ЛОНДОНСКА ЧАЈАНКА СО ШАМПАЊ ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ НА РАЗОНОДА (I дел)

Можеби ќе ви звучи бесмислено, сепак во британската метропола и натаму се одржува, негува традицијата на пиење чај попладне, во часовите на разонодување, а последните неколку години се комбинира со шампањско вино, како што правеле благородниците, аристократите во изминатите два века и повеќе, истовремено експериментирајќи со вкусовите на обата пијалаци, вклучително и температурните разлики (топло-ладно). Малата закуска е исто така дел од ритуалот на кој се препуштаат мнозина лондонци. Меѓу нив и џентлмените, секако. 

Ако се прашувате која е причината што неретко, т.е. доста често пишуваме за Лондон, за тамошните луѓе, за нивниот стил, начинот на живеење, облекување и слично, за трговските марки оттаму.., едноставен е одговорот – џентлмените, вклучително и сѐ што се однесува на нив, потекнуваат од Велика Британија. Таму е, всушност, нивната колепка, родина. И на џентлменската спогодба (анг. gentleman’s agreement), се разбира, нагласувајќи го придржувањето кон договорот, кое пак е работа на моралот и честа.

Од нив може да се научи поприлично, навистина многу, како на пример за почитувањето на традицијата, нејзиното продолжување, одржување. Но, не само од џентлмените, туку и од бизнисмените и т.н јапи, па и од младите и возрасните жени, а исклучок не се ни децата. Уште од мали ги учат да го негуваат и она што е традиционална вредност, меѓу другото. А, попладневниот чај е баш тоа. Британската метропола важи за негов синоним. Затоа и се вели дека посетата на Лондон во ниту еден случај нема да биде коплетна доколку гостите, туристите не се препуштат на уживањето кое го предизвикува традицијата на пиење чај попладне, во часовите на разонода. Но, не каде било, туку во луксузните хотели со пет ѕвезди, т.е. во нивните гостински соби, како што ги нарекуваат хотелиерите, па и во салоните на стоковните куќи, специјализирани за попладневен чај, а незаобиколни се и рестораните, надалеку прочуени по тематската разнообразност кога се работи за пиењето чај во попладневите часови на разонодување.

Не дека лондонците не пијат кафе, напротив. Но, попладневниот чај е дел од нивната секојдневност од памтивека. Говориме за жителите на британската метропола, кои внимаваат на традиционалните вредности, ги почитуваат, одржуваат, продолжуваат, без оглед на современите текови во сите полиња на општествениот живот. Повеќето ја знаат неговата историја, минатото и сакаат да ја раскажуваат приказната за гладната војвотка што ги вдахна тамошните жители да го вратат ритуалното пиење чај попладне, во часовите на разонода, кое извесно време беше подзаборавено, а пред неколку децении влезе повторно на голема врата, без стеснување, во полн залет. Покрај тоа, на гостите, туристите однадвор, како прави домаќини, сакаат да им укажат на разликата меѓу т.н. хај-ти („висок“ чај) и кремастиот, да им објаснат како се подготвува чај со јагоди, зошто се комбинира со шампањ и така натаму.

Во секој случај, историјата на пиењето чај во попладневните часови на разонодување е достојна за посебно внимание, големо уважување и нѐ враќа во 1660-тите, кога важело за врв на софистицираноста, благодарејќи на Charles II of England (кралот на Шкотите) и неговата сопруга, Португалката Catarina de Bragança, кои го популаризирале меѓу аристократијата. Тогаш привилегираниот сталеж имал само два главни оброка во текот на денот, обилни појадок и вечера, дополнети со лесен ручек. Од 1840-тата, кога се појавиле светилките на керозин, обедувањето навечер се поместило за доцните часови. Поради тоа, Anna Russell, седмата војвотка на Бедфорд, извесно време околу 16:00 се жалела на тонење, како што кажувала. Не сакала да го потиснува гладот и на слугинката почнала да ѝ нарачува послужавник со чај, леб, путер и колач во нејзината соба. Подоцна ги канела и пријателките да ѝ се придружат. Кога се преселила во главниот град и ја понела со себе идејата, практиката за пиење чај попладне, во часовите на разонода, наишла на одобрување, прифаќање од страна на лондонските дами, а набрзо ѝ дало одобрение и кралството, поточно владетелката, инаку нејзина долгогодишна пријателка – Victoria. И таа му се препуштила на ритуалот, збогатен со парче торта и крeм од путер и свежи малини, познат како Викторин пандишпан.

Госпоѓите носеле скапа облека, накит, затоа што чајанките се одржувале во салоните, а нивните сопрузи, господарите ги облекувале своите фракови. Притоа, домаќините сакале да го прикажат богатството кое го поседувале. Чајот се послужувал во сребрени чајници, се пиел од кинески порцелански шолји, а имало и мала закуска. Налето седенките се преселувале во дворовите. Секако, поканите биле резервирани само за благородниците, пишани на пергаментна хартија или кажани вербално. На крајот на деветнаесеттиот век паднала цената на топлата напивка од исушените лисја на различни билки, растенија, и притоа станала достапна и за средната класа. До 1920-тите пиењето чај попладне, во часовите на разонодување, било придружено со музика и танц. Додека богатите се забавувале во градините каде што имало и оркестри, другите, како на пример гиздавците, помодарите и оние со поплиток џеб, оделе на попладневен чај во хотелите. Без оглед на неговата експанзија, раширеноста, пиењето чај во попладневните часови на разонода е дел од секојдневието и на кралското семејство. Нејзините членови не го испуштаат и покрај работните обврски, дома или надвор. Кралицата Elizabeth II ужива во неговиот ритуал, со мали сендвичи без корка, овошни колачи.., а принцот William и неговата сопруга Catherine (Kate), војводата и војвотката на Кембриџ, неретко и трите деца, се редовни посетители на луксузните хотели, како на пример Claridge’s. Таму ѝ се препуштаат на повеќевековната традиција, вообичаено со шампањ, додека George, Charlotte и Louis се занимаваат со играње во посебната соба каде што исто така се послужуваат чај и благи, но од детското мени.      

Продолжува… (II дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Claridge’s/ Freepik/ Rocco Forte Hotels/ Fortnum & Mason/ Pinterest/ Wikipedia

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЏЕНТЛМЕНСКИ, ВО СТИЛОТ НА ЏЕЈМС БОНД – ЗАВРШНИЦА СО CROCKETT & JONES ЧЕВЛИТЕ

FLORIS ПАРФЕМИТЕ – НЕПОГРЕШЕН ИЗБОР НА ЛОНДОНСКИТЕ ЏЕНТЛМЕНИ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.