СПОРТСКИ НАСТРОЕНИ, ЏЕНТЛМЕНИТЕ ВО CASA MILAN – ДОМОТ НА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

Посетата на Милано, ломбардиската метропола која важи за една од најпосакуваните дестинации во Италија (заедно со Венеција, Рим) и Европа, кога се работи за туризмот, вклучително и модата, шопингот, па и спортот, мора да се организира претходно, т.е. пред да се тргне на пат, за да се види што е можно повеќе. Имајќи го предвид фактот дека џентлмените се и спортски настроени, љубители на спортот, а некои се и фанови на AC Milan, фудбалскиот тим што е познат како Враг, Ѓавол (анг. Devil) и Росонери (итал. Rossoneri), имињата кои му ги дал неговиот основач –  Herbert Kilpin, пред сто дваесет и две години, наша препорака е да издвоите малку време и за домот на „црвено-црните“ – Casa Milan. Секако, доколку се пронајдете себеси во горенаведеното.

Иако фудбалскиот натпревар меѓу AC Milan и Atlético Madrid пред неколку дена, поточно на 28 септември, вторник, чиј директен пренос одеше на порталот Eurosport и на телевизискиот канал Arena Sport, заврши неславно за тимот од италијанскиот велеград, со резултат 1:2, неговите фанови со нетрпение ја чекаат следната борба. Едноставно не се откажуваат.

А, дека обожавањето на спортските игри, клубови е долготрајно и дека почнува одамна, уште како мали, дека ја вклучува и верноста, т.е. преданоста, приврзаноста, постојаноста во поддршката, дополнета со навивањето и, следствено, навивачките страсти, расположението – тоа е факт, како и неоспорната вистина дека џентлмените и спортот имаат многу заеднички нешта – чесноста (моралната исправност), ферплејот, правичноста, односно праведноста, кои важат за типични спортски гестови, а истите постапки се и џентлменски. Не случајно, голем број спортисти се вистински џентлмени, па и обратно. Згора на сѐ, луѓето со чест, карактер и пристојност се и спортски фанови. Некои од нив се и обожаватели на AC Milan, тимот што го основал Herbert Kilpin во 1899 год., на 16 декември. Откако ги претставил, на играчите им се обратил со следните зборови: „Ќе бидеме тим на врагот, ѓаволот. Нашите бои ќе бидат црвената, како оганот, и црната, со која ќе предизвикаме страв кај противниците“. Една и пол година потоа, „црвено-црните“ го освоиле шампионатот на Италија, победувајќи ја Genoa со 3:0. Развојниот пат, текот на нештата, оттогаш до денес, е цела историја, запишана во аналите на фудбалскиот клуб, изложени во неговиот дом – Casa Milan.

Но, да се вратиме во сегашноста. Голот во дваесеттата минута од натпреварот со Atlético Madrid на домашен терен, на стадионот San Siro, пред неколку дена, го даде дваесет и двегодишниот Португалец Rafael Leão, чиј дрес е обележан со бројот 7. Во осумдесет и четврттата минута Шпанците израмнија, додека во продолжението им се насмеа среќата и, победија. Како-годе, AC Milan имаат многу фанови тука и, воопшто, на Балканот. Неретко патуваат во Милано за да следат некој натпревар, одлучувачки најчесто. Но, престојот во ломбардиската метропола ја користат и за прошетка низ градот, за шопиг во Galleria Vittorio Emanuele II и, секако, за посета на Casa Milan. Останатите џентлмени меѓу навивачите задолжително треба да ја посетат. Се разбира, доколку одат во Милано. Неколку часа се сосема доволни за одблизу да ги запознаат Росонерите. „Црвено-црните“.  гарантираат неповторливо доживување, искуство. И вие можете да го имате, да се здобиете со него, но само ако сте вистински фан, обожавател на миланскиот фудбалски клуб, оддаден со страст. Во спротивно, ќе изгубите само време. Ако решите, сигурно ќе си поминете убаво. Не случајно ја посетуваат луѓе отсекаде, а присутна е и во сите бедекери, водачи за туристи. Дотаму ќе стигнете лесно, може да одите со автомобил, со автобус (бр. 48, 68, 69 и 90), со метро, а има превоз и од аеродромите. Casa Milan се наоѓа на влезот од Piazza Gino Valle, во дистриктот Portello.

Штом стигнете, сигурно ќе ве импресионира модернистичкиот стил на објектот, застаклената фасада, накосениот покрив на зградата, каде што се поставени фигури (силуети) на фудбалери и, секако, тревниците на кои, очигледно, им се посветува големо внимание. Домот на Росонерите постои безмалку седум и пол години, од мај 2014-тата. Во нивните бои е и внатрешноста, па и надворешноста, во комбинација на други. Целта е посетителите да ги сознаат вредностите, историјата на клубот, прикажувајќи ги концептуално, преку главната, водечка мисла – геслото Sempre Milan, забележливо секаде, и во Mondo Milan Museum, и во Casa Milan Store, и во Casa Milan Bistrot. Музејот работи во петок, сабота, недела и понеделник, од 10:00 до 19:00, а останатите денови е затворен. Моментално се бара т.н. зелен пасош, сертификат за вакцинација, потврда за прележен КОВИД-19, за негативен резултат од тестирањето на вирусот, што било, во спротивно нема да ве пуштат да влезете. Цената на билетот е 15 евра, важи шест месеци, а можете да го користите и секој ден ако сакате.

Од почетоците на „црно-белите“, како Milan Foot-Ball & Cricket Club, до нивната водечка позиција кога се работи за фудбалскиот спорт, сто дваесет и двегодишната приказна во емоционално крешендо ја раскажуваат меморабилиите што ја сочинуваат пребогатата колекција спомени, победи, вклучително и ексклузивните интервјуа, важните моменти, анегдотите за познатите Росоери, како на пр. Cesare Maldini, José Altafini, Giovanni Lodetti, Arrigo Sacchi, Mauro Tassotti, Kaká.., кои можат да се гледаат на дваесетина монитори, написите, преплетени со артефакти, наредени во четириесетина витрини, заедно со просторијата каде што се изложени исто толку пехари. Секој трофеј има свое место, а спечифичното осветлување го засилува впечатокот. Наградите се признанија за победите во сите можни фудбалски купови – и европски, и интерконтинентални, и светски. Занимливо е и тоа што насреде во собата е поставена реплика на пехарот од Лигата на шампионите, висока три метри, тешка осумстотини килограми, а нејзината изработка траела шестотини и осумдесет часа. Casa Milan е омилена и меѓу децата поради несекојдневните активности што имаат можност да ги пробаат, кога доаѓаат првпат, или да ги усовршат, ако се редовни посетители. Благодарение на четиринаесетте големи екрани, кои овозможуваат размена на податоци во две насоки, во исто време се забавуваат и едуцираат.

За разлика од Mondo Milan Museum, кој е отворен само четири дена во неделата, Casa Milan Store работи нонстоп, од понеделник до недела, од 10:00 до 19:00. Продавницата е толку добро снабдена што сигурно нема да излезете од неа со празни раце. Уредена е перфектно, а производите се изложени како по конец. Има сѐ што ќе посака еден навивач, страстен љубител на колективната спортска игра со топка и на фудбалскот клуб AC Milan: дресови, шорцови, тренерки, топки, аксесоари, како на пр. вратоврски, капи, шалови.., пенкала, приврзоци, комплети за натпреварите во тековната сезона. Вработените ќе ви помогнат да одберете и подарок. Во Casa Milan Store има и дополнителна услуга, печатење на текстил. Можете да го изберете омилениот број на дрес и ќе го испечатат вашето име. Кога се цените во прашање, има и прескапи работи, но се наоѓаат и евтини. Дресовите на играчите во првиот тим чинат 120 евра. Фановите од странство можат да купуваат и онлајн.

Посетата на Casa Milan вообичаено завршува во бистрото. Седум дена во неделата, со варијабилно работно време, посетителите можат да се послужат со кафе, природни, овошни сокови, но и да нарачаат брза храна. Неодамна, водењето на експрес-ресторанот му се довери на Codesa, угостителското претпријатие кое ја отфрли пластиката од употреба, така што во кантината се користи само еколошки прибор за јадење, а целта е да се издигне свеста кај луѓето за животната средина, нејзината грижа и така натаму. Секако, и во Casa Milan Bistrot се применува Росонери концептот, и во декорацијата и во јадењето. Тоа, пак, и спортот се двете работи во кои најповеќе уживаат Италијанците, постојано трудејќи се обете задоволства да ги пренесат и на другите, како нешто задолжително, не и усилено. За среќа, нашите џентлмени одамна ги прифатија. Тие се дел од нивното секојдневие. Домот на „црвено-црните“ и неколкуте часа поминати таму го дополнува или комплетира, сеедно, а неповторливото доживување, искуствотото кое го гарантираат Росонерите не се заборава тукутака. Исто како и патувањето во ломбардиската метропола каде што „слаткиот живот“ едноставно се подразбира. Без сомневање, долче вита може да биде и одењето кај „црвено-црните“ на гости, во нивниот дом – Casa Milan, зошто да не. Покрај шопингот во Galleria Vittorio Emanuele II, се разбира. И самата прошетка низ градот, кој е меѓу омилените, популарните дестинации на џентлмените оттука, од земјите во нејзината близина и подалеку.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: AC Milan

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ДОЛЧЕ ВИТА ВО GALLERIA VITTORIO EMANUELE II, ЛЕНД-МАРК НА ЛОМБАРДИСКАТА МЕТРОПОЛА

Leave a Reply

Your email address will not be published.