ТРЕНЧКОТ – „РОВОВСКИ КАПУТ“ ЗА МОДНО ИЗРАЗУВАЊЕ, ЗОШТО ДА НЕ (I дел)

И есенва, како и минатите години, сто и седумдесетина, кога се работи за модата (класичната пред сѐ), вклучително и трендовите, тренчкотот или мантилот, капутот (рововски, во буквален превод) од потенок, полесен материјал, сеедно, е неизоставен дел од гардеробата на мажите кои држат до себе, внимаваат на својот изглед, а меѓу нив и џентлмените. Доколку анализирате малку, работите ги погледнете суштински, ќе ја забележите поврзаноста меѓу британските господа и мнозината парчиња облека – повеќето се измислени во нивната родна земја, т.е. доаѓаат оттаму. Се разбира, и тренчкотот.

Тука обично се користи зборот мантил, па и капут од потенок, полесен материјал, но слободно можете да го употребувате и тренчкот, зборот е странски, но и прифатен во македонскиот јазик, како што е распространета неговата примена, широка секако, и кога е класичната мода во прашање и кога се работи за трендовите. Всушност, ова парче облека несомнено е класика. Може да се носи буквално во секоја пригода – на работа, на кафе, бранч и слично (кога, всушност, се облекувате лежерно), на љубовна средба, т.е. рандеву, па и на свеченост.

Неговата привлечност, атрактивност е толку голема што во својата гардероба, орманот, задолжително го имаат сите, и бизнисмените, и младите градски жители посветени на кариерата, со неверојатна извонредност, исклучителност (т.н. јапи), и џентлмените, нема сомневање. Не случајно, тренчкотот е најпрепознатливото парче облека, дел од гардеробата на Џејмс Бонд, тајниот агент 007, во изминатиот период, на почетокот, а подоцна и омилен меѓу холивудските актери, па и порано. Нема глумец кој не се облекувал така, вклучително и денес, во стилот на имагинарниот лик што е, всушност, плод на фантазијата. Јан Флеминг бил новинар, писател (автор на бројни фантастични, криминални романи) и разузнавач, а важел и за господин човек, прав џентлмен. И самиот носел мантил, тренчкот во црна, боја на саѓи, јаглен, често и врз костум, бела кошула и лептир-машна, како знак на препознатливост. Покрај неговата повеќенаменска употреба, тренчкотот е и омилено парче облека на жените, значи е унисекс. Без оглед на тоа, мантилот е култен, иконичен дел од гардеробата на вистинските мажи, џентлмените, на чиј стил му се посветуваме со внимание, редовно.

Мантилот или капутот од потенок, полесен материјал, на пример габардинот, отпорен на вода, е своевидна кабаница бидејќи заштитува кога паѓа дожд, а истовремено штити од ветар, поради широките, големи јаки (зашиени, прикачени) што се креваат за да го покријат лицето. Вообичаено има преклоп, така се закопчува, со цел да ги заштити градите, односно предниот дел од телото, како и џебови отстрана, но некои, пак, имаат и горе, во зависност од моделот. Секако, тренчкотот со текот на времето е стилизиран, и денес претпрува измени согласно со трендовите во модата, но каишот, ременот се чини дека е стандардизиран, иако се продаваат и мантили, капути од потенок, полесен материјал без колан, што е поретко. Во секој случај, тренчкотот се одликува со удобност и елеганција, идеален е за есенските врнежливи денови, кои ги карактеризира и променливост, а се носи и напролет, па и зиме, но одоздола морате да имате повеќеслојна облека или џемпер, подебел. Инаку се комбинира со маица, кошула (откопачана горе, првото копче, најмногу и второто), блуза со рол-крагна, фармерки, па и со т.н. канадски смокинг – џинс од глава до петици (панталони, јакна), вклучително и кошула од тексас платно, под кусото палто, доколку сакате да се облечете лежерно, спортски, а често се носи и во комбинација на костум, со вратоврска. Деталите се исто така важни, како на пример капа, шал, чадор со исти шари.

Џентлмените се интересираат за минатото, историјата на сѐ што има вредност, значење, па и на модата, вклучително и на парчињата облека. Убаво е да се знае потеклото, развојниот пат, поинакво е чувството кога ја познавате нивната суштина, содржината во секој поглед, па и минатото, историјата. Затоа им обрнуваме внимание, а тренчкотот го заслужува, несомнено. Се разбира, интерес побудуваат и занимливостите поврзани со него. Дали знаете дека на одредени места е забранет, носењето на мантилот е недозволиво? На пример во Колорадо, по масакрот во Columbine High School во 1999 г., каде што убијците биле облечени во капути од потенок, полесен материјал, а подоцна се установило дека ѝ припаѓале на студентската организација Тренчкот мафија. Некаде ќе прочитате дека потекнува, датира од Првата светска војна, но фактите се поинакви, а едновремено има дилема околу неговите пронаоѓачи. Всушност, Aquascutum и Burberry (обете модни куќи се лондонски) и натаму ја водат битката за приматот во модната иновација – мантилот, капутот од потенок, полесен материјал или тренчкотот, како-годе. Првата е отворена во 1851 г., а втората постои од 1856 г.

Машката облека во тоа време била дебела, тешка, чоена во најголем број случаи, широка и лесно замирисувала лошо, на пот, а кога врнело, носеле мекинтош, мантил од непропустлива гумирана ткаенина. Сакале да ја променат, да ја олеснат и разубават. Aquascutum во 1853 г. дизајнирала нова водоотпорна облека, додека Burberryво 1879 г., благодарјќи на неговиот основач Томас, на купувачите им го претставил габардинот, материјал што не пропуштал вода и луфтирал, дишел (така велел пронаоѓачот). Во текот на Првата светска војна, облеката на британските војници била непрактична, едноставно им отежнувала снагата од неа. Старешините побарале нова, поприкладна, заради комотност, удобност. Произведувачите се раководеле од потребата за пријатно чувство, иако воените услови не овозможувале такво нешто. Сепак, новите капути од потенок, полесен материјал биле полн погодок. Во рововите се движеле полесно, кога паѓал дожд, водата не се впивала, туку наметката на грбот, која била куса, мала, ѝ овозможувала на водата да истекува, на ременот имало прстени за муниција и слично, а поставата или астарот, сеедно, можел да се извади, да се приспособи за одмор, спиење, како перница, постелнина. Но, треба да се има предвид фактот дека тренчкотите на почетокот ги носеле офицерите затоа што биле привилегирани. Така ги разликувале. Тогаш старешини, офицери можеле да бидат само припадниците на благородништвото, аристократијата. Истовремено, мантилот, капутот од потенок, полесен материјал ја симболизирал и класната спротивност, разлика, но набргу, поради раздорот, пешадинците, кои биле припадници на работничката класа, ги унапредиле за старешини, офицери, кога се здобиле со измислен статус – привремени господа. Тренчкотот им ја кренал цената и станал нивен заштитен симбол, знак.

Производството се одвивало непречено, било масовно, а воената облека, т.е. мантилот, капутот од потенок, полесен материјал им се допаднал и на цивилите од истите причини како и на војниците, поради комотноста, удобноста, изгледал софистицирано наспроти сѐ што нуделе продавниците, а и одоздола можело да се носи каква било гардероба. По завршувањето на војната, Холивуд помогнал, придонел за негова популаризација. На пример, Хемфри Богарт во „Казабланка“ и „Малтешки сокол“ ја овековечил тогашната или модата на 1940-тите, кога тренчкотот бил доминантен, основно парче облека, вклучително и Марлен Дитрих, која исто така го рекламирала, па и Одри Хепберн, малку подоцна. Другото е индустрија, филмска и модна. Aquascutum и Burberry продолжиле и натаму со производството, а и денес е нивен приоритет кога се работи за дизајнирањето, изработката. Секако, неговата стилизација е нормална појава, очекувана, во согласност со трендовите, но и останатите модни креатори, куќи речиси секоја есен и напролет, секако, исфрлаат нов модел, макар и еден.

Продолжува… (Останатиот, вториот дел од текстот ќе го објавиме утре) 

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Michael Andrews/ Aquascutum/ Pinterest/ Burberry/ YSL

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЛОНДОНСКА ЧАЈАНКА СО ШАМПАЊ ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ НА РАЗОНОДА  (I дел)

ЛОНДОНСКА ЧАЈАНКА СО ШАМПАЊ ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ НА РАЗОНОДА  (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.