Venice Simplon-Orient-Express по шините на историјата, до Париз

Неоспорен факт е дека железничкиот транспорт се користи сѐ помалку, особено сега, кога се соочуваме со пандемијата на КОВИД-19, но луксузните патнички возови што сообраќаат на подолги линии, каде што може да се преноќи, да се јаде во првокласен ресторан и слично, како на пример Venice Simplon-Orient-Express, и натаму се атрактивни за луѓето со подлабок џеб, со развиено чувство за убавото.., вклучително и џентлмените.

Десетина патнички возови, може и повеќе, што ги карактеризира луксуз, раскош, сообраќаат ширум светот. Кој од кој подобар, поубав. Уживањето што го нудат, чувството на радост и задоволство во патувањето, е очигледно, а доказ е и сведоштвото на патниците, личното искуство и сеќавањето, спомените, без оглед на времетраењето, макар еден ден, вклучувајќи ја и ноќта. Всушност, целта е гостите да преноќат во нив, да се препуштат на комфорот и покрај тоа што преовладуваат гламурот и раскошот (можеби е малку нападен, но…), и во кабините, апартманите, и во првокласните ресторани, на забавата.., и притоа да се чувствуваат како да се наѓаат во некој прекрасен кралски дворец. Описот е соодветен и на Venice Simplon-Orient-Express, луксузниот патнички воз чие минато е достојно за пофалба, па и почит. И ден-денес е атрактивен за патување низ Европа, од Венеција, како што кажува и неговото име, преку Верона, до Амстердам, Брисел, Будимпешта, Виена, Истанбул, Лондон, Париз, Прага, и во спротивен правец, но поради технички причини, како и вирусната пандемија, долгите линии се укинати. Ќе се обноват кога ќе дојдат подобри времиња.

Меѓу патниците се и џентлмените, кои патуваат од различни причини, за Париз на пример. И обратно. Автомобилскиот и воздушниот транспорт го заменуваат со железнички затоа што е безбеден, а и луѓето со чест, карактер и пристојност не патат од супериорност, едноставно не им е важно дали возат екстремно скап автомобил, дали летаат со авион, со бизнис, економска (прва) класа. Во метрополите и малите градови се возат со метро, на веспа итн. Како и да е, одвреме-навреме сакаат и да се почестат со нешто инакво, необично, а патувањето со Venice Simplon-Orient-Express е баш такво. Неговата историја се раскажува одново и одново. Блиското минато е богато исто како и далечното, кога го нарекувале воз на кралевите и крал на возовите.

Имено, во 1867 година Georges Nagelmackers од Брисел одлучил да замине во Америка, накратко. Патувал и со железница, во Pullman вагон, каде што и преноќил. Седиштата, кои личеле на клупи, се пуштале надолу за патниците да можат да спијат, но неудобно. Тогаш бил млад, полн со идеи, обземен со желби за нови достигнувања. Сфатил дека во Белгија недостасуваат железнички коли, но не какви било, туку раскошни, т.е. луксузни, во исто време и комфорни, каде што ќе може да се преноќи, но и да се јаде. Размислувал и решил да се фати за работа. Кога се вратил, го напуштил банкарството и почнал да го реализира планот. Не било ни малку лесно, се соочувал со сериозни проблеми, предизвици, но не се откажал. Судбината сакала да го поврзе со George Pullman и, соработката започнала. Ги преуредиле вагоните така што вметнале дрво, обработено фино, и месинг. Седиштата ги тапацирале со кадифе, прозорците ги покриле со исти завеси, со убави долги реси, ставиле многу детали, се погрижиле за кујната во ресторанот.., и во 1883 год., на 5 јуни, Express d’Orient тргнал за Виена. Осум години потоа го ребрендирале во Orient-Express. До 1930-тите, кога станал „миленик“ на елитата, направиле измени, и тоа неколку, а во меѓувреме сообраќал на релацијата Лондон-Париз-Истанбул. Патем застанувал и во други поголеми градови, како впрочем и денес. Крајна дестинација во извесен временски период била и Атина. Така функционирал до 1977 год. На 19 мај сообраќал последен пат.

Крајот на истата година бил, всушност, почеток на неговото блиско минато, кога James Sherwood, тогашниот претседател на Orient-Express Hotels Ltd. (сега Belmond Ltd.), од аукциската куќа Sotheby’s во Монако купил две железнички коли, вагони од луксузниот патнички воз, а во наредните пет години вложил единаесет милиони фунти во други триесет и пет, купени од различни колекционери, музеи. Ги поправиле, обновиле и, на 25 мај 1982 година Venice Simplon-Orient-Express го започна вториот живот, сообраќајќи на релацијата Лондон-Венеција. Тој е, всушност, еден од седумте луксузни патнички возови на Belmond Ltd., кој патува и за главниот град на Франција – Париз, од Венеција, каде што е неговата почетна станица. Италијанските, француските и џентлмените од соседните земји често ја избираат оваа метропола за крајна дестинација, неретко и во друштво со нивните избранички. Доколку не се парижани, остануваат ден-два, може и повеќе, стопроцентно предавајќи му се на хедонизмот, со големо уживање. И нашите џентлмени знаат да живеат убаво, затоа и ви ја препорачуваме, но задолжително, доколку имате можност, одете со Venice Simplon-Orient-Express. До неговата почетна станица можете да стигнете и со автомобил. Нема да згрешите, уште помалку да се каете. Но, знајте дека возот не сообраќа во декември, јануари и во февруари. Можете да резервирате и онлајн, да ја одберете крајната дестинација што вам ви се допаѓа, иако Париз е најпосакувана.

Во зависност од денот, т.е. датумот на патувањето, цените варираат. Секако, влијаат и други фактори, како на пример сместувањето, дали кабината е двокреветна, со брачен кревет или два одвоени, па и на кат, еднокреветна или апартман итн. Се движат од 2.379-2.650 до 11.500 фунти, па и повеќе, за еден. Секоја кабина има мијалник, туш-кабина, топла и ладна вода, пешкири, влечки, бањарки, а тоалетите се надвор, на едниот и на другиот крај од вагонот. Вкупно има седумнаесет вагони, од кои во единаесет се наоѓаат кабините за престој, спиење, ресторанот зафаќа три вагони, во еден е барот, во два се чува багажот, кои во исто време служат и како сервис. Има и ексклузивна продавница, која се наоѓа во средината на возот. Од Венеција се поаѓа во 11:31, а во Париз се пристигнува во 08:20 утредента.

Пред да го напуштите Venice Simplon-Orient-Express, во купето можете да појадувате (оброкот се состои од топло печиво, чаден лосос, јајца, тартуфи, кавијар, како и вода, кафе, чај). Потоа, стјуардот ги мести креветите за да уживате во глетката од прозорецот, додека седите на софата од 1920-тите бидејќи е запазен тој стил, а возот се движи со голема брзина. Всушност, стјуардот ви е постојано на располагање, од моментот на вашето качување до напуштањето на возот, кога ќе стигне во француската метропола. Во меѓувреме имате можност да се одморите, да читате, да си муабетите, да се напиете жесток пијалак во барот, а ручекот и вечерата во ресторанот се нешто посебно. Јадењата и пијалаците се послужуваат во порцелан, сребро, кристал, готви Christian Bodiguel, заедно со тимот, кој е и шеф. Кога ќе ги пробате неговите специјалитети на интернационалната кујна, ќе ви биде јасно зошто има освоено неколку мишелински ѕвезди. Се користат свежи продукти, кои се набавуваат попатно, по станиците каде што застанува возот. На пример, јастозите ги ловат во Brittany (регион во Франција), јагнешкото месо е од Mont Saint-Michel (Нормандија, исто така француска комуна), каде што јагнињата пасат близу соленото мочуриште. Сите оброци се вклучени во цената, освен пијалаците и à la carte опциите, кои се наплаќаат дополнително.

Протоколите мора да се почитуваат, како за КОВИД-19, така и другите, на пример за дрес-кодот. Во ресторанот е задолжително да се носи соодветна, односно елегантна облека, додека фармерките, маиците се забранети. Ако имате желба да ѝ приредите убаво изненадување на вашата избраница, на пример, морате да најавите однапред или, пак, да резервирате во зависност од настанот, постапката или дејството. Можностите, погодностите што ги нуди Venice Simplon-Orient-Express додека патувате за Париз, сигурно ќе ве привлечат, можеби ќе ве натераат да размислувате повторно да му се вратите, макар и да се возите на друга релација, бидејќи гарантираат убав помин, а спомените од времето поминато во него ќе ви будат чувство на пријатност, секогаш кога ќе се присетите на возбудливото доживување. Се разбира, до пристигнувањето во француската метропола, која раѓа нови емоции.

08:20 е, точно. По застанувањето на колосекот, патниците излегуваат од возот и се упатуваат во центарот на градот или во некој од арондисманите, на кафе и кроасан, зошто да не. И весник, како некогаш. Париските локали веќе се отворени. Ве очекуваат… Еден од нив ќе биде и наш предлог.

Игор Ландсберг  

ФОТО: Venice Simplon-Orient-Express

ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ

Leave a Reply

Your email address will not be published.