Продолжува драмата: Амбер Херд лажела дека парите од разводот ги донирала во детска болница

Продолжува судењето кое се одвива пред очите на светската јавност. Амбер Херд конечно призна дека не ја платила ветената донација од 3,5 милиони долари, откако во неколку наврати тврдеше дека парите од разводот биле донирани во добротворни цели.

Сведочејќи пред судот во понеделникот, Херд рече дека не ja донирала планираната сума затоа што Џони Деп ја тужел. Сепак, таа во неколку наврати тврдеше – вклучително и под заклетва во случајот за клевета на Деп во 2020 година, дека донирала.

„Вкупно беа донирани 7 милиони долари – ги поделив помеѓу „American Civil Liberties Union“ и Детската болница во Лос Анџелес. Не сакав ништо“, изјави Херд за време на нејзиното гостување во холандското ток-шоу „RTL Late Night“ во 2018 година.

Но, сега Херд пред судот изјави дека сè уште не ја уплатила предвидената донација во целост бидејќи Џони ја тужел за 50 милиони долари во март 2019 година.

„Ќе ги исполнам сите мои ветувања. Би сакала да престане да ме тужи, за да можам“, додаде таа.

Теренс Доерти, главниот оперативен директор и главен советник на „ACLU“, сведочеше претходно во случајот и рече дека досега се донирани вкупно 1,3 милиони долари од Херд или во нејзино име. Од тие пари, Херд донирала 350.000 долари во декември 2018 година и оттогаш не уплатила ништо. Деп платил 100.000 долари, а уште 350.000 долари дошле од фонд на инвестициската фирма „Фиделити“.

„Само ја сакав мојата безбедност и мојата иднина, а тој го загрози тоа… Сакав да ме остави на мир. Тоа го кажувам од 2016 година“, заклучи таа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.