Го сакам Скопје затоа што ни Париз нема лиснато зденка-маслинка во 5 сабајле

Првиот снег во Скопје му даде една поинаква димензија на градот. И навистина првиот снег го разубави Скопје, му даде вистински празничен амбиент, донесе насмевки кај луѓето и радост кај сите, најмногу кај најмладите. Но, првиот снег го засени целото ѓубре кое моментално го има градот, ги покри депониите и за момент заборавивме на смогот кој го дишиме другите денови. Чудно, замислете секој ден да нема загаден воздух, да нема ѓубре, ниту диви депонии.

Пишува: Боемот 2.0

Во секој случај, Скопје навистина е приказна самиот по себе. Од Ѓорче до Ново Лисиче, од Козле до Радишани, од Драчево до падините на Скопска Црна Гора, преку Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Бутел… Секое маало има свои урбани легенди, но и своја староградска приказна… Чаршија, Водно, Матка. Скопје има свои убавини кои ги нема никаде во светот.

Го сакам Скопје. Затоа што ни Париз нема лиснато зденка масилнка во 5 сабајле. Затоа што тука сум роден и израснат. Затоа што од тука е мојот корен. Затоа што само едно место во светот е ДОМА.

Ниту еден земјотрес, ниту една поплава, ниту една природна непогода не може да го сруши овој град, затоа што овој град одново ќе се крене. Нели „Градот убав пак ќе никне“. Сега е време повеќе да го сакаме Скопје и повеќе да си го чуваме, затоа што полека го губи овој примат…
Од нас зависи дали стиховите „Скопје радост ти ќе бидеш“ ќе станат реалност. Во секој случај, убаво е да се потсетиме на убавите и ситни нешта без да има посебна пригода. Убава вечер скопјани, убава вечер Македонци!

Боемот 2.0 #СкопјеРадостТиЌеБидеш Фото: @skopjeinfo.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.