Историјата, минатото на мантилот, капутот од потенок, полесен материјал или тренчкотот, сеедно, е дел од култното, иконичното парче облека што зазема важно место во гардеробата, орманот на вистинските мажи, џентлмените, во смисла на вдахновение, инспирација на дизајнерите, модните креатори бидејќи, како што велат многумина од нив, секогаш ја имаат предвид неговата приказна, од почетоците, кога лондонските модни куќи Aquascutum и Burberry ги промовирале новите остварувања, иновации, со цел да ја олеснат, подобрат облеката на војниците, старешините (офицерите) кои биле на првата борбена линија во текот на рововската војна, што им натежнувала, им го оневозможувала нормалното движење во длабоките, тесни ископи во земјата, иако не било едноставно и без неа, до популаризацијата на тренчкотот, која по завршувањето на Првата светска војна го достигнала врвот, благодарејќи на филмските ѕвезди во Холивуд и потоа, досега.

Трендовите влијаат на дизајните, но сепак, модните креатори не сакаат да направат голем исчекор затоа што целта е да се зачува неговата оригиналност, автентичност. Секако дека стилизацијата е дозволена, но мора да се внимава да не се извитопери класичниот изглед, елеганцијата и удобноста, неговите првични карактеристики, особини кои, за среќа, постојат и денес. Практичноста е исто така својствена за мантилот, капутот од потенок, полесен материјал, кој може да се носи во есен и напролет, па и во текот на зимата, и дома, во родното место или таму каде што работите, но и на патувањата бидејќи може да се облече во секоја пригода. Не се прави отстапка ни кога се работи за боите. Стандардна е кремастата (боја на камила; каки – жолтокафеава, потсетува на земја или прашина), потоа црната, темносината (тегет), сивата, маслинестата (зеленикаво-кафеава), а поретко и белата, но изгледа преубаво.
Тренчкотот е совршен избор на парче облека, дел од гардеробата, за премините меѓу годишните времиња, не само поради температурните разлики, врнежливите денови, туку и заради визуелниот ефект, надворешниот изглед што е битен за вистинскиот маж, џентлменот. Така се опишува и мантилот, капутот од потенок, полесен материјал – џентлменско парче облека. И навистина, изгледа толку мажествено, а во исто време и отмено, префинето. Освен тоа и неодоливо, за припадничките на убавиот, нежен пол. И обратно, се разбира. Ќе ни дозволите да направиме мала дигресија. Неоспорен факт е дека Втората светска војна не се сведувала исклучиво на крвава, жестока битка. Напротив, и секс-шпионажата била раширена. Имено, шпионките носеле тренчкот, мантил, капут од потенок, полесен материјал, закопчан, заврзан, а одоздола речиси ништо, секси долна облека – градник или корсет, гаќички, подврски, чорапи. Така шпионирале. Важните, точни информации од целната група луѓе ги добивале, извлекувале за кратко. Сигурно нема да прашате како.
Софистицираноста е очигледна и во неговата изработка, посебно кога се модните куќи во прашање, но не сите, туку луксузните. Без оглед на цените, кои се високи, екстремни во споредба со нашиот животен стандард, сепак го заслужуваат вниманието, и нашето и вашето. Често говориме за вдахновението, не ги претставуваме за да ги купите, напротив. Сакаме да се инспирирате кога избирате некое парче облека, детаљ и слично. Има брендови, трговски марки што не важат за скапи, па можете да си ги дозволите. На пример, тренчкотот се купува еднаш, и трае. Неговата мода не минува без оглед на стилизацијата. Може и да се сошие, по мера, но треба да се најде убав, квалитетен материјал – габардин, како и добар занаетчија – шнајдер. Во спротивно, купете го, подобро е така. Нема да згрешите, ќе уживате во допирот на ткаенината, во моделот кој вообичаено се носи со години. Ништо не е случајно, па ни цените на луксузните брендови.
Покрај неговата заштитна функција или намена, да штити кога врне, поради непропустливата ткаенина, мантилот, капутот од потенок, полесен материјал се носи секаде, на венчавка, гала-вечера, концерт, претстава, на работа, на кафе, бранч и слично, на рандеву, т.е. љубовна средба.
Формалното случување изискува таков изглед, официјален. Но, не претерано. Тренчкотот во боја на камила е прав избор. Одговара на сѐ, едноставно изгледа безвременски. Каки мантилот се комбинира со црн, тегет костум, а за подраматичен изглед, облечете црн, темносин капут од потенок, полесен материјал врз костум во боја на пепел, сив. Нема потреба од експериментирање, задржете се на стандардните, класичните бои.
На работа е неопходно да се придржувате кон правилата на облекување. Кодексот наложува и формална и полежерна облека. Комбинацијата на капут од потенок, полесен материјал и костум во една боја е полн погодок. Така се постигнува монохромен изглед кој, пак, може да се разбие со чевлите и актовката, чантата. На пример, ако и тренчкотот и костумот е сив, чевлите и актовката, чантата нека бидат кафени. Секако, можете да комбинирате и различни тонови, нијанси – црн мантил и тегет костум или капут од потенок, полесен материја во боја на камила и кафеав костум. Доколку на работа е дозволен и полежерен изглед, носете кошула во светлосина боја, сиви панталони, темносин тренчкот, или мантил во боја на камила, тегет панталони, бела кошула, вратоврска во боја на бургоњско вино, или каки капут од потенок, полесен материјал, црни панталони, бела кошула. Во секој случај, држете се до неутралните бои.
Викендот е идеален за да се облечете лежерно, па и да излезете наутро, а да се вратите доцна. Тренчкотот се носи со фармерки, чизми (полувисоки чевли, патики), маица (блуза), со кардиган врз маица, чино панталони, чизми (полувисоки чевли), со кошула (малку откопчана), фармерки (чино панталони), чизми (полувисоки чевли), со џемпер (дуксер), фармерки, патики. Нема да згрешите ако изберете црн, сив или бел мантил. Доколку е студено, можете да ставите и шал, но внимавајте да биде под капутот од потенок, полесен материјал.
Тренчкотот е одличен избор и кога се работи за љубовна средба, т.е. рандеву. Секако, во зависност од местото каде што планирате да ја одведете избраницата на вашето срце, одберете ја и гардеробата. Можете да направите интересни комбинации, на пример мантил во боја на камила, светлосина кошула, темни фармерки, полувисоки чевли со или без врвци („чака“ или „челси“), потоа каки капут од потенок, полесен материјал, црна ролка, црни фармерки, полувисоки чевли без врвци („челси“), па и тегет тренчкот, сив џемпер врз бела кошула (можете да ставите и вратоврска, но и не мора), темни фармерки, полувисоки чевли со или без врвци („чака“ или „челси“). Без оглед на изборот, тогаш е најважно дали зрачите, како и колку, а облеката само ќе го истакне тоа.
Брендовите или трговските марки нѐ инспирираат, вдахнуваат кога треба да одбереме парче облека, детаљ и слично. Така е и со мантилот, капутот од потенок, полесен материјал, тренчкотот. Изборот е голем, вклучително и распонот на цените. Понекогаш е исплатливо да се купи нешто скапо, да се вложи во дел од гардеробата, кој може да се носи со години, па и децении. Високата цена е, всушност, гаранција за голем квалитет, и на материјалот и на изработката, но и на дизајнот. Класиката на пример е вонвременска, како што е и тренчкотот. Овој пат ќе се осврнеме на брендовите или трговските марки, односно модните куќи чии тренчкоти се издвојуваат од мнозината. Сигурно ќе ви се допаднат и вам. Околу цените, па… Доволно е само да ги видите. Ако сакате, и споредите ги. Можеби ќе ја утврдите причината за распонот на цените. Aquascutum визави Burberry, обете си го припишуваат мантилот, капутот од потенок, полесен материјал за свој пронајдок. Тренчкотот на првата е бел, пократок од вообичаениот. Во составот има полиестер (45 %), најлон (33 %) и памук (22 %), а чини 587 долари (31.158 денари). Инаку, лондонската модна куќа има шест продавници во Кина, додека во Еврпа ги затвори, продава онлајн. Мантилите на втората се надалеку прочуени, а има и зошто. Во некоја друга пригода ќе пишуваме за неа бидејќи заслужува, но сега ќе се осврнеме на двата модела, светлосивиот (краток) и капутот од потенок, полесен материјал во боја на мед (долг). Обата се памучни, 100 % и чинат 2.250 долари (119.430 денари), посебно.
Hockerty е бренд, трговска марка чие производство се наоѓа во Шангај. Цените на памучните (100 %) тренчкоти варираат, од 269 долари нагоре. Можете и самите да си ги дизајнирате. Спроти него, Michael Andrews е њујоршка модна куќа, работи по нарачка, тоа ѝ е приоритет, а цените на мантилите од памук (100 %) се движат од 2.895 до 3.370 долари (153.667-178.880 денари). Изборот на Saint Laurent не е случаен. Без оглед на малиот избор, двата модела на капути од потенок, полесен (габардински – 65 % полиестер и 35 % памук) материјал се фантастични. И црниот и тренчкотот во боја на песок чини 2.690 долари (142.785 денари). Истото важи за Dior, модната куќа чиј мантил во две бои, црна и тегет на реверите, кои се заврзуваат, а можат и да се извадат, има цена од 3.800 фунти (277.445 денари). Составот е 100 % девствена волна, додека реверите се комбинација на кашмир (65 %) и девствена волна (35 %).
И на крај, не помалку важни, убави, се црните капути од потенок, полесен материјал на Dries Van Noten и Bottega Veneta. На Белгиецот е габардински, а чини 920 долари (48.834 денари) на попуст, додека тренчкотот на италијанската модна куќа е изработен од кепер – 65 % полиестер и 35 % памук, во комбинација на кожа, со памучна (100 %) постава. Неговата цена е 2.599 фунти (189.758 денари). Дали вредат за толку пари? Сигурно да. Несомнено. Животниот стандард е сосем друга работа. И нема никаква врска со естетиката, развиеното чувство за убавото, смислата за убавото, карактеристична за вистинските мажи, џентлмените.
Пишува: Игор Ландсберг
Фотографии: Aquascutum/ Burberry/ Hockerty/ Michael Andrews/ YSL/ Dior/ Dries Van Noten/ Bottega Veneta
ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТРЕНЧКОТ – „РОВОВСКИ КАПУТ“ ЗА МОДНО ИЗРАЗУВАЊЕ, ЗОШТО ДА НЕ (I дел)