ЧАДОРОТ – И ПОТРЕБА И АКСЕСОАР, МОДЕН ДОДАТОК НА ЏЕНТЛМЕНИТЕ (I дел)

По текстот за тренчкотот или рововскиот капут во буквален превод, некако се наметна идејата да пишуваме и за чадорот, аксесоарот или модниот додаток чија функција, намена е пред сѐ практична, да заштитува од дожд, па и од сонце бидејќи поради тоа е измислен, а потоа и визуелна, во смисла на комплетирање, дополнување кога се работи за изгледот на џентлменот. Всушност, чадорот е дел од неговите аксесоари, покрај шалот или марамата, вклучително и џебното шамиче, рачниот часовник, т.е. саатот (порано се носел в џеб), чантата, пурата (лулето некогаш), ракавиците, очилата (окалките, моноклите во минатото), лептир-машната, капата (цилиндарот одамна), а денес и накитот (ланче, гривна, брош, често и мал цвет), согласно трендовите.  

Чадорот е, несомнено, и дел од севкупниот имиџ на џентлмените, кога е начинот на облекување, стилот во прашање. Многумина не обрнуваат внимание на него, а треба. Едноставно ги мешаат работите – облечени скапо, а држат евтини чадори во рацете. Забележлива е разликата. Секако, некогаш влијаат и околностите, изненадните временски промени, така што нема да згрешите ако купите и од чадорџиите на улица, но тоа е инцидентно. Говориме за постојаноста, во смисла на внимателно избирање на модните додатоци, да одговараат на облеката во вашата гардероба, на парчињата кои ги носите често, а меѓу нив и мантилот, капутот од потенок, полесен материјал, идеален за есенските денови, кога врне. Комбинацијата е совршена – тренчкот и чадор. Џентлмените порано го носеле во секоја пригода, дури и кога не било облачно, заради имиџ, во замена на бастунот (специјално изработен стап) што важел за неизоставен аксесоар на господата, и тука и во странство.

Факт е дека во минатото и туку, во Македонија, имало џентлмени, претежно од градските фамилии, богатите, видните, старите. Така и се однесувале – градски, како денес. Џентлмен магазин со задоволство им се обраќа ним, односно вам – македонските господа, со желба да ве потсетиме на вредностите, буквално во секој поглед, да ви препорачаме нешто, било дестинација, било кафуле, ресторан.., да ве запознаеме со некоја новина и слично, а истовремено да уживате во часовите на разонода, додека нѐ читате, па и кога пишуваме за чадорите. Верувајте, и нивната изработка е уметност, занает кој изумре, барем кај нас, поради евтинијата и неисплатливата работа. Одамна се правеле, поправале. Доколку се навратите во минатото, пред дваесетина-триесетина години, без оглед на возраста, ќе се присетите на луѓето (претежно Роми) што викаа одоздола, на улица, дека поправаат чадори, а и продаваа нови, кои самите ги правеа. Така беше тука, но во Англија и Британија, воопшто, сѐ уште има дуќани, во помал број отпорано се разбира, но постојат, чии сопственици го продолжуваат занаетот, мајсторската работа на нивните предци, а со тоа и традицијата, изработувајќи чадори, рачно. Вистинска мајсторија е правењето на механизмот за склопување, а цената ја креваат водоотпорниот, непропустлив материјал и рачката, односно дршката, која се прави од бамбус, дрво што може да се резба, обоени, па и благородни метали.

Интересно е да се знае дека работите кои ги употребуваме секојдневно, а повеќето се тривијални, воодушевуваат со нивниот развоен пат, текот на создавањето, изработката, надоградувањето. Ќе се фасцинирате од историјата, минатото на чадорот, вклучително и од фактот дека постои веќе четири илјади години, па и повеќе. Датира, т.е. потекнува од земјите каде што цивилизацијата е рана придобивка, како на пример Асирија, Грција, Египет, Кина. Првично е направен за да штити од сонце, односно да прави сенка. Неговото име доаѓа од латинскиот збор „умбра“ и значи тоа – сенка. Кинезите го пренамениле за дождливо време, така што веќе постоечкиот хартиен сонцобран го воскосале, т.е. го намачкале со восок и со лак, односно го лакирале. Во шеснаесеттиот век дошол во Европа, кога станал неизоставен моден додаток на Европејките. Но, благодарејќи на Jonas Hanway (1712-1786 г.), работите се промениле. Имено, британскиот патописец и филантроп, кој гласно се противел на лондонските чајанки, бил првиот џентлмен, господин човек и маж воопшто, кој носел чадор дури триесет години пред останатите да почнат да го употребуваат. Конечно се опуштиле и преносната направа на склопување за заштита на човекот од дожд, како што ја опишувале, станала голем хит. Ја нарекле „ханвеј“ по неговото презиме, а долгите редици пред занаетчиските работилници, дуќаните биле секојдневни, додека не купиле сите мажи, господа, џентлмени.

Минатото, историјата на чадорот е долга, полна со детали, за кои треба време, но нашата цел е да ве разонодиме, а не да ве оптоваруваме со факти, податоци што нема да ви требаат никогаш. Битно е да знаете дека неговиот развоен пат, од едноставниот, палмин лист, до периодот кога го симболизирал богатството и понатаму, до денес, влијаел на усовршувањето, подобрувањето, т.е. зголемувањето на квалитетот, па така, од денешен аспект е совршен, а сепак едноставен за употреба. Најчест, најприменет во широк размер е црниот, во боја на саѓи, јаглен, од едноставна причина – црното восочно платно се исушува побрзо од другите бои, а и повеќе ја апсорбира топлината, сончевите зраци. Потемните се помажествени или помашки, како-годе. 

Има дури четири видови, модели, кои се разликуваат по дизајнот, материјалот што се користи за изработка, намената. Први се чадорите на склопување, измислени во дваесеттиот век. Ги дизајнирал Hans Haupt, на крајот на 1920-тите, додека Bradford E. Phillips ги патентирал четириесетина години подоцна. Можат да се преклопуваат два, три, четири, петпати. Чадорите со тројно склопување се најчести, а петоструките се најмали. Нивната практичност е несомнена, ги збира секаде. Втори се чадорите со бастун, кои важат за луксузни, скапи, но и господски, наменети за џентлмените. Се изработуваат рачно, од неговата дршка, рачка, до механизмот. Поради квалитетот на дрвото, тие се цврсти, не се кршат лесно. Неговото виткање трае и до шест месеци, потоа се мазни додека не заличи на сатен, се поврзува со челичната рамка што не кородира и со натстрешницата од полиестер. Шиењето е исто така рачно, а вклучува и месингани, па и кожени детали. Сѐ, буквално, е водоотпорно. Старинската изработка секако ја крева цената, вклучително и нивната долготрајност.

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме утре)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Pickett/ Wikipedia/ Swaine Adeney Brigg

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ТРЕНЧКОТ – „РОВОВСКИ КАПУТ“ ЗА МОДНО ИЗРАЗУВАЊЕ, ЗОШТО ДА НЕ (I дел)

„РОВОВСКИ КАПУТ“ ЗА МОДНО ИЗРАЗУВАЊЕ, ЗОШТО ДА НЕ (II дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.