ЏЕБНОТО ШАМИЧЕ, НЕИЗОСТАВНО И ВО СТАРО ВРЕМЕ И ДЕНЕС (II дел)

Формалната гардероба секојпат е причинска, мора да има повод за да се облечете така. Црн смокинг или жакет од велвет, со лептир-машна во иста боја и бела кошула е резервиран за гала-вечер, како на пример четвртиот „Маж на годината“ што ќе се одржи на 24 ноември во Double Tree by Hilton Skopje, но и за вечера, концерт, претстава со придавката гала, вклучително и за венчавка. Се надеваме дека ќе го прифатите нашиот предлог, иако веруваме дека ќе го направите вистинскиот, правиот избор. Гардеробата на џентлмените, господата е стилска, префинета, отмена. Ексцентричноста не им е одлика, туку елеганцијата, додека софистицираноста ѝ е десна рака. Кога се работи за гореспоменатата облека, формалната, џебното шамиче во боја на снег, на млеко и слично е задолжително, а и неговото диплење мора да биде соодветно. Во првиот дел од текстот веќе споменавме дека постојат четири начини кои денеска ќе ви ги прикажеме сликовито, благодарејќи на германската модна куќа Hugo Boss и ќе ви помогнеме за превиткувањето во иднина да не ви биде товар, а најмногу одговара таканареченото претседателско здиплување. Но, без грижа, нема да згрешите и доколку го превиткате инаку, па и ноншалантно, лежерно, како-годе. Сепак, претходно ќе се осврнеме на уште неколку работи што сметаме дека треба да ги знаете, а се поврзани со него – џебното шамиче.

Монохроматското или еднобојното е идеално за гала-вечер, нема сомневање, но џебното шамиче може да биде и дезенирано, т.е. со повторлив дезен, и печатено за кое мислиме дека е најубаво, па затоа и ќе ви препорачаме шест модели на познатиот лондонски бренд Rampley & Co, нашиот фаворит. Дезенираните, освен што беа карактеристични за поголемиот дел од минатиот век, популарни се и денес. Шарите се или крупни или ситни, или солзни или цветни, или неповторливи, односно дезенот нема изедначеност, како на пример апстрактните цртежи. Обично се комбинираат со деловна, лежерна облека, но елеганцијата и софистицираноста не изостануваат во никаков случај. Во друга пригода ќе им се посветиме со поголемо внимание, подетално. И ткаенините од кои се направени се исто така важни. Свилата е најдобар избор, златна средина. Таквите џебни шамичиња се непогрешни, каде и кога-годе, а и ленените, памучните, заедно со волнените и комбинираните, со мешан состав, можат да изгледаат преубаво, едноставно да бидат своевидни класици. Постојат и неколку правила што секој вистински, прав господин човек, џентлмен треба да ги почитува. Имено, димензиите на џебното шамиче мора да соодветствуваат на неговата, т.е. леснината на материјалот – големината треба да биде пропорционална за да го издржи преклопот. Ако е свилено, идеални се 40 квадратни сантиметри, па и повеќе. И покрај тоа што е големо, нема да се истутка во џебот, а ќе изгледа поубаво, формата ќе биде поцврста. За дебелите ткаенини, како на пример твидот,  совршен е квадрат од триестина сантиметри. Така нема да се набира, односно да го задебели горниот дел од сакото, кај џебот.

Диплењето или преклопувањето на џебното шамиче со текот на времето се претвора во рутина, но секогаш можете да се наврите на денешната објава и да го здиплите со помош на илустрациите кои следуваат во продолжението на текстот. Како што споменавме, претседателското здиплување или таквиот преклоп е својствен за црн смокинг или жекет од велвет со лептир-машна во иста боја и бела кошула, но може да се комбинира и со костум и кравата во боја на саѓи, јаглен или сиви, во боја на пепел, обете карактеристични за Џејмс Бонд, тајниот агент 007. Поради едноставноста, како на диплењето, така и на изгледот, одговара и на другите комбинации, правејќи ги поформални. Сепак, првата е идеална. Џебното шамиче ќе го здиплите така само во шест чекори.

Предноста на таканаречениот двободен преклоп се гледа и во персонализирањето на деловната гардероба, која навидум е униформирана. Ваквото здиплување важи за смело, а неговата структурална форма и прецизност е соодветна како за работното место, така и за свечените настани. Се надеваме дека преклопувањето во седум чекори ќе го усовршите брзо.

За таканаречениот крстосувач или преклопот што личи на брод за крстосување може да се каже дека изгледа фино, во смисла на деликатност, нежност. Има каскадна, блага косина и завршница која е совршена и за деловно, лежерно палто, но и за свечено, формално. Диплењето е исто така лесно, во шест чекори.

Дијагонален панцир, така е наречен преклопот на џебното шамиче или начинот на неговото здиплување што изискува поголема вештина. Наборите изгледаат мажествено, типично машки благодарејќи на рабните линии, т.е. нивната архитектоника која, пак, ѝ контрастира на сјајноста, мекоста на свилата што е идеална за ваков преклоп. Се носи со формален, свечен жакет за венчавка или гала-вечер, претстава, концерт, вечера во некој ексклузивен, луксузен ресторан, хотел и слично. Можете и да ја извадите вратоврската, со кошула изгледа помодерно, некако трендовски. Потребно е трпение, време за да го преклопите, но вреди. Обидете се, во десет чекори.

На останатите начини, техники на диплење, преклопување ќе се посветиме другпат, но денес ви препорачуваме и нешто необично – поразличните, поинаквите џебни шамичиња на лондонската модна куќа Rampley & Co. Џентлмените, господата во британската метропола се опседнати со нив, буквално. Сигурно ви се допаѓаат и вам, едноставно се неодоливи. Нејзините печатени модели одговараат и на деловни и на лежерни сакоа, но и на долги капути. Освен што ќе ве издвојат од мнозинството, ќе се чувствувате пријатно и посебно, специјално. Печатените слики, мајсторските дела на ликовните уметници, артистите од старо време, но и поново, нивните графички прикази, фотографиите се толку џентлменски, господствени, а едновремено и потсетуваат на културата некогаш, и материјалната и духовната, за разлика од денешната која сѐ повеќе се запоставува.

Џебните шамичиња се направени од свила, чии краеви се порабени рачно, имаат димензии од 42×42 см и чинат 80 фунти (околу 5.770 денари). Дури и здиплени, во горните џебови на палтата, изгледаат впечатливо, блескаво. Правилото е децидно, без оглед на исклучоците што се прават одвреме-навреме. Во случај да носите дезенирана кравата, со изразити шари, џебното шамиче нека биде посуптилно и обратно, се разбира. Од друга страна, пак, дезенирана кошула или таков жакет изискува поедноставно џебно шамиче или монохроматско. Тешко е да се издвојат шест модели од големиот асортиман на џебни шамичиња со потписот на Rampley & Co. Нам ни се допаднаа Scotland Forever! (1881 г., Elizabeth Thompson, позната како леди Батлер), Portrait of George Washington taking the Salute at Trenton (1899 г., John Faed), Alexander the Great at the Battle of the Granicus (1737 г., Cornelis Troost), The Deliverance – Ruggiero and Angelica (1876 г., Joseph Paul Blanc) и Samson and Delilah (1609-1610 г., Peter Paul Rubens), а се надеваме и вам. И останатите се фантастични, кое било да го изберете, нема да згрешите, вклучително и The Kiss (1907-1908 г., Gustav Klimt).

Печатеното џебно шамиче со „Бакнежот“ на Густав Климт не случајно го ставивме на крајот, нека биде најава за утрешниот и текстовите што ќе ги објавиме во среда и четврток, посветени на родниот град на австрискиот сликар – Виена. Причината, т.е. поводот е ист како и до сега, да уживате во убавината, привлечноста, допадливоста на работите кои оставиле трага во културата во поширока смисла, а функционираат и денес, со иста жар како некогаш. Вистинските, правите господа, џентлмените ги сакаат, едноставно ценат сѐ што е вредно. Австриската метропола дефинитивно е таква, непроценлива. И манирите на виенчанците, секако. Нивната етикеција, високото ниво на култура се посебни, често и неразбирливи тука, на Балканот, но инспиративни.          

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Anderson & Sheppard/ Oliver Wicks/ 007/ Hugo Boss/ Rampley & Co

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЏЕБНОТО ШАМИЧЕ, НЕИЗОСТАВНО И ВО СТАРО ВРЕМЕ И ДЕНЕС (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.