ТАМУ, ВО DEMEL И FRAUENHUBER СЕ ЗАЧЕТОЦИТЕ НА ВИЕНСКАТА КУЛТУРА НА ИСХРАНАТА И ПИЕЊЕТО КАФЕ (III дел)

Како Demel и Frauenhuber е омилен меѓу виенчанците, оние што ја ценат историјата, културата, нивните вредности, а го сакаат и хедонистичкиот дел од приказната. Тие се вистински, прави господа, џентлмени, кои живеат поинаку, во светот на идеализмот. Видлива е нивната емотивна приврзаност, односно стремежот кон возвишени, благородни идеали, наспроти материјализмот. Се разбира, исклучок не се ни виенчанките – дами пар екселанс. И едните и другите го започнуваат денот со кафе, десерт и весник. Таму, во повеќето кафеани, се закачени на држалки, така и се читаат. Frauenhuber е, несомнено, една од нив. Кафеаната има тераса, можете да седнете и надвор, но внатрешноста е привлечна заради нејзиното минато, влијанието на културниот напредок, бидејќи поголемиот дел од случувањата биле затворени, односно се одвивале во затворен простор. Нејзината едноставност е намерна, иста како некогаш, иако реновирана неколкупати. Всушност, целта била да се релаксираат гостите, максимално да ѝ се посветат на дружбата, на причината за нивната посета – настанот, а не да им го привлекува вниманието. Барокот на пример е нападен, може да предизвика и клаустофобија, затоа се одело на проста, едноставна варијанта, далеку од ексклузивна. Самото чувство дека седите на исто место каде што некогаш, во периодот на средновековјето, пред точно седумстотини и седум години, се наоѓала бања е необично, едноставно пријатно.

Такво е чувството и кога ќе се присетите дека таму, во истиот простор, некогаш концертирал и Бетовен и Моцарт, а неретко и двајцата пиеле кафе. Настапот на Волфганг Амадеус во 1791 год., на 4 март (цутар) бил последен, точно девет месеци потоа се упокоил. Но, приказната има поинаков тек. Редоследот на годините може да ве збрка, како на пример изведбите на обајцата композитори, вклучително и отворањето на кафеаната. Познавачите на нејзината историја не раскажуваат хронолошки, затоа и делува збунувачки. Ќе се обидеме да разјасниме. Кафеаната на Alois Hänisch до 1824 г. се наоѓала на улицата Fleischmarkt (пазар за месо) во централниот, прв дистрикт. Била доста популарна. Таму оделе виенчанците на разговор, да испијат кафе, да испушат некоја цигара, па и да каснат нешто. На 24 октомври (листопад) истата година се преселила на Himmelpfortgasse 965 (денес 6), исто така во централниот, прв дистрикт и веднаш ги привлекла виенчанците со нејзиниот карактеристичен знак, лого. Во 1827 год. се договорил со Erasmus Engerth, познатиот австриски сликар и реставратор да наслика два лика, цели фигури во природна големина до влезот, а едната била на првиот кафеготвач Georg Franz Kolschitzky. Тринаесет години потоа, кафеаната ја купил извесен Kasimir и ја водел до 1849 г., кога ја презел Anton Zagorz и се посветил на нејзината реновација. Името на кафеаната се менувало често, па така, пред сегашното Frauenhuber, се викала Kaffeehaus Herzog, по личниот назив на тогашниот сопственик, до 1891 год. Имено, пред точно сто и триесет години, сопственоста ја презела истоименото семејство, најпрвин Josef постариот, потоа Leopoldine(неговата сопруга – вдовица), па Josef јуниор и на крај Wilhelmine (сопругата на помладиот – вдовица). Меѓувремено се открило дека на истото место имало кафеана и во 1746 г., благодарејќи на гравурата од Salomon Kleiner, која се чува и денес во Frauenhuber. Оттогаш се истражувало и се осознала вистината дека била омилена меѓу композиторите, особено Бетовен и Моцарт. Сегашен, моментален сопственик на кафеаната е семејството Binder, од 1968 год. За среќа, името е непроменето.

Факт е дека се работи за традиција. Виенчанците се конзервативни, затоа и ја поддржуваат, а нивната посета е потврда за тоа. Frauenhuber функционира исто како некогаш, во неа се организираат книжевни, вечери на поезијата, изведби (драмски, сценски), но и пијанистички концерти за кои се бара и влезница плус. Резервацијата е задолжителна, особено за т.н. екстра просторија каде што се презентираат вина, се дегустираат истите, па и други производи, се промовираат книги, а се употребува и за семејни и за корпоративни прослави, божиќни на пример. Со кафе, десерт или оброк – појадок, ручек или вечера. Кафеаната е позната меѓу виенчанците и по нејзините кулинарски специјалитети, деликатеси кои се подготвуваат со внимание и љубов. Келнерите, облечени во црно-бели униформи, со лептир-машни, на гостите им се обраќаат со gnädiger Herr (милостив господине) и gnädiger Frau (милостива госпоѓо), а шефовскиот повик на келнерот со Her Ober значи дека нарачката е готова и може да ја однесе. Готвачот е махер за традиционални виенски јадења, додека слаткарот постојано воведува новини. Еднаш неделно се прават измени во менијата бидејќи во делниците, меѓу 11:30 и 14:00, се послужуваат различни јадења. Инаку, Frauenhuber е отворен од 08:00 до 23:00, а викендите работи од 10:00 до 22:00.

Поради работното време, многумина виенчанци наутро седнуваат на кафе и нешто слатко, а често и на појадок. За бизнисмените има посебен – Kornspitz леб со шунка, сирење, салата и домати, а чини 5,20 евра. Сепак, т.н. луксузен е побогат, поубав и, се разбира, поскап. За леб, шунка, сирење, јајце, путер, мед, јогурт и свежо овошје, портокалов сок и ролат ќе платите 13,90 евра. Домашниот, Frauenhuber се состои од чаша просеко, свеж портокалов сок, два тоста, путер, лосос и крем од рен. Кошта 14,90 евра. Можете да порачате и гулаш супа и лепче за 6,90 евра. Главното јадење, и вегетаријанско и рибно и месно, ги задоволува сите вкусови. Цената на пржените бели печурки со тартар (сос) е 11,80 евра, на говедскиот котлет со кромид и рестуван компир изнесува 21,90 евра, толку е и рамстекот со помфрит, а „фајкер“ гулашот со колбаси, јајца, кисели краставички, кнедли чини 16,80 евра. Доколку се одлучите да нарачате арктичка угарка (риба шар) со рестуван компир на путер и мешана салата, треба да платите 18,90 евра. Повеќето салати се 4,50 евра. Иако виенчаците одат и на ручек во кафеаната, слатките, односно десертите имаат посебна драж, неодоливи се. Браон (заруменеан) омлет со сливов ошав – 9,80 евра, Kaiserschmarrn (сечкани две палачинки со сливов ошав) – 8,40 евра, захер торта – 4,80 евра, штрудли со јаболка, кварк и сливи – 4,40 евра, изборот е голем, како и понудата. Во комбинација на кафе и поглед наоколу, на случајните минувачи на пример, задоволството е гарантирано. Освен класичните – капучино, макијато, меланж (4,90 евра), нема да згрешите и ако изберете „бидермаер“ (мока со ликер од марципан и шлаг), Моцарт (мока со истоимениот ликер и шлаг), Марија Терезија (мока со ликер од кајсија и шлаг) или „фијакер“ (мока со рум и шлаг). Се служат во стаклени чаши, а цената им е 7,80 евра. Кога ќе го разгледате менито за кафиња, ќе добиете одговори на сите прашања за нив. Но, посетата на Виена се чини дека не може да се замисли без Glögg(бел или црвен), особено сега, пред божиќните празници. Во Frauenhuber чини 5,20 евра. И топлата чоколада важи за типична виенска напивка, комбинирана со амарето, контро (безбоен ликер од портокал) или рум, а нејзината цена е 6,80 евра.

Најстарата кафеана во австриската метропола ја спомнуваат и водичите за време на нивните туристички маршрути, не пропуштајќи да кажат збор-два и за композиторите што настапувале во неа. И виенчанците се гордеат со Frauenhuber. Таа е дел од минатото, културата на Виена, нејзините вредности. Затоа ја нарекуваат и култна. За нејзината особена важност не пропушта можност да зборува и градоначалникот Michael Ludwig, а често и ја посетува, дури одржува и прес-конференции таму, состаноци, средби со граѓаните. Шеесетгодишниот приврзаник на социјалдемократијата е претседател на градот од 24 мај (косар) 2018 година. Ги обожава нејзините кроасани, а кафето се подразбира. Обично пие еспресо. Неодмна гостуваше во емисијата на телевизиската легенда Paul Tesarek – Bei Tesarek, на W24 (Das Stadtfernsehen – градска телевизија). Се разбира, снимањето беше во Frauenhuber. Тоа е уште една потврда за нејзиното значење, во секој поглед. И повод за посета, барем еднаш. За да се почувствува шмекот на Виена, оној вистинскиот, правиот – господствениот, џентлменскиот. Можеби е време да размислите, пред нас е најубавиот период на годината. Градот има восхитувачка убавина тогаш, како и секогаш. Замислете само, меланж, Glögg, Kaiserschmarrn, захер торта… Demel, Frauenhuber… И културата на исхраната и пиењето кафе, неизбежно.    

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Frauenhuber/ Michael Ludwig/ W24

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТАМУ, ВО DEMEL И FRAUENHUBER СЕ ЗАЧЕТОЦИТЕ НА ВИЕНСКАТА КУЛТУРА НА ИСХРАНАТА И ПИЕЊЕТО КАФЕ (I дел)

ТАМУ, ВО DEMEL И FRAUENHUBER СЕ ЗАЧЕТОЦИТЕ НА ВИЕНСКАТА КУЛТУРА НА ИСХРАНАТА И ПИЕЊЕТО КАФЕ (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.