Snapchat воведе нова опција: Родителите ќе може да гледаат со кого комуницираат нивните деца

Социјалната мрежа Snapchat ја претстави првата опција што овозможува родителите да имаат контрола за комуникацијата на нивните деца.

Опцијата именувана како „Семеен центар“ овозможува родителите да имаат увид кон тоа со кого се допишуваат или испраќаат фотографии нивните деца. Ова не ја нарушува приватноста на децата, зашто истата им дозволува на родителите само да знаат со кого комуницираат, не откривајќи ја содржината на пораките.

За да се користи новата опција „Семеен центар“ од страна на родителите, тие ќе мора да креираат свој Snapchat акаунт, а тинејџерите треба да дадат дозвола за да ја активираат алатката.

Од оваа социјална мрежа сметаат дека „Семеен центар“ треба да ги доближи родителите до своите деца, така што тие ќе ги знаат нивните виртуелни пријатели, како што ги познаваат пријателите со кои се дружат нивните деца во реалниот свет.

Оттаму велат дека во следните месеци планираат да додадат уште опции како што е „Семеен центар“. Некои од новите алатки ќе вклучат можност родителите да имаат увид кои нови пријатели нивните деца ги додале на својата листа и ќе имаат можност да пријават доколку сметаат дека некои профили имаат интеракција со нивните деца, а на помладите корисници ќе им биде овозможена опција да ги известат своите родители доколку тие пријават одредена содржина или профил на корисник.

Опцијата „Семеен центар“ беше најавена уште пред 10 месеци, а беше претставена дури во текот на вчерашниот ден.

Leave a Reply

Your email address will not be published.