Очите на светската филмска сцена вперени во Битола: Започна 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Под мотото „Реалноста не е доволна“ и проекцијата на францускиот игран филм „Мајка и син“, како и врачувањето на престижните признанија свечено беше отворено 43. издание на интернационалниот фетсивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

– Реалноста не ни е доволна и секоја година фестивалот расте и се развива и сега веќе можеме да кажеме дека прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија. Фестивалот „Браќа Манаки“ е всушност еден голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија.  Ние во фестивалот „Браќа Манаки“ ги направивме сите возможни и невозможни работи за 43. фестивалско издание да биде гордост на публиката, а Битола во овие фестивалски денови да пулсира во знакот на филмската уметност – рече Симеон Мони Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“, кој му ја врачи наградата почесната златна камера 300, која за првпат се доделува на овој фестивал, на Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ , која посмртно му беше доделена на Горјан Тозија ја додели претседатлот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.

Фото: Фестивал „Браќа Манаки“

– Постојат навистина многу причини зошто токму Горјан Тозија треба да ја добие наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Можеби најмалата од тие причини е тоа што тој е човекот кој ја измисли оваа награда. А во потрага по еден вистински систем на вредности во време кога некои вредности можеби беа заборавени, тој се одлучи да ја воспостави оваа награда и прв нејзин лауреат да биде Кирил Ценевски, токму во време кога беше малку заборавен. А потоа следеа многу значајни и големи имиња кои блескаат на големото или зад големото македонско филмско платно. Наградата на ДФРМ која постхумно му е доделена на Горјан Тозија, ја прими неговиот син.

Најпрестижното признание на фетсивалот, наградата златна камера 300 ја доби Ентони Дод Ментл, за кој беше речено дека е филмски генијалец на нашето време, кинематограф кој со своите филмови ја создава современата историја на филмот. Добитник на Оскар и БАФТА, добитник на две награди на филмската академија, пионер на дигиталната кинематографија, член на британската, данската и американската асоцијација на кинематографери.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на државата, Стево Пендаровски кој во своето обраќање истакна дека филмот е глас на комплексните значења на реалноста, бидејќи говори и во името на утопиите и на дистопиите, а уметноста е чин на храброст, бидејќи нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да не соочи со неа.

Свеченото отворање беше збогатено со музички настап на Трите тенори кои изведоа филмска музика од  „Кум“, како и групата „Фолтин“. На свеченото отворање се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а гостите ги поздрави и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published.