ВИЗАВИ S.T. DUPONT, И ЏЕНТЛМЕНИТЕ Ѝ СЕ НАКЛОНЕТИ… НА ЛУКСУЗНОСТА (I дел)

Хумидорите на S.T. Dupont што ги објавивме минатата седмица, во четвртокот и петокот, за кои се заинтересираа доста љубители на пурите, се само неколку од стотиците луксузни предмети на француската мануфактура, како дел од истоимената компанија, чија сто четириесет и деветгодишна традиција е синоним на раскошот, вклучително и на бескомпромисниот, врвен квалитет, творечкиот или креативниот дух на мајсторите, занаетчии од Франција и единствената или уникатната експертиза на предметите што важат за уметнички, ремек-дела на нивните вредни раце. Нема сомневање дека е престижна, со реноме кое ги привлекува и најпребирливите да купат барем еден или повеќе нејзини предмети, зошто да не, од кои зрачи луксузност во немерлива количина, од запалките (за цигари, свеќи, за пури), кожените аксесоари, модни додатоци (актовки, каиши, портмонеа, ранци, секакви футроли), копчињата за манжетни, преку хемиските моливи (мастилни), накитот, парфемите, до пенкалата (налив пера), саатите, а хумидорите веќе ги споменавме. Неизоставно и господата, џентлмените меѓу нив, купувачите.

Идната година ќе биде јубилејна, ќе се прослават сто и педесет години од нејзиното формирање, основање, а подготовките веќе се во тек. Оттаму велат дека за мајсторијата со која се изработуваат предметите од јубилејните, лимитирани колекции ќе се говори многу, а достапни ќе бидат само за ограничен број луѓе – колекционерите, нивните страсни љубители, чија етикета или потпис на S.T. Dupont им значи повеќе од сѐ, како гаранција за врвен квалитет, а дизајнот е ненадминлив, постојано изненадува со убавината, поради што ги купуваат редовно, задоволувајќи ја својата пасија за нив.

Можеби не знаете, но првите две букви се, всушност, иницијалите на основачот – Simon Tissot. Dupont бил фотограф на Наполеон III, уште како млад, а неговата пионерска работа и естетицизмот, во духот на убавината во природата и во уметноста, биле толку забележливи што побудувал интерес каде и да се појавел. Се говори дека имал око и за најситните детали, забележувал нешта кои само малкумина ги гледале. Во тоа била суштината на неговото работење. Одозгора имал и претприемачки дух, па така, на дваесет и петгодишна возраст, во 1872 г., го отворил својот прв дуќан за кожа во Париз. Неговите персонализирани багажници како што ги нарекувале патничките чанти, куферите, станале потреба, но и нужен моден додаток, аксесоар на елитата во Европа за време на патувањата. Водечките трговски куќи на крајот на деветнаесеттиот век, меѓу нив и Grands Magasins du Louvre (денес Le Louvre des Antiquaries), набавувале од него, а угледните личности како Наполеоновата сопруга Eugénie de Montijo, која важела за учена (се школувала во Англија, Франција и Шпанија), биле постојани купувачи на ковчезите со потписот на S.T. Dupont. Во 1919 год. неговите синови Lucien и André ги презеле уздите во раце и одлучиле во 1924 година да ја преселат мануфактурата од Париз во Faverges (Haute-Savoie) каде што се наоѓала семејната куќа, покрај брегот на езерото Annecy. Така, производството на луксузни предмети во типичен француски бит се тематизирало и будело интерес, како и нејзините иновации кои се користат и денес, на пример штавењето кожа со дијамантен прав (1930 г.), а неретко се применува и азиската техника на лакирање од 1935 год. Истовремено продолжила изработката на куфери.

Поради клиентите, француските печатени медиуми пишувале за мануфактурата суперлативно, дека нејзините ковчези биле кралски, не само метафорично, дека сината крв била судбински поврзана со неа и слично. Wallis Simpson, војвотката на Виндзор, била првата нарачателка на куфер по мера. Набргу и филмските артисти, и политичарите, и модните икони, и богатите индустријалци се придружиле, станале нејзини муштерии, но и промотори. Во меѓувреме, додека траела Втората светска војна, се прославила со луксузната запалка со бензин, а во 1952 година ја произвела и D57, плинската запалка која можела да се подесува со помош на минијатурен лост. Но, нарачките за ковчези не стивнувале. Претходно Хемфри Богарт нарачал торба, лесна патничка чанта за летање и крстосување. Така е смислена „Bogie“, по неговиот прекар. Истата година S.T. Dupont направила ковчег, куфер за кралицата Елизабета, како свадбен подарок за нејзината венчавка со војводата на Единбург, за последен пат, а за Одри Хепберн во 1953 г. ја дизајнирала чантата „Ривиера“, со тајна, скриена преграда. Точно дваесет години потоа, Жаклина (Џеки) Кенеди го добила својот хемиски молив (мастилен) – „Класик“, заедно со запалка. Луксузот се подразбирал.

На прославата на седумдесет и педгодишнината од првата запалка, во 2017 год., S.T. Dupont ја лансира и т.н. компликувана запалка, метален парадокс чии делови, ни повеќе ни помалку – двесте, можат да се видат, а запалката со двоен и факелски пламен е заштитен со шифра. Биле потребни четири години за нејзина изработка. Фактите само ја потврдуваат вистинската мајсторија со која се карактеризира занаетчиската работа, поради што и мануфактурата важи за една од водечките и во Франција и во Европа. Но, и тука нема случајност. Дури седумнаесет вештини се применуваат во изработката, секако рачна, што важат за безвременски, а и придонесуваат за предметите да бидат луксузни, совршени до бескрај. Претераноста на опишувачите не им е лоша страна, туку реално видување на нештата бидејќи употребата на висококвалитетна кожа отсекаде во Европа, претворањето на металите во благородни, кои не кородираат, како скапоцен предмет на убавината, техниката на гравирање со алатки чиишто иглени врвови се дијамантни, мачкањето со десет слоеви лак за да се достигне перфекцијата и тестирањето на крајот, поединечно секој предмет, подложен на силен притисок, за да се провери неговата сигурност, го потврдуваат истото. 

Тоа несомнено ја овозможува(ла) и соработката со најдобрите во светот на уметноста, некогаш со Пабло Пикасо и со Енди Ворхол (култни се нивните лимитирани едиции), а во сегашно време со Tania de Bourbon Parme чија запалка со 152 сафира беше прогласена за најскапа и влезе во Гинисовата книга на рекорди, со продуценти во филмската индустрија, меѓу нив и оној на Spectre, филмот за Џејмс Бонд, тајниот агент 007 и други, а најнова е кооперацијата со Rolls-Royce Motor Cars, т.е. изработката на запалки обвиени со паладиум и резачи на пури за нејзината Cellarette. Но, S.T. Dupont и натаму продолжува со исто темпо, во пресрет на јубилејот, а и секојдневноста ѝ е голем предизвик, да биде водечка благодарејќи на луксузноста која непрестајно ја надградува и ја менува нејзината суштина во добра смисла, постојано кревајќи ги естетските критериуми. Ќе се уверите и во исклучителната визуелност на предметите со кои епитетот луксузни како да е сраснат, а џентлмените, господата не ја пропуштаат можноста да уживаат во неа. Затоа и се одлучуваат за нив, кога им треба нешто врвно, со таков квалитет, изработка и дизајн.      

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: S.T. Dupont

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: КУТИИ ЗА ХУМИДИТЕТ НА ПУРИТЕ – ОДРЖУВАЊЕТО НА ВЛАЖНОСТА Е ПРВЕНСТВЕНО (I дел)

КУТИИ ЗА ХУМИДИТЕТ НА ПУРИТЕ – ОДРЖУВАЊЕТО НА ВЛАЖНОСТА Е ПРВЕНСТВЕНО (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.