакани. Нивната должина е деведесет и четири-деведесет и пет сантиметри, а натстрешницата има пречник од сто и четири сантиметри. Тежат шестотини и триесет грама. Бастунот е буков, а дршката, рачката во форма на глава од зајак, кокер, крокодил, лав, мопс, орел, пајка, папагал, тираносаурус, тукан или на стапало, па и со ликот на популарниот детектив, е направена од смола, бојадисана одозгора. Цената е 120,83 фунти (8.836 денари).

Чадорите со рачки, дршки од резбана бука, во форма на глава од јагуар, патка, териер, чинат 325 фунти (23.765 денари). Повеќето се танки, со долги врвови, а се продаваат со футрола. Такви се и чадорите со дршки, рачки од необработени, природни дрва, исклучително ретки, а имаат и сребрени прстени. Нивната цена е 354,17 фунти (25.898 денари). Одвреме-навреме има попусти, но не големи.

Убавината на чадорите што се изработуваат старински, рачно, е ненадмината, неприкосновена. Пасакуваат да ги носат и џентлмените, господата, поради нивниот голем квалитет, пред сѐ на материјалите од кои се прават, а мајсторијата на изработувачите, занаетчиите ги воодушевува сите, вклучително и дамите, госпоѓите, госпоѓиците. Настрана заштитната функција, потребата. Со тренчкотите се одлична комбинација.       

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Pickett/ Swaine Adeney Brigg/ James Smith & Sons

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЧАДОРОТ – И ПОТРЕБА И АКСЕСОАР, МОДЕН ДОДАТОК НА ЏЕНТЛМЕНИТЕ (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.