ДОЛЧЕ ВИТА ВО GALLERIA VITTORIO EMANUELE II, ЛЕНД-МАРК НА ЛОМБАРДИСКАТА МЕТРОПОЛА

Патувањето во Милано секогаш е извонреден, одличен избор, од неколку причини. Градот во северна Италија, ломбардиската метропола, што му припаѓа на Blue Banana (коридорот е познат и како European Megalopolis, Liverpool-Milan Axis) и важи за еден од Four Motors for Europe, е меѓу омилените, популарните дестинации на џентлмените оттука, од земјите во нејзината близина и подалеку, на Италијанците кои живеат во другите регии. Модата и спортот, заедно со шопингот, се најчестите поводи за посета на Милано чиј велеградски живот е повеќе од атрактивен, примамлив. Се разбира, нема да биде потполна доколку не се отиде и во Galleria Vittorio Emanuele II, неговиот заштитен знак, покрај миланската катедрала – Domm de Milan, како што ја викаат Ломбардијците.

Милано често го посетуваат и бизнисмените од причина што е и важен деловен центар, и манекенките во потрага за успех, бидејќи е и средиште на модата, и туристите поради неговите историски, културни знаменитости, па и спортските фанови кои неретко присуствуваат на фудбалските натпревари, каде што играат AC Milan, Inter. Доста луѓе одат и заради Salone Internazionale del Mobile di Milano, миланскиот саем на мебел, дрвенарија, кој годинава траеше пет дена, од 5 до 10 септември, или за да присуствуваат на Settimana della moda, модната недела што се одржува зиме и напролет. Оваа година машките колекции за пролет-лето 2022 г. се прикажаа во јуни, од 18 до 22, додека женските ги претставија месецов, меѓу 21 и 27. Како било, посетата на Galleria Vittorio Emanuele II се подразбира. Таа е незаобиколна, едноставно не може да се избегне одењето таму со цел да се купат некои работи, на пр, облека, чевли, јувел, антиквитети, аксесоари.., да се испие кафе, да се изеде нешто слатко, да се руча или да се вечера, но во исто време и да се почувствува изобилието, богатството на животот, во смисла на неговата убавина, затоа што секој ден е луксуз, божји подарок. Уживањето во него не е грев, чувството на радост и задоволство кое го буди е неприкосновено, право на сите што го сакаат, а патувањето е само едно камче од мозаикот.

Таква емоција предизвикува и великолепноста, раскошот на старото здание кое истовремено се одликува и со модерност затоа што убавината секогаш е во тренд, а неговата привлечност, атрактивност, па и актуелност никојпат не избледуваат, кога е посетата во прашање. Не случајно е ленд-марк, белег на ломбардиската метропола, мегалополисот што пулсира со брзина од која се заматува во главата. Важи за трговски, шопиг-центар од стравотни размери, во добра смисла, со уште поголема вредност, и архитектонска и архитектурна, поврзана и со неговото времетраење, староста. „Галеријата“ постои веќе сто четириесет и четири години, а го носи името на првиот крал, владарот на обединета Италија. Во 1861 год., на триесет и двегодишна возраст, архитектот Giuseppe Mengoni ја дизајнирал големата масивна зграда, но нејзината изградба почнала дури во 1865-тата и траела цели дванаесет години. Плени со убавината и внатре и однадвор. Всушност, нејзината конструкција (изградена целина) е крстовидна, во форма на латински крст, и се состои од две аркади, со засводени стаклени покриви од леено железо.

На средината, каде што е вкрстувањето, пресекот, образуваат простор, кој е октагонален и покриен исто така со стаклена купола. Без оглед на тоа што покривите биле врвни, најквалитетни дотогаш, во текот на Втората светска војна претрпеле големи оштетувања, како и во 1970-тите. Ги санирале неколкупати, а во 2015 год., пред одржувањето на Expo, е направена сеопфатна поправка, отстранување на сите дефекти со помош на кран, како и генерално чистење на ѕидниот часовник, фенерите, бројните статуи, декорации, централните мозаици на подот, кои ги означуваат грбовите на Милано и Рим, Торино, Фиренца, трите престолнини на некогашното Италијанско Кралство. Се верува дека бикот на торинскиот грб носи среќа. Имено, треба да се завртите (трипати) со петата на тестисите. Оваа практика го оштетила мозаикот, па денес има вдлабнување на биковските гениталии. Миланските граѓани обично се подбиваат со туристите поради нивното верување, велат дека среќата зависи од нас, дека тестисите на бикот не можат да нѐ направат среќни, а одвреме-навреме знаат, кришум, да се вртат околу нив. 

Локацијата на Galleria Vittorio Emanuele II е совршена, се наоѓа во центарот на градот, меѓу Piazza del Duomo, каде што е Basilica cattedrale metropolitan di Santa Maria Nescente или Duomo di Milano и Piazza della Scala, предворието, ако може да се каже така, на Teatro alla Scala, во која настапиле и наши оперски певци, како на пр. Александар Стефаноски (бас), Благој Нацоски (тенор), Владимир Саздовски (бас). Врволица од луѓе има постојано, и преку ден и навечер. Со видеокамерите, мобилните телефони, фотоапаратите се обидуваат да ги зачуваат спомените. Близу се и музеите на катедралата и Миланската скала, и стоковната куќа La Rinascente, оддалечена 170 м, иMuseo del Novecento (Музејот на современа уметност, со поглед на Duomo di Milano), на 240 м, и Palazzo Reale(чии кралски, краличини соби се полни со ремек-дела), на растојание од 290 м, и Museo Poldi Pezzoli(скапоцениот камен на музејските куќи во Милано), оддалечен 350 м, и Via Torino (шопинг-улицата со мајсторски дела на секој чекор), на 350 м, и Santa Maria presso San Satiro (црквата се прослави со богатата визуелна имагинација на Donato Bramante, нејзиниот архитект), на растојание од 380 м, и Pinacoteca Ambrosiana (една од најпознатите галерии каде што се изложени дела на Да Винчи, Караваџо и Рафаел), и Via Montenapoleone(жителите на ломбардиската метропола ја викаат Via Montenapo, симболот на Made in Italy), оддалечена 520 м, и Quadrilatero della moda (дистриктот кој важи како дом на модата и луксузот), на 660 м, и Via Brera (средиштето на боемскиот живот, во вечерно време), на растојание од 700 м, и Via della Spiga (позната како модна дива, со италијански брендови), оддалечена 740 м, и така натаму. Дотаму, до Galleria Vittorio Emanuele II, може да се стигне и со трамвај (броевите 1 и 3 застануваат на станицата Duomo) и со метро (до Grossi S. Margherita се стигнува со броевите 1 и 2).

Штом ќе влезете, на прв поглед ќе ве освои нејзината грандиозност, величественост, потоа големиот број луѓе што брзаат наоколу, да се подноват, да се фотографираат, да седнат за да здивнат малку, пред да продолжат со купувачката.., па бутиците, кој од кој подобар, попознат, поубав, со богато осветлени излози што маѓепсуваат, на кои можат да се видат репрезенативните модели од новите колекции, облека и аксесоари, продавниците за чевли, јувелирските и дуќаните со антиквитети, кафе-рестораните.., на четирите ката. Борба за престиж е сопственоста на продавница во „галеријата“, исто како и шопингот. Италијанските џентлмени ќе ги препознаете одма, спастрени се тип-топ, од глава до пети, сами, во друштво со жена, сеедно, чии манири во шармерски стил се толку очигледни, забележителни, што предизвикуваат интерес, внимание. Меѓу нив има бизнисмени, деловни луѓе од ерата на компјутерите, новинари, телевизиски водители, уметници.., кои не само што се успешни во работата, туку се и приврзаници, следбеници на хедонизмот, на сетилното уживање, на „слаткиот живот“.

А, долче вита (итал. dolce vita) е и пазарењето, шопингот во Galleria Vittorio Emanuele II, во трговските дуќани, ексклузивните продавници на Andrew’s Ties, Borsalino, Bric’s, Cadѐ, Church’s, Giorgio Armani (доколку ве послужи среќата, може ќе го видите осумдесет и седумгодишниот дизајнер како го уредува излогот), Grimoldi, Gucci, Lѐo Pizzo, Libreria Boca, Louis Vuitton, Luisa Spagnoli, Massimo Dutti, Noli, Pellux, Piumelli, Prada, Rocca, Stefanel,Swarovski, Tod’s, Vigano.., повеќето членови на Il Salotto di Milano, здружението на трговските куќи, марки, претпријатија што имаат дуќани во „галеријата“, од 1949 год., а една од нивните обврски е логоата над продавниците да бидат исти – златни букви, знаци на црна позадина; преноќевањето во Hotel TownHouse Galleria (Galleria Vik Milano), кое чини од 400 евра, па нагоре, за двајца, во зависност од собата, периодот (сезоната), погледот; пиењето кафе во Zucca, кафеана од 1867 год., каде што доаѓале Џузепе Верди, Артуро Тосканини, по настапите во Teatro alla Scala, поради, како што велеле, најубавото кафе во Милано; јадењето блага, т.н. слатки креации на Enrico Parassina, кои често знае да ги направи на лице место, да ги фламбира и сл., во кафе-ресторанот Galleria.

Сепак, Biffi е доминантна. Кафеаната е отворена исто така во 1867 год., а нејзин сопственик бил Paolo Biffi, инаку слаткар на тогашниот монарх. Важи како најдобро место за пријателско среќавање, состанување на партнерите, со фантастичен визум. Секогаш е преполн, а миланските, италијанските и џентлмените од странство се редовни посетители, наутро – кога пијат еспресо, вообичано во ретробарот со дрвенарија или на терасата, оградена со внимателно негувано цвеќе во жардиниерите, околу ручек – за да каснат нешто, како на пр. шпагети со болоњски сос, ризото, попладне – на чај, колачи (најчесто тарт, овошен се разбира), навечер – кога се опуштаат со надалеку прочуените милански Campari коктели. Во споредба со другите локали во „галеријата“, цените се повисоки, па така, еспресото чини 4 евра, капучиното е 6 евра, фредото е 7 евра, ирското кафе чини 16 евра, додека цените на јадењата се движат меѓу 37 и 55 евра. Закуските се поевтини, од 17 до 28 евра. Во секој случај, атмосферата е убава, опкружувањето исто така, вклучувајќи го и доживувањето.

Galleria Vittorio Emanuele II е долга приказна, но Милано е град што има многу да понуди, во различни варијанти, со многубројни специфичности. Ваш е изборот за која ќе се одлучите, а може и неколку да одберете. Спортската нека биде задолжителна, меѓу другото. Има причина.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Unsplash

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: КАШМИРОТ – НЕЖНО МИЛУВА…

Leave a Reply

Your email address will not be published.