ПРАЗНИЧНИ ДЕНОВИ ВО ГРЧКАТА „СИМБРОТЕВУСА“ – НА КАФЕ СО ПОГЛЕД НА МОРЕТО

Викендот што ни претстои е продолжен, тридневен. Вообичаено за 11 Октомври патуваме некаде, во Македонија или надвор од неа, во странство. Годинава е малку отежнато, вирусната пандемија ни го компликува едноставниот премин во друга земја поради неопходната документација која треба да ја приложиме на граничната служба – потврда, т.е. сертификат за вакцинација, негативен резултат од тестирање за КОВИД-19.., но доколку ја имате и решите да заминете на пример во Солун, макар и на ден-два, ви препорачуваме да посетите барем еден од неколкуте барови, бистроа, кафе-ресторани каде што сигурно ќе си поминете убаво, ќе се олабавите, опуштите, ќе се ослободите од физичката или психичката напнатост, а ви гарантираме и дека ќе ви се врати доброто расположение. Сите се со поглед на морето.

Космополитскиот дух на Солун е надалеку прочуен и, се разбира, привлекува голем број странски туристи, а меѓу нив и македонските. Освен за шопинг, вториот град по големина во Грција е атрактивна дестинација и за пиење кафе, на пр. frappé, и за бранч во последно време, и за ручек или за вечера во некоја таверна со бузуки, сиртаки, па и за друга, поинаква ноќна забава, дополнети со незаобиколната прошетка по крајбрежната променада. Мирисот на цимет од слаткарниците, посебно таа во центарот, на Tsimiski, кај Аристотеловиот плоштад, сигурно ќе ве примами да се облажите, да изедете нешто благо, пред да слезете на долната улица, да продолжите само право и, во споредните, странични улички, да му се посветите на шопингот, доколку е цел на вашето патување во грчката сопрестолнина – „симбротевуса“, изразот кој често го употребуваат солунците, односно солуњанците, како сакате. Таму се бутиците на познатите брендови во светски рамки, од Armani (Emporio) до Ermenegildo Zegna. Многу од нив и се затворија.

Финансиската криза е очигледна, забележлива секаде, но, за среќа, нејзините граѓани не се толку апатични, меланхолични како нас на пример. Тоа е факт. Солунците важат за луѓе со буен, сангвиничен темперамент, жив, жизнерадосен, весел. Пиењето кафе во рестораните, бистроата, баровите, особено на терасите, балконите со поглед на морето, е дел од нивното секојдневје. Задолжително нарачуваат frappé и покрај големиот избор на кафиња. Секако, нема да ги заборавиме ни солунските џентлмени. Вообичаено седат на местата што ќе ви ги препорачаме денеска, но и во погорните локали бидејќи градот е брдовит.

Временската прогноза можеби нема да ви биде наклонета, се очекуваат врнежливи денови – сабота, недела и понеделник (веројатноста е околу 70 %), а температурата ќе се движи близу дваесеттиот Целзиусов степен, но сеедно, шармот, чарите на Солун не зависат од метеоролошката состојба. Тој секогаш е привлечен, допадлив, едноставно заведува, има неодолива драж. Значи, ако се упатувате накај грчката „симбротевуса“, имајте доверба во нас, во нашиот истенчен вкус и посетете ги баровите, бистроата, кафе-рестораните кои се денешна препорака на Gentleman Magazin, за продолжениот, тридневен викенд што следува.

Многумина скопјани и, воопшто, Македонци го знаат и посетуваат, но вреди да се спомне пак. Хотелот Electra Palace на плоштадот Аристотел, т.е. барот, ресторанот во покривната градина со базен – Orizontes на седмиот кат е омилен и меѓу солуњанците поради амбиентот, атмосферата и прекрасната панорама, хоризонтот што се гледа оттаму, плоштадот, заливот и олимпската планина, домот на старогрчките богови. Неговиот монохроматски енетериер што е поприлично елегантен, отмен, префинет, сигурно ќе ви се допадне, исто како визуалот. Можете да пиете кафе, но и да појадувате, од 7:00 до 10:30. Electra хотелите во Грција неодамна го воведоа концептот Breakfast With A View. Снекбарот отвора во 12:00, а ручекот се послужува од 13:00. Можете и да вечерате ако преспиете во Солун. Ресторанот затвора во 00:45. Љубителите на виното имаат можност да изберат меѓу стотината видови, претежно грчки, од винската листа. Нивните цени се движат меѓу 5 и 8 евра за чаша од 150 мл, за шише од 750 мл ќе платите од 24 до 54 евра, додека шампањот чини меѓу 105 и 135 евра. И специјалитетите на медитеранската кујна сигурно ќе ви се допаднат, има тестенини, супи, салати, ризото, морски риби, плодови, месо, мезиња, десерти. На пример, цената на ризотото со црвен мулет е 20 евра, на биопилешкото со корен на сладун, пченка и тартуфи е 22 евра, „трилогијата“ од чоколадата Dulcey чини 11 евра, питата со крем и анасон е 8 евра.

На улицата подолу, во правец на кулата, покрај морето, во приземјето и на првиот кат од неокласичната зграда на аголот, каде што улицата Agias Sofias се приклучува на Nikis авенијата, се наоѓа Garçon Brasserie, неформалниот ресторан по француски терк. Терасата е идеално место за пиење утринско кафе, на пр. frappé. Со него служат и вода и колачиња кои се прават во неговата кујна. Сѐ заедно чини 3.50 евра. Всушност, толкава е цената на кафето во локалите со поглед на морето, за разлика од рестораните погоре каде што чини помалку. Можете да појадувате, да ручате или да вечерате, а има и бранч. Локалното и медитеранското готвење привлекува многу посетители, вклучително и богатата винска листа. Вината се изложени на дрвени полици внатре, на горниот кат. Се разбира, можете да нарачате и мезе. Исто така и коктел, изборот е голем. Три-четирипати во неделата има жива свирка. Доста посетени се џез-вечерите. Кога ќе заврне, доколу седите надвор, веднаш ја пуштаат непропустливата платнена натстрешница, додека, пак, во случај да застуди, ги вклучуваат греалките. До лани, пред Garçon Brasserie, на Nikis авенијата, се паркираа коли, па често знаеја да го затворат погледот на морето, но сега е забрането, па така, визумот е непречен, кој дефинитивно ќе ве опушти, олабави, а ќе ве релаксира и посматрањето на случајните минувачи, како и на велосипедистите што возат по неодамна направената патека. 

На крајбрежната променада, подолу од кулата, е хотелот Makedonia Palace. Во Солун има доста луксузни хотели, но Makedonia Palace важи за трејд-марк на градот. Не многу одамна беше реновиран. Изгледот е поинаков од пред извесно време. Поради конференциите и другите настани, случувања, лобито секогаш е полно, како и двата ресторана, италијанскиот Navona и а ла карт Salonica, и терасата и дворот, кој не е ограден за непречено да се гледа морето. Има пијано, а неговите пријатни, тивки звуци го комплетираат впечатокот. Умешноста на мајсторите за пица е врвна и често знаат да им ја покажат на гостите, посетителите на Navona, вклучувајќи го и приготвувањето тестенини. Покрај тоа, се послужуваат и салати, главно јадење, мали закуски, бранч и аперитиви, коктели, медитерански вина. Настапите на диџеите, мини-концертите во живо придонесуваат за повесела атмосфера. Погледот на морето и градот е преубав, и од италијанскиот ресторан и од Salonica, барот и ресторанот а ла карт. Отворената кујна им овозможува на гостите да гледаат додека шефот Сотирис Евагелу ги приготвува богатите, одбрани јадења од сезонски продукти, свежи пред сѐ. Мирудиите растат во дворот од хотелот, малку отстрана. Винската листа е богата, се нудат и локални, но и меѓународни вина. Salonica отвора во 7:00 за појадок (интернационален, грчки, со тазе печива, специјално приготвени јајца, без глутен и лактоза, вегетаријански), а продолжува и натаму, за брзи, едноставни оброци, ручек и вечера.

На крајот на променадата се двете згради во боја на тула, цигла, кои служат за изведба на концерти, а заедно прават една целина – солунскиот Concert Hall, архитектурно дело на Јапонецот Арата Исозаки. Качете се горе, на петтиот кат од втората зграда и ќе ве дочекаат насмеани лица – персоналот на бистрото Allegro. Минимализмот е карактеристичен за експрес-ресторанот, односно за неговиот ентериер. Двата балкона имаат поглед на морето, т.е заливот, на пристаништето, закотвените бродови, танкери од едната страна и на Каламарија, туристичките места во близина од другата страна. Едниот е помал, совршен за пиење кафе, за јадење преку ден, како на пр. бранч, од 10:00 до 13:00, а другиот е простран, идеален за вечерно излегување, забава со диџеј, коктел, односно пријателски, свечен прием. Во приквечерните часови е тивко, спокојно, а заоѓањето на сонцето е величествено. Мора да го видите. Солунците обично резервираат маси, столови за да можат да го гледаат во раат бидејќи, како што велат, глетката оттаму е најубава. Со вино и неколку вида сирење, со чаша сангрија, мешан пијалак итн., кои ги прави ќелавиот бармен, а едновремено ги анимира гостите. Битно е уживањето, поради чувството на пријатност што го буди. Во согласност со неговото име, музиката која свири е алегро – брза, весела, жива, но има исклучоци, се разбира. Паркиралиштето во рамките на холот е бесплатно и сигурно, безбедно.

Двесте метри подолу, може и помалку, во Каламарија, на песочниот брег е Azzurro, еден од најпознатите барови, ресторани во Солун, не само меѓу неговите жители, туку и меѓу граѓаните на Скопје и, воопшто, на Македонија, со развиено чувство за убавото, смисла за убавото, кои знаат да уживаат во убавото. Едноставно имаат вкус, и тоа истенчен. Секако, и џентлмените се приврзаници, ако може да се каже така, на естетското сфаќање на животот, но, се разбира, битна им е и содржината, исто како и духовноста. Прозорците се ширум отворени, доколку не студи, па столовите и масите однатре и однадвор се соединуваат во целост. Дел од нив излегуваат на самиот брег, кој е, всушност, песочен и се поврзува со малата плажа што ја посетуваат жителите на општината која, според многумина, е најубава во грчката „симбротевуса“. Десно е Shark, бар и ресторан во исто време, чија посетеност е голема, но сепак ќе го изоставиме од нашата денешна препорака. Морскиот песок е ситен, како и ситните каменчиња на терасата каде што се насадени маслинови дрвја кои, всушност, се симбол, заштитен знак на барот, ресторанот Azzurro. Светлосината или азурната боја се чини дека ги спојува небото и морето, а погледот се граничи со слика на фантазијата или така се споредува. Во перспектива е и пристаништето, заедно со закотвените танкери, бродови, па и белите згради на долгата улица каде што е Garçon Brasserie. Денското пиење кафе и глетката што доведува до смирена, блажена состојба на душата, до состојба на полно спокојство, ќе ве повикаат да се вратите, да дојдете и другпат. Можете и да каснете, на пр. сендвич (клуб, со бриош, со потпечено парче леб, со тортилја, со јајца.., од 3.50 до 7.50 евра), омлет (5.50-6 евра), слатки (пита со лимон и со јаболка – 4.50 евра, палачинки – 6.50 евра, брауни – 5.50 евра). Навечер е полно, гостите ѝ се препуштаат на музиката, со пиво, вино и некое делициозно јадење, во слабата светлина на свеќите и ноќта.

Во Каламарија се наоѓа и барот Mistral, чија локација овозможува да уживате во погледот на морето, во неговите сребрени одблесоци кога е сончево, да ги набљудувате пловните објекти како поголемите чамци кои се движат, пловат со едра, додека го пиете кафето, појадувате или, пак, можеби ќе се одлучите за бранч или ручек. Изборот е голем, се послужуваат кроасани со путер, омлети, палачинки, сендвичи, тостови (обичен, француски) за појадок, закуските се состојат од неколку видови бургери, тортилји, мини-такоси, додека салатите (мистрал, француска, цезар), пиците, ризотото, тестенините, пилешките гради, ролните и другите месни специјалитети се подготвуваат за ручек. Секако, има и десерти – брауни, павлова, свежо сезонско овошје на послужавник. Ви го препорачуваме сендвичот со ѓеврек, димен лосос, краставица, крем-сирење, лимонов пипер, млада рукола, пржен кромид и марула како додаток. Барот е познат и по коктелите, понудата навистина е многу голема. Сѐ уште може да се седи на терасата во бела боја и беж, на високи столови и маси, покрај стаклената ограда, или на тапацираните клупи, меѓу палмите. Кога е студено, се покрива, т.е. затвора со стакло. Но, и внатрешноста е привлечна, и необична. Има многу зеленило, преовладува дрвото, деталите исто така и осветлувањето, виолетово и зелено. Сето тоа е дополнето со камин. Дизајнот го потпишал Јанис Правинос, еден од најпознатите грчки архитекти. Местоположбата на Mistral е таква што веднаш, десетина метри оттаму, можете да се приклучите на патот кој води за IKEA, аеродромот и туристичките места во близина.

Без оглед на изборот што ќе го направите, нема да погрешите. Опуштете се, олабавете, обидете се да не мислите на грубото секојдневје, позитивното мислење ќе ви ја промени енергијата, исто како морето, водата. Патувањата, макар и еднодневни, се измислени за тоа, целта е пријатното чувство, вклучително и радоста и задоволството, кои ќе ве обземат секогаш кога ќе отидете некаде, па и во Солун, градот чиј дух не спласна ни за време на пикот на вирусната пандемија, независно од тоа што сѐ уште постои. Протоколите важат и таму, но солуњанците ретко ги почитуваат, исто толку и ги спроведуваат. Очигледно дека маските се „аут“. Затоа внимавајте, чувајте се. Џентлменски е кога се грижите за своето и здравјето на луѓето кои ве окружуваат.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Electra Hotels/ Garçon/ Makedonia Palace/ Allegro Megaro/ Azzurro/ Mistral Seaside Bar

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЏЕНТЛМЕНСКИ, ВО СТИЛОТ НА ЏЕЈМС БОНД – ЗАВРШНИЦА СО CROCKETT & JONES ЧЕВЛИТЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published.