ЏЕНТЛМЕНСКИ, ВО СТИЛОТ НА ЏЕЈМС БОНД – ЗАВРШНИЦА СО CROCKETT & JONES ЧЕВЛИТЕ

Светската премиера на дваесет и петтиот филм за тајниот агент 007 – No Time To Die („Нема време за умирање“), која се одржа минатиот вторник, на 28 септември, во лондонскиот „Ројал Алберт хол“, беше предмет, тема на разговорите и меѓу обожавателите на Џејмс Бонд стилот, а факт е дека негови љубители се и џентлмените. Начинот на облекување што ги карактеризира е, всушност, најблизок до него. Смокингот е неизбежен кога се работи за вечерните излегувања, но за посебни, специјални пригоди. Секако, во комбинација на чевли од висококвалитетна кожа, чија изработка е фина, според можностите и рачна, како на пр. обувките на Crockett & Jones.

Лондонската чевларница што се наоѓа близу парфимеријата Floris (за која пишувавме минатата седмица), преку три продавници, на 92 Jermyn Street, вклучувајќи ја и таа на истата улица, број 69, е најголемата, најрепрезентативната меѓу осумте дуќани за чевли на Crockett & Jones во англиската метропола, чии обувки се изработуваат рачно, а нивната популарност не стивнува веќе сто четириесет и две години. Напротив, или се зголемува или е континуирана, пред сѐ поради маркетиншките умни потези, како на пр. соработката со EON Productions, позната по снимањето на филмовите за тајниот агент 007, што трае десетина години.

Освен во No Time To Die, Даниел Крег носи нејзини чевли во Skyfall (2012 год.) и во Spectre (2015 г.) исто така. Костимографката на новиот филм, Suttirat Anne Larlarb, вели дека Џејмс Бонд го променил стилот на архетипскиот таен агент, кој обично имал на себе капут, мантил и шешир, капа со широк обод. Всушност, гардеробата на Џејмс Бонд е одраз на неговиот карактер, додека смокингот важи за облека што е препознатлива кога се работи за имиџот на тајниот агент со коден број 007. Завршницата ја прават чевлите, кои придонесуваат и за исклучителна визуелност. Исто така е и синоним на елеганцијата и беспрекорноста, вклучително и на суптилноста, без оглед на неговото „грубијанство“ кога спасува некого, а и кога вози Aston Martin DB5, и кога пие Vesper Martini, секогаш е тип-топ. Crockett & Jones чевлите, вкупно три пара, се дел од неговата гардероба што ги вдахнува и џентлмените да изгледаат како него, баш така, и да ги купат во некоја од четиринаесетте продавници во Англија (Бирмингем – 2, Лондон – 6), Белгија (Брисел – 1), Франција (Париз – 3) и во САД (Њујорк – 2).

Првиот е Highbury. Направени од фина телешка кожа во црна боја, со три реда дупчиња за кожени врвци и Cityгумен ѓон, „дерби“ чевлите ѝ припаѓаат на Main Collection, а чинат 540 евра. Вториот пар е изработен специјално за филмот, како дел од лимитираната Hand Grade Collection. Обувките се направени од парчиња фина телешка кожа во црна боја, набавени од најдобрите работилници за штавење кожа во Европа, имаат пет реда дупчиња за кожени врвци, како и кожен ѓон, со печат на 007. И однатре се поставени со кожа, на која е испечатен кодниот број на тајниот агент во сребрена боја. Моделот е класичен, безвременски. Чевлите се спакувани во ексклузивна црна кутија, заедно со хромирана лажица, четка и дрвени „калапи“, сѐ изработено рачно. Секаде има втиснато лого. Цената на James чевлите изнесува 975 евра. Третиот пар што ѝ припаѓа на Main Collection е Molton. Се работи за „чака“ чизми, всушност, направени од кафеава груба мешина, со три реда дупчиња за платнени врвци, а имаат Dainite гумен ѓон. Чинат 480 евра. Освен во дуќаните, можат да се нарачаат и онлајн, како, впрочем, и другите чевли од гореспоменатите колекции, од Shell Cordovan, The Ultimate Winter Boots, Slate Suede, The Black Editions,Unstructured Collection и од The Icons. За жал, оттука не може да се направи порачка.

Доколку патувате за Бирмингем, Лондон, Брисел, Париз, Њујорк, купете си ги оттаму или, пак, нарачајте си ги по мера. Изборот е толку голем што ни малку нема да ви биде лесно да се одлучите. Од „манк страп“ (во стилот на монашките ремени), мокасини, необложени чевли со постава, преку „оксфорд“, до топли зимски обувки од велур, чевли за возење, чизми („дерби“, „чака“ и „челзи“). Цените се истакнати на фотографиите, се движат од 250 докај 1.000 евра, а моделите се наш избор. Можат да ви послужат и како инспирација, секако. Покрај чевли, чизми, во продавниците на Crockett & Jones има и аксесоари: каиши, бои, креми за одржување (вклучително и спрејови), за полирање, лажици, четки.., кои се продаваат единечно, а има и цели прибори. Буквало сѐ, од чевлите до аксесоарите, има сертификат за рачна изработка што едновремено гарантира дека е висококвалитетна. Логото е, всушност, нејзин трејд-марк.

Лондонските џентлмени се доволно упатени во работата на чевларницата или мануфактурната компанија, сеедно, која постои од 1879 година, во нејзината историја, минатото, вклучувајќи го и развојниот пат, раст, а неретко знаат и да муабетат за новите модели што се пуштаат во продажба секоја сезона, за чевлите или чизмите што ги нарачале по мера, чија замисла, идеја, успеваат да ја остварат, реализираат мајсторите на чевларскиот занает, кои долго време се дел од Crockett & Jones, па и генерациски. Во нејзините дуќани се вработени асистенти што ќе ви помогнат во изборот, а еден од нив е Даниел, пример за вистински џентлмен. Не случајно е и раководител на продавницата на 92 Jermyn Street. Неговите манири воодушевуваат. Пресретливоста, услужливоста е особено важна кога се работи за трговијата на мало. И тој и другите можеби ќе ве убедат да нарачате по мера, накратко ќе ви ја кажат приказната за чевларницата, ќе ви ги покажат мострите, примероците на кожи со кои располагаат (имаат дванаесет видови телешка кожа: од т.н. антика, исклучително цврста, преку мешина, обоена со анилин, премачкана со восок, до три-четири подвидови рапава – во облик на гранули, зрна, ткајана – преплетени кожени ленти; кордован – фино штавена, шагринирана овча или козја кожа; и водоотпорна – сите во различни бои, отсекаде во Европа, како на пр. Шкотска бидејќи важи за голем производител на висококвалитетна кожа, од најдобрите кожарници), а често ги презентираат и надвор, пред нивните дуќани. Мајсторите, пак, во работилниците ги репарираат износените чевли, меѓу другото.

Сепак, тоа што најмногу предизвикува восхит е историјата на Crockett & Jones, нејзиното минато, вклучително и развојниот пат, раст. Основана е пред сто четириесет и две години, во Нортемптон, средиштето на чевларскиот занает во Англија, од James Crockett и Charles Jones, со помош на грант (100 фунти) од Thomas White трустот. На почетокот изработувале чизми, само машки, на примитивен начин. Во 1890-тите втората генерација предводена од Harry и Fred Crockett и Frank Jones, синовите на James и Charles, го модернизирале производството благодарение на новите машини кои ги купиле од Charles Goodyear и го преселиле во друга фабрика, поголема, каде што се наоѓа и денес. Дваесетина години потоа се ориентирале на извоз. Работеле за австралискиот, аргентинскиот, јужноафриканскиот и за пазарите во САД и Далечниот Исток. Се разбира, нивните обувки се продавале и во Англија. Во 1930-тите секоја недела изработувале 15.000 пара чевли, додека за време на Втората светска војна го запреле вообичаеното производство и се префрлиле на поинаква изработка – за потребите на војската произвеле околу еден милион чизми. Набргу почнале да настапуваат конкурентно без оглед на високиот квалитет што успеале да го зачуваат. Операциониот план го измениле, исто така и дизајнот, а вовеле и новини кои влијаеле на понатамошниот развој, раст. Фабриката ја проширувале двапати, во 1910 и 1935 год., па ја застаклиле со цел да биде посветла за работа. Но, тоа имало и негативна страна бидејќи налето било жешко, а зиме ладно. Во 1947 г. им се приклучил Richard Jones, внукот на Charles, а триесетина години потоа и неговиот син, Jonathan. Денес мануфактурната компанијата е предводена од петтата генерација на фамилиите Crockett и Jones, но активни се и постарите што ѝ припаѓаат на претходната, четврта по ред.

Четиринаесетте продавници говорат за нејзината успешност, вклучително и сталните муштерии, верни со години, децении, а меѓу нив и принцот од Велс, Чарлс, како и многу други џентлмени кои живеат во англиската метропола и градовите од внатрешноста. Crockett & Jones чевлите се дел од нивната гардероба, секојдневната и облеката за вечерните излегувања, но за посебни, специјални пригоди, што придонесуваат и за визуелна претстава на луѓето со чест, карактер и пристојност. Манирите се водечки, останатото е само нивно дополнување, за впечатокот да се комплетира.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Crockett & Jones/ 007

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: СПОРТСКИ НАСТРОЕНИ, ЏЕНТЛМЕНИТЕ ВО CASA MILAN – ДОМОТ НА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

Leave a Reply

Your email address will not be published.