КУТИИ ЗА ХУМИДИТЕТ НА ПУРИТЕ – ОДРЖУВАЊЕТО НА ВЛАЖНОСТА Е ПРВЕНСТВЕНО (I дел)

Страсните љубители на пурите и останатите, кои повремено се препуштаат на задоволството што го причинува самото пушење, внимаваат и на работите кои се поврзани со нив, како на пример одржувањето на хумидитетот, што е особено важно за нивниот квалитет, а изборот на кутиите наречени хумидори треба да се направи со внимание бидејќи хедонизмот подразбира и целосна посветеност кога се работи за сетилното уживање, за „слаткиот живот“, не само во пурите, туку и во аксесоарите и нивното избирање. Тоа е цела филозофија, филозофема за суштината на животот, кој не вреди ништо без страста, па и кога се работи за пушењето. Се вели дека изборот на добри, квалитетни пури е привилегија, исклучиво право или предност, како-годе, само на страсните пушачи, наводно другото е шминка. Но, во исто време знаат и дека треба да се одржуваат, за да не се исушат. Затоа е неопходно да се одбере и кутија – хумидор со висок, голем квалитет што ќе трае, а задоволството во пушењето ќе биде уште поголемо.

Пурите некако ги поврзуваме со џентлмените, така изгледа кога ќе видиме некој господин со пура во раката, додека ја пали со запалка или веќе се предал на уживањето, и во ритуалот и во тутуновиот кадеж, вкус, особено ако е квалитетна, на пример кубанската, како да се измислени за нив. Веројатно затоа што се вистински, прави хедонисти, а пурите се хедонистичка, мераклиска работа. Со жесток пијалак, на уживањето му нема крај. Во друштво со пријателите, избраничката на нивното срце.., онака релаксирано, опуштено во пригоден амбиент, со тивка музика и добро расположение.

„Џентлмен магазин“ пишувал неколкупати за пурите, а се разбира дека ќе продолжиме и натаму со исто темпо, може и почесто бидејќи, како што споменавме погоре, тоа е цела филозофија, од страсното пушење до изборот на додатоци, аксесоари за нив, како резачи (ножици), пепелници, запалки, вклучително и кутии за хумидитет (влажност) на пурите, т.н. хумидори. Се чини дека луксузот се подразбира, како да е неминовно поврзан со нив, така изгледаат дури и кога не се скапи. А, функцијата на хумидорите да ја зачувува влажноста на пурите е пресудна за нивниот квалитет. Страсните љубители го знаат тоа бидејќи разбираат што се висококвалитетни пури, како колекционерите кога ги одбираат делата. Филозофемата за суштината на животот е присутна во секој нејзин сегмент, а хедонизмот е дел од него, за вистинско, право уживање во убавината, без оглед на становиштето дека пушењето е штетно за здравјето. Можеби, ако се пушат цигари со сомнителен квалитет, евтини. Пурите се направени од најдобрите тутунови лисја, сушени и ферментирани, а (микро)климата во регионите каде што се одгледуваат дополнително влијае на квалитетот. Најголем е на кубанските, секако.

Нема да говориме за собите, целите простории кои служат за одржување на хумидитетот на пурите во специјализираните продавници, туку за кутиите во домовите, канцелариите, кафе-рестораните, за патувањата. Големината е различна, зависи од местата каде што стојат, количеството и слично. Повеќето се дрвени, но има и акрилни. Во нив можат да се стават дури и неколку дузени пури, но се разбира и помалку. Хумидорите од дрво се најдобри, најубави, па и најстари, од 1800-тите години, на почетокот, кога започнала нивната изработка. Се заковувале неколку парчиња дрво и се додавале шарки за да можат да се отвораат. Со текот на времето се надградувале, а претходно се чувале во керамика, па дури и во пештери. Сепак, повеќето биле суви. Кабинетот на пример е парче мебел кој обично се става на под и збира од 1.000 до 5.000 пури, како еден вид склад. Првиот е дело на вредните раце на ирското семејство Manning, применувајќи ја јужноафриканската техника на изработка, но и егзотичното дрво било оттаму. Постои веќе сто триесет и четири години. Кога е хумидорот за на биро, маса, пулт во прашање, го измислил Zino Davidoff. Без оглед на формата, со капак или со една-две фиоки, па и повеќе, во него можат да се чуваат од 25 до 500 пури. И едните и другите се користат за кафулиња, ресторани, а се продаваат и преносливи, за на пат, кои збираат од 2 до 20 пури. Нивната издржливост е особено важна за да може да го поднесе честото отворање. Се разбира, усовршувањето стигна дотаму што има и електрични хумидори, кои работат слично на фрижидерите. Освен последните чија влажност се регулира електронски, заеднички на останатите им е хигрометарот, односно влагомерот. Идеалниот хумидитет се движи меѓу 65 и 75 % ако кутијата е полна, но истиот опаѓа пропорционално со намалувањето на бројот на пурите во неа.

Страсните љубители на пурите не се двоумат кога треба да изберат меѓу висококвалитетни и оние со понизок, помал квалитет. Фактично, инвестицијата е голема, но вреди да се вложи како во аксесоарите, додатоците, така и во хумидорите за да се зачува нивната влажност, да не се исушат бидејќи во спротивно, ќе се влошат карактеристичните особини, својства (позитивни, секако) на пурите заради кои се омилени меѓу хедонистите, а следователно и на џентлмените, господата. Кафеавото злато во прачки, како што ги нарекуваат, има потреба од внимание, грижа и хумидори. Некои се изработени од пластична маса, но дрвените, од шпански кедар не само што се најубави,  туку и најдобри. Не случајно е избран. Пред сѐ испушта пријатен мирис, аромата е таа кога се пуши, а и вкусот. Го користат и производителите на пури, дрвото е одличен избор за нивно стасување, односно ги чуваат во такви кутии пред да ги достават на продажните места. Од друга страна, пак, и американскиот кедар и брезата влијае на мирисот, дури повеќе од останатите дрва кои се употребуваат за правење на хумидори. Второ, шпанскиот кедар е причина за оптимален хумидитет што значи дека влажноста или ја одржува или ја намалува доколку е потребно, благодарејќи на неговата порозност. За разлика од другите дрва, како на пример махагонот и борот, не се витка од влагата. Значи, хумидитетот меѓу 65 и 75 % влијае на свежината, па така во неа може да се ужива кога ќе се посака.

Висококвалитетните пури заслужуваат и таква кутија – хумидор. Кога се избира, мора да се внимава и на квалитетот на дрвото бидејќи е особено важен. Некои трговци, на пример, се служат со измама, продаваат кутии од неквалитетни дрва, обложени со шпански кедар, а тоа значи дека може да дојде до нивно виткање. Спротивно на нив, дабот е подебел и влијае на зголемувањето на температурата, односно ја заробува топлината. Поради тоа, веројатноста да се расплоди тутуновата буба е голема. Таа продира во дрвото и го уништува, т.е. доаѓа до негово распаѓање. Од таа причина, вреди да се инвестира во квалитет, подобро е да се купи поскапа кутија отколку поевтина, која ќе треба да се замени со друга, нова, за кратко време, па така, трошоците ќе се удвојат. А, кога се преносливите хумидори во прашање, освен платнени, од жакард на пример, тие се изработуваат и од пластика, обложена со пена што придонесува за одржување на влажноста. Обично имаат мал навлажнувач со чија помош се постигнува оптимален хумидитет (70 %), идеален за пурите да траат долго, во секој момент да бидат свежи, а располагаат и со затворач што го спречува воздухот да излезе надвор. Останатите се акрилни. 

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Freepik/ Manning Humidors/ Davidoff of Geneva/ S.T. Dupont

ВО СТИЛОТ НА ВИСТИНСКИТЕ, ПРАВИ ЏЕНТЛМЕНИ – СО ЖАКЕТ ОД ВЕЛВЕТ НА ГАЛА-ВЕЧЕР (I дел)

ВО СТИЛОТ НА ВИСТИНСКИТЕ, ПРАВИ ЏЕНТЛМЕНИ – СО ЖАКЕТ ОД ВЕЛВЕТ НА ГАЛА-ВЕЧЕР (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.