КУТИИ ЗА ХУМИДИТЕТ НА ПУРИТЕ – ОДРЖУВАЊЕТО НА ВЛАЖНОСТА Е ПРВЕНСТВЕНО (II дел)

И хумидорите како што се нарекуваат кутиите за одржување, зачувување на влажноста (хумидитетот) на пурите имаат потреба од нивно одржување исто така, за да траат долго, а првенствено да функцинираат добро за кафеавото злато во прачки да биде свежо и да се ужива во него во секој момент, кога ќе се посака. Има правила што се запишани од стручни лица, кои треба да се почитуваат и, секако, да се применуваат на дело. Инструкциите во упатствата за употреба се објаснети во кратки црти без оглед на тоа што нивното одржување изискува поголемо внимание. Пред да се наполни со пури, независно дали е првпат или се испразнил, па така стоел извесно време, мора да се подготви за користење.

Прво се чисти внатрешноста, со волнена крпа натопена со дестилирана вода, исцедена, за да стане влажна. Потоа се сипе дестилат (2-3 дл) во мала посатка која се остава да постои 24 часа, внатре секако, за пурите да бидат свежи постојано. Доколку не се направи тоа, дрвото ќе го извлече и нивниот и хумидитетот на воздухот, а пурите ќе се исушат. Следува навлажнувачот и неговата подготовка. Откога и тој ќе се стави во мала посатка, истата се полни со дестилирана вода (не обична бидејќи содржи хемикалии, минерали што можат да го затнат) до половина и се остава да постои додека не ја впие. Така натопен се става во хумидорот и подготвувањето на внатрешноста е готово. Третиот чекор е калибрација на хигрометарот, односно влагомерот. Со влажна крпа, претходно натопена со дестилат, а потоа исцедена, се замотува хигрометарот и се остава да постои околу еден час, додека не покаже 100. Толкаво треба да биде нивото на влажноста, но доколку не се достигне, одзади се наоѓа завртка која може да се подесува со шрафцигер до споменатата, вистинска мера (калибар). Заради сигурност, се препорачува ретестирање, како и баждарење на влагомерот најмалку еднаш во годината.

Специјалистите за пури (не случајно е одбран изразот бидејќи рачно завитканите тутунови лисја подготвени за пушење изискуваат добро познавање за истото да се пренесе на нивните страсни љубители на соодветен, адекватен начин, од изборот на пурите до зачувувањето, одржувањето на свежината благодарејќи на хумидорите, кутиите за влажност) инсистираат на нив, за уживањето во ритуалот на пушењето и во тутуновиот кадеж, вкусот на кафеавото злато во прачки како што ги нарекуваат пурите да биде поголемо. Изгледаат цврсти, но се многу кревки во смисла на квалитетите, позитивните својства кои опаѓаат доколку не се чуваат соодветно, се исушуваат, стврднуваат уште повеќе, а следствено им се менува и вкусот и тутуновиот кадеж, некако е поинаков. Многумина ги ставаат во фрижидери, очевидно немаат хумидори, но препораките на експертите за нивните уживатели се пурите да ги чуваат во темни, влажни простории, визби, ако се има таква можност. Сепак, најдобро е да се набават кутии, хумидори, да се инвестира во нив. Придобивките се големи. Одозгора и дизајнерите се инспирирани, па создаваат навистина убави хумидори, некогаш и така осмислени што изгледаат неверојатно, па и со таква местоположба. Ќе ви претставиме неколку, и класични, но и супермодерни, луксузни во секој случај, и заради вдахновение, но и поради нивната визуелна сензација.

Француската мануфактура S.T. Dupont, за која ќе можете да читате в понделеник и вторник, ја карактеризира луксузот, а уметничката изработка не само што е врвна, туку и единствена, неповторлива. Моментално на пазарот нуди неколку модели на хумидори, поточно три, за чиј квалитет не треба да се зборува, тој е докажан. Освен кедров за 100 пури (550 фунти = 39.939 денари), махагониев за 50 пури (335 фунти = 24.327 денари), во нејзините дуќани се продава и т.н. Cohiba 55 хумидор (2.105 фунти = 152.859 денари), лимитирано. Поводот за неговото производство беше педесет и петгодишниот јубилеј на кубанскиот бренд и неколкугодишната соработка, почнувајќи од 2003 г., обновена лани. Во изработката е користено кедрово дрво bossé, одозгора лакирано, а финишот е бело-златен. Го има логото на јубилејот, на трговската марка – главата на Индијанецот од племето кое го инспирирала за името, како и на мануфактурата со седиште во Париз. Може да збере 100 пури, да се затвори со клуч, хигрометарот е аналоген и се користи Boveda навлажнувач.

За Louis Vuitton, француската модна куќа што се занимава и со производство на луксузни предмети, се говори суперлативно, без исклучок. Независно од моменталната ситуација во која не се нудат хумидори, нивните застапници и натаму ги продаваат останатите што важат за ремек-дела на изработката, меѓу нив и оние кои се инспирирани од куферите, препознатливи насекаде, во целиот свет. На пример, големиот куфер Louis Vuittonхумидорот со логото на француската модна куќа е направен од шпански кедар, наместа обложен со фурнири, ги поседува сите додатни елементи, од навлажнувач до хигрометар, има десетина прегради, може да се заклучи, пренослив е и чини баснословни 12.000 фунти (871.404 денари).

Британецот Neal Jones дизајнира мебел, а негова специјалност е изработката на хумидори што се карактеризираат со необичност, оригиналност. Неговиот луксузен стол го привлече вниманието на страсните љубители на пурите, кои едновремено се и големи естети, со неговиот изглед и практичност. Нуди комодитет, удобност, а хумидорот во скриената фиока под седиштето е полн погодок. Одзади се другите кутии, т.е. фиоки што имаат поинаква намена. Битен е хумидорот за кој се вели дека има многу предности. Освен преградите, во него е сместен и хигрометарот и навлажнувачот. Патем воодушевува и со фактот дека не треба да се поместува за да се земе пура бидејќи е на дофат. Ептен директорски. Шегата настрана, но во рекламниот напис стои дека е наменет за директори. Инаку столот е направен од оревово дрво, обложено со велур, кожа, додека ногалката е никлена. Неговиот ергономски дизајн ги оптимизира условите за работа. Варијабилен е, може да се промени, т.е. приспособи и висината и облегалката, во смисла да се навали. Има опција да се вградат звучници, но и можност хумидорот да се отвора со отпечаток од прст. Се изработува по нарачка, дури и по мера. Така се формира и неговата цена, како и на сѐ останато од мануфактурата на Британецот.

Овој хумидор на Neal Jones е, всушност, додаток или на конзола или на платформа што се изработува по нарачка, како впрочем и другото. Производството не е масовно бидејќи материјалот од кој се прави е редок, исклучително скап – комбинација на индиско т.н. ружино дрво (шишам) и макасарски абонос. Панелите се изработени од ружино дрво, врамени во полиран никел, додека рамката на заоблената стаклена врата од абонос. Има рачка од челик што не ‘рѓосува, гума за дихтување, а внатрешноста е направена од шпански кедар, од Белизе, сушен во печка за одржување на влажноста и пријатен мирис. Навлажнувачот е сокриен одзади, хигрометарот може да се постави на вратата или на горната фиока, прва од трите кои збираат 93 пури. Неговите димензии се 400×345×382 мм.

Neal Jones изработува меѓу другото и хумидори за на бироа, маси, пултови, исто така луксузни, од шпански кедар, од Белизе. И останатите материјали се висококвалитетни, а можат и да се изберат по желба на порачувачите. Хигрометрите и навлажнувачите се најсовремени, како и техниката на украсување. Надворешноста е обложена со панели од орев, наместа има челик што не ‘рѓосува, стакло, полустакло, позлата итн., вклучително и филц за нејзина заштита од гребење и сл. Покрај тоа, сите модели на хумидори се заклучуваат, а и димензиите се исти – 330×151×274 мм.

Нашата желба да ви претставиме неколку дизајнерски хумидори за да ве инспирираме, да ви послужат како вдахновение, има и друга цел, да уживате во нивната визуелна сензација додека ги разгледувате фотографиите и го читате текстот, се разбира со пура и жесток пијалак. Џентлмените, господата знаат што е задоволство, дури и кога се опуштаат, релаксираат, често и во друштво со „Џентлмен магазин“. Се надеваме дека успеваме да го привлечеме вашето внимание, но и да го задржиме со темите, искуствата кои ви ги пренесуваме, доживувањата итн. Ве оставаме да го допиете пијалакот, да уживате уште малку во кадежот и вкусот на кафеавото злато – тутунот. Бидете тука и во деновите по недела, следува приказната за S.T. Dupont. Не заборавајте да си сипете пијалак, а пурата некако се подразбира.    

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: S.T. Dupont/ Louis Vuitton/ Neal Jones

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: КУТИИ ЗА ХУМИДИТЕТ НА ПУРИТЕ – ОДРЖУВАЊЕТО НА ВЛАЖНОСТА Е ПРВЕНСТВЕНО (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.