Кога ќе се спомене терминот бокс тогаш луѓето ширум светот веднаш помислуваат на една личност: Мухамед Али. Легендарниот боксер ќе остане запаметен по неговите фасцинантни борби, но и неговите изјави кои и ден денес се споделуваат.
Од неговите успеси можеме да го издвоиме успехот во далечната 1974 година во Заир, сега познат како Демократска Република Конго, Мухамед Али го освои појасот во тешка категорија во борбата против Џорџ Форман во мечот познат како „The Rumble in the Jungle“.

Неговиот шампионски појас се продаде и заврши во рацете на Џим Ирсеј. Сопственикот на Индијанаполис Колтс, сега и официјално е сопственик на ова историско парче спортски сувенир, кој доби вредност од неверојатни 6,18 милиони долари преку Heritage Auctions.
WBC појасот има многу повеќе историско значење од самото освојување на титулата, бидејќи го означи и враќањето на Али во натпреварувачкиот спорт откако ја загуби боксерската лиценца и WBA титулата со тоа што одби да замине во Виетнам. По долги седум години, Али повторно успеа да го нокаутира Форман во осмата рунда.
„По неколку часа наддавање на аукцијата помеѓу двајца заинтересирани за овој појас, ова се покажа како борба достојна за самата „трка во џунглата““, изјави во официјалното соопштение Крис Ајви, директор за спортски аукции на Heritage Auctions.

Сопственикот на Индијанаполис Колтс поседува голем број колекционерски предмети поврзани со Мухамед Али, почнувајќи од наметка со неговото име довиена на аукција, до чевлите што ги носел во борбата „Трила во Манила“ против Џо Фрејзиер.
Целосната колекција на Џим Ирсеј се состои од исконски предмети од спортот, музиката, литературата и политиката, од кои сите ќе бидат изложени во галеријата Navy Pier во Чикаго почнувајќи од 2-ри август и во Индијанаполис почнувајќи од 9-ти септември.