Бричењето, отстранувањето влакна од лицето со брич е дел од секојдневната нега, хигиена, и е својствено за мажите кои држат до себе, внимаваат на својот изглед, а така и на достоинството. Самопочитта е висока морална вредност, исто како и односот кон другите. А, џентлмените ја имаат, секако. Без оглед на фактот што брадата и мустаќите се тренд (многумина ги пуштаат бидејќи делуваат помажествено), секојдневното или бричењето на два-три, па и четири дена е задолжително доколку не се одржуваат како што треба или не можат да ги дораснат или, пак, ги чешаат, гребат, вклучително и кај останатите. Денеска ќе се осврнеме на традиционалното бричење кое, за среќа, и натаму се применува во берберниците, а мнозина или веќе се бричат и сами, дома, или сакаат да почнат да го практикуваат.
На Запад, особено во Британија, Италија, Франција, но и во други земји, џентлмените го ритуализираат бричењето така што барем еднаш, па и двапати во неделата одат на бербер за да се избричат, да се средат, да се потстрижат. Тамошните локални берберници се и места во кои се разменуваат мислења, погледи (современи, конзервативни…), додека муштериите читаат весници, чекајќи да им дојде редот, а берберите си ја вршат работата, ги бричат исклучиво на традиционален начин, но не забораваат и да им ги поткастрат веѓите, да им го тргнат вишокот влакна од носните отвори, ушите, бидејќи тоа е исто така дел од услугата. Згора на сѐ, берберниците се уредни, чисти, без оглед на нивната старост. Берберскиот занает обично се предава од поколение на поколение, вклучително и дуќаните, за разлика од фризерите на пример. Затоа берберите и го применуваат старинското или, како што се нарекува, традиционално бричење кое, за среќа, е присутно и тука.
Последните неколку години се отворија многу берберници чиј ентериер изгледа преубаво, а и нивната услуга е брза, добра и голема, што подразбира нега, одржување на брадата и мустаќите со квалитетни препарати, козметички средства, потстрижување, бричење кое исто така е традиционално, како што се бричело во дамнешно време, и така натаму. Македонските џентлмени се нивни редовни посетители, а освен стари, сѐ повеќе има и нови муштерии, па така, одењето на бербер и тука се ритуализира и минува во навика. Занимлив е фактот што старите, повозрасните скопјани на пр., секако и жителите на градовите од внатрешноста, па и еснафите, одамна ги посетуваат берберниците исклучиво за бричење, како некогаш во минатото. Порано берберите оделе во нивните домови за да ги бричат, да ги средуваат, да ги потстрижуваат, а не обратно, како денес. Наспроти луѓето кои го применуваат истиот начин на бричење и дома, има и такви што сакаат да почнат да се бричат старински, традиционално. Некои, пак, цел живот ги отстрануваат влакната од лицето или со машинка за бричење или со жилети. Претходно го мачкаат со гел или готова, купечка пена, кои обично ја сушат кожата, осебено пената. Маркетингот си го направи своето. Не се сомневаме воопшто во нивниот квалитет (секако, ќе се осврнеме и на нив, ама во некоја друга прилика), но бричевите што ги користат берберите се класика, ненадминливи, без оглед на нивната модернизација.
Тие што се бричат на бербер или сами, на ист начин, дома или кога патуваат, сеедно, знаат дека кожата по таквото бричење станува повлажна, помазна, едноставно поубава, нема исеченици, не се опсипува со бронки, не се вцрвува или многу ретко. Најпрвин да кажеме дека се работи за право (исправно) бричење, кое се нарекува и мануелно, со употреба на ноже (незаштитено), и за влажно, водено бричење, со помош на сигурносен, заштитен брич, со две-три, па и повеќе острици, сечила. Употребата на крем или сапун што се нанесува со четка е задолжителна. Останатото, кое го споменавме и претходно, е потполно суво благодарејќи на машинката. И гелот и готовата, купечка пена ја сушат кожата на лицето, особено пената, без оглед на жилетите што ги употребуваат. Доколку се прилично израснати, брадата и мустаќите прво треба да се поткастрат со ножици или со машинка за потстрижување. Тримерот може исто така да се примени, а по извесно време и да се избричи, отстрани целосно. Како-годе, водичот за традиционално, старинско бричење ќе ви помогне да го засакате, да ви причинува задоволство, а не да ви се одмилува секогаш кога треба да ги отстранувате влакната на лицето, сеедно како. Затоа и го одложувате, за подоцна, утредента.
Потребно е вода, крем или сапун, четка и ноже или брич. Водата ги омекнува брадата и мустаќите, се впива во порите, ги отвора и, лицето е подготвено за отстранување на влакната. Од тие причини е и ѕвезда на „шоуто“, а оттаму и неговото име. Се препорачува или топол туш или топла крпа со која се покрива лицето или топол воден спреј, распрскувач, со цел да се загреат и брадата и мустаќите. Водата е потребна и да се направи пена од крем или сапун. Најубаво е четката да постои во неа, за да ја впие, а потоа да се измеша кремот во мал сад или да се протрие по сапунот додека не запени убаво. Кремот или сапунот мора исто така да биде квалитетен. Берберите советуваат да се почне со крем бидејќи е поедноставен, полесен за користење кога се прави пена, за разлика од сапунот кој треба да се трие подолго за да се направи доволно сапуница, а за тоа е неопходна и рутина. Нејзината густина треба да биде како на шлагот, но внимавајте на количеството вода во садот, да не биде големо. Ставете малку, ако е потребно, ќе додадете. И четката нека биде квалитетна, тоа е многу битно. Влакната обично се јазовечки, коњски, свински, па и од вештачка, синтетична коса. Секако, изборот ќе зависи од средството што го употребувате за правење пена, дали е крем или сапун. За првото е неопходна мека, додека за второто е потребна четка со цврсти влакна. Но, доколку не можете да се одлучите, има четки со средна мекост, односно цврстина. Така ќе можете да мешате, еднаш крем, другпат сапун. Одозгора, четката не мора да ја менувате долго, таа може да трае со години, но треба да ја чувате, да ја измиете по нејзиното користење и да ја истресете за водата да се исцеди. Ножето (незаштитено) делува застрашувачки, но не ја иритира кожата на лицето. Ако се плашите да почнете, консултирајте се со берберот, може и да ви помогне да научите. Потоа станува рутина. Вообичаено се остри на кожа, пред употреба. Тоа е прва опција, додека втора е сигурносниот, заштитен брич со две-три, па и повеќе острици, сечила, кои се менуваат. Испробајте неколку, додека не го одредите нивниот број што е соодветен за вашата кожа. Можете да користите и брич со острици, сечила за еднократна употреба. Сепак, берберите го препорачуваат ножето бидејќи не предизвикува воспаление. По бричењето, лицето испрскајте го со ладна вода, па нанесете афтершејв за да ја смирите кожата, да ги затворите порите. Доколку имате чувствителна кожа на лицето, избегнувајте алкохолизиран. Освен што мириса убаво, квалитетниот афтершејв меѓу другото и ја хидрира кожата. Се разбира, изберете го мирисот кој најмногу ви се допаѓа, иако не трае долго.
Техниката е исто така важна кога се работи за старинското, односно традиционалното бричење. Постојат неколку чекори што треба да ги следите за да се избричите убаво. Со текот на времето ќе го правите тоа што најмногу ви одговара, но почнете од некаде. На пример со топол туш или со топла крпа на лицето, покривајќи го, за да омекнат влакната и кожата. Потоа се препорачува да се нанесе масло или лосион бидејќи се смета дека и обете ја мазнат кожата. Се разбира, пред да почнете да се бричите. Потоа направете пена со кремот во малиот сад, можете и да го ставите на лицето, па да го триете со четката додека не запени убаво, или со сапунот, и покријте ги влакната. Триењето со четката ги крева истите, што го олеснува бричењето. Независно дали користите ноже или брич, по лицето поминете неколкупати, а меѓу премините нанесувајте пена. Движете го надолу, во правец на влакната, т.е. нивниот раст, под агол од 45°. Може да се бричите и контра во случај да немате чувствителна кожа. Штом ќе го завршите бричењето, отстранете ја заостаната пена од лицето, испрскајте го со ладна вода и ставете афтершејв. Ако сакате интензивен мирис, нанесете и колонска вода.
Освен единечно, во ексклузивните продавници можат да се најдат и прибори за бричење, поделени на сетови за бричење со ноже, со брич, со препарати, односно козметички средства, за патување и комплети за нега на брада, мустаќи, коса, неретко и луксузно спакувани, за дар на пријателите, соучесниците во преговорите, во деловните и другите потфати, а жените никогаш повеќе нема да згрешат доколку се одлучат на избраниците на нивното срце да им дарат прибор за бричење.
Пишува: Игор Ландсберг
Фотографии: Floris, West Coast Shaving
ПРОЧИТАЈТЕ ДРУГО ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: FLORIS ПАРФЕМИТЕ – НЕПОГРЕШЕН ИЗБОР НА ЛОНДОНСКИТЕ ЏЕНТЛМЕНИ