ВИЗАВИ S.T. DUPONT, И ЏЕНТЛМЕНИТЕ Ѝ СЕ НАКЛОНЕТИ… НА ЛУКСУЗНОСТА (II дел)

Мануфактурното производство на S.T. Dupont е дел од истоимената француска компанија со седиште во Париз, на 10 Rue de la Paix, а рачната изработка, која истовремено е и квалитетна и совршена, предизвикува внимание, но и го привлекува, особено на колекционерите и на луѓето што се разбираат во естетиката, благодарејќи на естетското сфаќање на животот и на естетското уживање во уметноста. Господата, џентлмените се такви, нема сомневање, со развиено чувство за убавото, смисла за убавото. А, поинаку и не можат да се опишат нејзините предмети кои важат и за луксузни. Навистина изгледаат раскошно, без увеличување, претерување, што се потврдува и со купувачката треска, не само за време на празниците, туку секојдневно. Нејзините продавници се насекаде, во целиот свет, а следствено, и купувачите се припадници на различни нации, но тоа е сосем небитно бидејќи сите се џентлмени, господа. S.T. Dupont е резервиран за нив, за луѓето со чест, карактер и пристојност, кои внимаваат на себе, на своето достоинство, на изгледот, вклучувајќи го и задоволството во купувањето на најдоброто, најквалитетното, најубавото и во неговото користење, употреба. Се разбира, подарувањето е исто така нивна одлика, често и без причина.

За француската мануфактура чија сто четириесет и деветгодишна традиција во рачната изработка не може никако да се занемари се вели дека и аурата ѝ е луксузна, раскошна во смисла на нејзиното посебно влијание, впечатокот што го остава на избраната група луѓе кои знаат да ги ценат вредностите, какви и да се. Нејзините предмети се, всушност, резултат на богатата визуелна имагинација на дизајнерите, занаетчиите, мајсторите од Франција што ги карактеризира меѓу другото и прецизност и креативност и желба, волја за творење, работа. Сето тоа може да се забележи во нивните уметнички, ремек-дела, ценети насекаде, во целиот свет, кои заслужуваат да се пишува за нив за читателите да ја сфатат нивната и суштината на работата на S.T. Dupont. Едновремено ја отелотворува мајсторијата, но и француското занаетчиство, надалеку прочуено.

Не престанува да создава безмалку сто и педесет години, во четири уметнички правци: уметноста на огнот, уметноста на патувањето, уметноста на пишувањето и уметноста на заведувањето. Така некако се поделени колекциите што вбројуваат стотици луксузни предмети, а лимитираните секогаш имаат приказна, причина за нивно лансирање, повод. Како што велат оттаму, нивниот ограничен број е наменет за ексцепционалните, извонредните, исклучителните, но тоа не значи дека останатите не се такви. Напротив, пораката на компанијата е Be Exceptional (Бидете извонредни, исклучителни). Се разбира дека ќе се чувствувате така кога ќе купите, па и кога ќе видите, некој предмет од лимитираните колекции From Paris with Love (Од Париз со љубов), инспирирана од париските знаменитости, како на пример запалката или стилопенкалото со каменен ефект, по цена од 4.100, односно 2.900 евра и Space Odyssey (Одисеја во вселената), вклучувајќи две линии – запалките Prestige (2.600 евра) и ролер, т.е. стилопенкалата Premium (1.500, односно 1.600 евра), финиширани со паладиум. Асортиманот е голем, затоа ќе ви пренесеме дел од него, ќе ви ги претставиме луксузните предмети што нѐ заинтригираа нас, а се надеваме и вас, дека и другите ќе ви го привлечат вниманието, исто како веќе прикажаните, гореспоменатите. Цените се релативни, затоа и нема да ги коментираме. Сосредоточете се на нивната убавина за да уживате во неа, за свое задоволство.

Се чини дека S.T. Dupont во последно време најмногу ги популаризира своите запалки, како за пури, така и за цигари, па и за свеќи. Пушачите велат дека се убедливо најдобри. Тринаесетте колекции се збунувачки, пред сѐ поради бројноста и, секако, нивната разновидност. Од запалките кои се наменети за пури ќе издвоиме две златни (18 каратни), жолта и бела, што ѝ припаѓаат на Ligne 2, а една чини 19.900 евра. Важат за ексклузивни како, впрочем, и останатите, први на ранг-листата по скапотија. За страсните љубители на кафеавото залато во прачки се нудат и додатоци, аксесоари – пепелници, резачи (ножици), футроли за пури, запалки, како и хумидори. Голем е интересот за Cohiba 55 запалките од истоимената лимитирана колекција што вклучува и аксесоари, додатоци. Таа е резултат на соработката со кубанскиот бренд кој неодамна прослави јубилеј – педесет и петгодишнината од неговото формирање. Цените на запалките се меѓу 1.090 и 1.290 евра.

Пенкалата (налив пера или хемиски моливи – мастилни) на S.T. Dupont се исто така препознатливи, како запалките, а претставуваат и нејзин заштитен симбол, знак на извонредна финост. И луксузноста е одлика на ролер, стилопенкалата, што им припаѓаат на петте колекции – Line D, Sword, D-Initial, Liberté и Défi. Пенкалата Line D се пуштија во продажба кога се прославуваше сто четириесет и пет годишнината од постоењето, а во исто време им се оддаде почит и на мајсторите за лакирање. Црното (стилоролер) наместа е обложено со паладиум и чини 460 евра. D-Initial спаѓаат во групата класик пенкала чија елегантност е исто така несомнена. Инспирирани од естетиката на Simon Tissot Dupont, се вистински, прав избор на џентлмените, господата, но и на дамите, госпоѓите, госпоѓиците. Цената на хромираното стилопенкало е 205 евра. За обичните, пенкалата со мини Défi се вели дека се најпрецизни, а инспирацијата за нивните дизајни се воените, борбените авиони. Веројатно и затоа ги опишуваат како типично машки. Бронзеното пенкало во комбинација на мат црно е обложено и со паладиум, таква е завршницата, додека композитот се базира на јаглеродни влакна. Чини 270 евра.

Изборот на чанти со потписот на S.T. Dupont е толку голем што секој господин човек, џентлмен ќе посака да има барем една. Намената е различна, затоа има неколку колекции, петнаесетина. Тука се и кожените аксесоари, модните додатоци, како на пример каишите, несесерите, портмонеата, футролите. Сепак, чантите, односно торбите со различна големина се повеќе од атрактивни, примамливи. Од акт-чанти до патнички, застапени се речиси сите стилови, наменети за бизнисмените, припадниците на јапи-генерација, но и за луѓето што сакаат да патуваат или, пак, само да се шетаат во близина. Освен торбата, лесната патничка чанта Bogie, нашето внимание го привлече и колекцијата Croco Dandy, од крокодилска кожа се разбира. Цената на кафениот портфељ е 900 евра, додека навлаката, футролата за лаптоп во црна боја чини 490 евра. И за ранците се говори суперлативно, изгледаат преубаво, а црниот, комбинација на најлон и кожа, ни е фаворит, поради лежерноста, но истовремено може да послужи и како чанта за лаптоп. Неговата цена е исто така 490 евра.

И парфемите и часовниците на S.T. Dupont се приказна за себе, класика во буквална смисла на зборот. Иако е мал, изборот може да биде вистински, прав. Освен што ја истакнуваат мажественоста, нивната привлечност, атрактивност во голема мера кореспондира со џентлменската, господската. Во комбинација на бразлетните, каишите, копчињата за манжетни на француската мануфактура, компанија, нема промашување. Каква било да изберете, црвена или црна, бразлетната ќе ја разбие монотонијата на класичната облека. Едноставна е, но деталите се занимливи. Металниот дел е посребрен и го претставува валјакот на запалката, додека врвката е најлонска. Чини 130 евра. И копчињата за манжетни од лимитираната колекција Space Odyssey се интересни, необични, одозгора и лесно вклопиви. Малите астронаути, обложени со паладиум и злато на лицата, сигурно ќе ги привлечат погледите. Нивната цена е 390 евра.

Факт е дека S.T. Dupont е комерцијална мануфактура, компанија, но уметничката изработка на луксузните предмети не може да се оспори. И нивната допадливост е неоспорна, поради што се и барани. Сепак, најголемо воодушевување предизвикуваат нејзините уникати, ремек-делата на S.T. Dupont и познатите француски артисти – гравери, дизајнери, јувелири, каменоресци. Frédéric Krill, Kostas Metaxas, Philippe Tournaire и Luis Albert Quispe се неколкутемина од нив. Сигурно го привлекоа и вашето внимание, исто како и нашето, поради што сакавме и да ви ги покажеме. Наголемо се зборува меѓу колекционерите за нивното врвно мајсторство кога е рачната изработка во прашање. Уметничките дела не се достапни секому, малкумина знаат за нив, освен страсните собирачи на реткости, а тие несомнено се такви. За убавината секогаш има место, секаде, дури и само кога се говори за неа, иако нејзиното доживување е сосем инакво, чувството е друго. Визави S.T. Dupont и нејзината луксузност на која и господата, џентлмените ѝ се наклонети.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: S.T. Dupont

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ВИЗАВИ S.T. DUPONT, И ЏЕНТЛМЕНИТЕ Ѝ СЕ НАКЛОНЕТИ… НА ЛУКСУЗНОСТА  (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.