КАШМИРОТ – НЕЖНО МИЛУВА…

Како што надвор се заладува, така расте и потребата за нова облека која ќе соодветствува на вашиот углед, репутација, имиџ, вклучително и стилот, начинот на облекување, првенствено заради себе, своите потреби (естетски, секако), но битно е, се разбира, и вниманието кое го предизвикувате секогаш кога ќе се појавите на работа, во ресторан, на кафе, на забава, па и на улица. Тоа е вообичаено за џентлмените бидејќи внимаваат на себе, на својот изглед, вклучително и на квалитетот на гардеробата што ја имаат. Неретко избираат кашмирска облека. Впрочем, ниеден човек не може да ѝ одолее на убавата, сјајна и мека волнена ткаенина која нежно милува… Како љубовта на неговиот живот.

Без оглед на трендовите во модата што некојпат знаат да ја преминат границата на убавото, често и поради материјалите што ги користат дизајнерите, сакајќи да ја покажат својата креативност, неоспорен е фактот дека убавата, класична облека не може да се надмине, во секој поглед. Таа е својствена за џентлмените и покрај тоа што се носат и лежерно, согласно со местото, пригодата, расположението и слично. Експериментирањето е можно ако се почитуваат основните правила на игра кога се работи за облекувањето, во спротивен случај е недозволиво. Со класиката нема промашување, како и да завртите. На една страна е кројот, моделот, фазонот, а на спротивната е ткаенината чија естетика има особена важност, заедно со нејзиниот квалитет, добрите својства. Од материјалот зависи дали ќе ја купите облеката која наизглед е привлечна, едноставно ви се допаѓа. Тој е, всушност, пресуден во изборот. Класичната е непогрешна, сигурна како нејзиното долгогодишно, повеќевековно утвредено место на тронот. Ако е кашмирска, од убавата, сјајна и мека волнена ткаенина, како на пр. обична или блуза со рол-крагна, кардиган, капа, долго (капут) или кусо палто, сако, панталони, чорапи, шал, дотолку подобро за вас.

Без сомневање, најубавата облека е направена, т.е. изработена од кашмир, омилениот материјал за работа на повеќето дизајнери, модни креатори. Ткаенината е толку ексклузивна што и едноставните модели делуваат луксузно, не само поради високата цена, туку и финоста, истанченоста, деликатноста, кои ја карактеризираат во исто време. Есенва и претсојната зима, како, впрочем, и досегашните, се идеални за носење кашмир, па и рано напролет. Овој материјал никогаш не излегува од мода, перманентно е тренд, вклучително и облеката направена од него. Поради ексклузивноста, дизајнерите се ориентираат на минимализмот во креирањето. Но, често се прашуваме за каква ткаенина станува збор, од каде потекнува, зошто е скапа итн. Ја „устоличија“ за нивна кралица, не случајно. Има многу предности во однос на другите. На пример, леснината, проѕирноста, топлината ја прават сестрана, што значи дека може да се носи во текот на целата година, па и налето, во комбинација на лен и свила (такви се шаловите од минатата колекција на Brioni, кои чинеа 390 фунти), мекоста и чувствителноста (стопроцентниот кашмир, без други примеси, ја зголемува неговата флексибилност) и, се разбира, долготрајноста (може да се носи со години ако се одржува правилно, во согласност со упатството за употреба), додека пријатноста, удобноста, произлегува од претходно набројаните својства.

Потекнува од Кашмир, северноиндиската регија. Тука се пишува исто, но во повеќето земји се користи англицизмот cashmere. Волната (влакната) од која се добива е козја, од кашмирските, пашминските и другите видови кози што се одгледуваат во Авганистан, Кина и Монголија. Овие земји се водечки производители на кашмир веќе илјадници години, уште пред новата ера. Во Европа дојде од колонијална Индија, во 19 век, а претходно го носеле кралевите, царевите. Секако, во дваесет и првото столетие влезе на голема врата, како и порано. Интересен е фактот дека кашмирската волна е трипати потопла од овчата. Од козите се собира со чешли, напролет, кога се митарат, а постапката изискува долго време. Потоа се одвојуваат горните делови кои се погруби (вообичаено се користат за правење четки, штитници…), за разлика од долните што се употребуваат во текстилната индустрија.

Поради фалсификатите кои се присутни насекаде, низ целиот свет, заострена е контролата на квалитетот. Без оглед на тоа, внимавајте и вие, оригиналниот кашмир се препознава на допир, едноставно се „топи“ во рацете. Притоа имајте го предвид фактот дека постојат неколку класи, степени на вредност, поточно три: A (crème de la crѐme, чија ширина на влакната е 14 микрони), B (медиум или средна класа, со ширина на влакната од 18-19 микрони) и C (со низок квалитет поради ширината на влакната околу 30 микрони). Врз квалитетот влијае и географијата, па така, најквалитетна е волнената ткаенина од Кашмир бидејќи таму, во северноиндиската регија, зимите се многу ладни, сурови, што придонесува за козите да имаат погусти, пофини влакна, идеални за изработка на облека. Згора на сѐ, таа е и најскапа. Исто така, на козите во Кашмир им се обрнува повеќе внимание од другите земји, често и редовно се четкаат, а и колку е почиста, без примеси, толку е повисока и нејзината цена. Првата или A класа можете лесно да ја препознаете – доколку ја растегнете, веднаш се враќа во првобитната состојба. И, на крајот, одржувањето. Ако се раководите од инструкциите на етикетите, облеката ќе ви трае долго, со години. Значи, кашмирот не се пере во машина, туку на рака, во ладна вода, со благ сапун или детергент и без употреба на омекнувач, по некое време, откога ќе го износите пет-шест пати, а се препорачува и сушење на воздух. Сепак, најубаво е да користите спреј за џемпери.

Есенските заедно со зимските колекции на познатите брендови веќе се изложени во ексклузивните продавници. Секако, кашмирската облека го зазема своето место, кое вообичаено е почесно, истакнато. Обични или блузи со рол-крагни, кардигани, долги (капути) или куси палта, сакоа, панталони, што било да изберете, нема да погрешите. Тоа се однесува и на модните додатоци, т.е. аксесоарите – капите, чорапите, шаловите. Џентлмените знаат да препознаат квалитет, убавина, во смисла на привлечност, допадливост, па затоа не се двоумат кога е кашмирот во прашање, без оглед на неговата висока цена. Знаеме дека животниот стандард не ни дозволува да бидеме опуштени во трошењето пари, но некогаш, одвреме-навреме, можеме да се почестиме со нешто кашмирско, макар и еден аксесоар. Всушност, кашмирот секаде важи за луксуз, па и во најбогатите земји. Оние кои можат да си ја дозволат кашмирската облека и почесто, нека ја изберат врвната, на познатите брендови. Цените се различни, но високи, па така, Giorgio Armani шаловите од чист кашмир чинат од 530 (црниот, со реси, на фотографијата погоре, со 180×37 см) до 700 евра (светлокафеавиот и светлосивиот, со реси, на погорните фотографии, 180×50 см), а тегет капутот чини 4.050 евра (на фотографијата погоре). Цената на Brioni темносивата поло блуза од стопроцентен кашмир, што ѝ припаѓа на лимитираната BP Signature колекција, е 1.060 фунти, сивиот капут, исто така од чист кашмир, чини 5.960 фунти, додека цената на бледокафеавиот шал (комбинација на кашмир – 68 % и свила – 32 %) изнесува 1.100 фунти.

Burberry светлокафениот капут чини 1.990 долари, тренчкотот во црна боја чини 3.150 долари, а цената на тартан шалот со контрасти, во беж и црна боја (168×30 см) е 620 долари. Не ги заборавивме ни другите брендови, но ним ќе им се посветиме во некоја друга пригода. Се разбира, оваа убава, сјајна и мека волнена ткаенина е омилена и меѓу жените, па кога избирате подарок за љубовта на вашиот живот, имајте го на ум и тоа. Ќе се израдува со сигурност.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Giorgio Armani/ Brioni/ Burberry  

ПОВЕЖЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТРАДИЦИОНАЛНО БРИЧЕЊЕ, НО НЕ САМО ВО БЕРБЕРНИЦА

Leave a Reply

Your email address will not be published.