ЏЕБНОТО ШАМИЧЕ, НЕИЗОСТАВНО И ВО СТАРО ВРЕМЕ И ДЕНЕС (I дел)

Софистицираноста е, дефинитивно, суштинска црта на секој господин човек, џентлмен што внимава на својот изглед, меѓу другото. Некако е нераскинливо поврзана со елеганцијата за која се вели дека е господствена работа, господинска, негов признак. Меѓусебното преплетување е очигледно што дополнително ја истакнува привлечноста на џентлменот, и во поглед на манирите, но и во смисла на гардеробата. Модните додатоци, аксесоарите ја дополнуваат, збогатуваат и влијаат на нејзините супстанцијални карактеристики, т.е. ги подобруваат. Џебното шамиче има голем придонес во тоа, нема сомневање. Инаку е квадратно, со типични, стандардни големини од 33×33 до 42×42 см, може да биде и свилено и памучно и ленено, а на облеката ѝ дава инаквост – нејзината префинетост, отменост е загарантирана, стопроцентно.

Последните неколку години, џебното шамиче стана омилен, задолжителен моден додаток меѓу овдешните господа, џентлмени кои секогаш изгледаат онака како што налага кодексот за т.н. господствен, џентлменски начин на облекување – првокласно, тип-топ. Мнозината нѐ следат, го читаат „Џентлмен магазин“, затоа и ќе им се обратиме ним, односно вам.

Четвртиот „Маж на годината“ кој ќе се одржи наскоро, за една и пол недела, сигурно ќе ве инспирира да ја облечете најубавата гардероба, смокинг или жакет од велвет за што пишувавме минатата седмица, истовремено сакајќи да ви дадеме некаква идеја, но сепак, изборот е само ваш. И овој пат е така. Ќе се обидеме да ве запознаеме подобро со џебното шамиче и неговата суштественост, а историјата, минатото на аксесоарот кој воодушевува со разноликоста, во одредени случаи и со уметничката изработка, во што ќе се уверите в понеделник, кога ќе го објавиме вториот дел од текстот, е повеќе од интересна. Гарантирано ќе ви го привлече вниманието, задржувајќи го едновремено, да го исчитате докрај. Ќе ви покажеме и како се дипли за убаво да изгледа в џеб, доколку не знаете. Има четири начини, кога е формалноста во прашање, согласно пригодите и останатите парчиња облека, но и ќе ви препорачаме некои занимливи, невообичаени модели бидејќи господата, џентлмените се издвојуваат од мнозинството со нивната единственост, уникатност, пркосејќи му на униформираниот изглед, вклучително и на еднообразноста и на монотонијата. На другите ќе се задржиме понатаму.

За џебното шамиче се вели дека е долга приказна, може да се пишува во неколку продолженија, три-четири, но, како што споменавме, ќе се посветиме само на неколку главни тематско-содржински поенти. Колку е неизбежен овој моден додаток, говори фактот дека повеќето мажи го носеа и на завчерашното доделување на CFDA Fashion Awards, вклучително и Том Форд кој беше облечен во црн жакет од велвет. Но, разноликоста на џебното шамиче овозможува да се комбинира и со блејзер и фармерки. Нема ограничување, лептир-машната и краватата не се задолжителни, може да се носи и без нив, само со кошула. Ноншалантноста е дозволена, но внимавајте, не и неуредноста. За чистотијата нема да зборуваме, таа се подразбира. Нормално, треба да се испегла, но не и да се колосува. Диплењето на џебното шамиче не е оригами.

Ставете го така што ќе изгледа уредно, а не стуткано и нема да стрчи, т.е. џебот на горниот дел од палтото нема да биде испакнат. Аксесоарот не треба ни да паѓа в очи, кога се работи за бојата. Жива, јака не се препорачува, нека биде топла, независно дали е монохроматски, шарен, едноставно треба да одговара или на вратоврската или на кошулата. Белото џебно шамиче изгледа совршено на црн жакет, со вратоврска или папилотка во иста боја, вклучително и на такво одело. Комбинацијата е идеална за гала-вечер, како на пример „Маж на годината“, за таква вечера, концерт, претстава и за венчавка, секако. На работа, состанок е дозволена извесна ноншалантност, но внимавајте да не виси, да не изгледате како магионичар кој вади цвеќиња од горниот џеб на сакото или евентуално зајаци. Од друга страна, модниот додаток се носи и со капут, долг. Елеганцијата е неоспорна и во овој, но и во случај на поголема лежерност, кога се комбинира со спортско палто. Нема место за грешка, можностите се неограничени, освен екстремноста што е карактеристична за егзибиционизмот, а џентлмените, господата се умерени во сѐ.

Кога е минатото, историјата на модниот додаток во прашање, се говори дека џебното шамиче датира од стар Египет. Било ленено и се боело со црвен прав за да се укаже на богатството. Така се распознавале класните спротивности. Други, пак, велат дека се носело и во античка Грција, но парфимирано, за мажите да бидат сигурни дека оставаат пријатен мирис зад себе. И третиот податок е вистинит, дека Римјаните го употребувале во гладијаторските борби. Со него се означувал нивниот почеток, кога императорот го испуштал од рака. Четвртата група истражувачи е убедена во инаква вистина, во фактот дека потекнува од 800-тите години поради тоа што членовите на Католичката црква го заврзувале на раката за да ја покажат својата вера, како во Бог, така и во црквата. Очигледно дека не се говорело за аксесоар, туку за некаков си хир, но џебното шамиче со таа цел го носел англискиот крал Ричард II, додека седел на тронот, меѓу 1377 и 1399 год. Во 1400-тите се популаризирало во Европа, почнало да се користи за хигиена, но и како моден додаток на богатите. Се изработувало од егзотични ткаенини, меѓу нив и свилата, и се украсувало со вез. Претставувало своевидна демонстрација на статусот, богатството. И француските аристократи го парфимирале исто како старите Грци, но причината била инаква, да го прикријат непријатниот мирис од недостатокот на услови за капење.

Везењето започнало во шеснаесеттиот век, а џебните марамчиња се изработувале и од тантела, во Италија. Се верува дека фирентинската благородничка Катерина де Медичи ги извезувала во Франција. Истите се пренесувале генерациски, додека монарсите Тјудор ги подарувале на кралиците Марија и Елизабета за Нова година. Традицијата продолжила и натаму, во кралските семејства кои доаѓале по нив. Марија Антоанета сметала дека сите треба да бидат исти, а не различни во нивната големина, затоа и побарала од сопругот, кралот Луј XVI да го наложи тоа, односно да се унифицираат (16×16 инча, т.е. 40,64×40,64 см). Оттогаш се прават со приближна димензија. Актуелизирањето на костумите во деветнаесеттиот век меѓу тогашните господа, џентлмените, ја повлекло и идејата за нивна употреба како аксесоар. Имено, не сакале да биде на исто место со парите што ги допирал секој, па затоа го ставале во горниот џеб на левата страна од жакетот. Неговата популарност се зголемила во почетокот на дваесеттиот век. Џентлмените, господата внимавале на диплењето, сѐ морало да биде перфектно, и станал неизоставен моден додаток, било свилен, било памучен, било ленен, и во Европа и во САД. Падот на општоприфатеноста во дваесеттиот век се должел на марамчињата за еднократна употреба на Kleenex, но Фред Астер и Џејмс Кегни ја вратиле во средината на 1900-тите, кога џебното шамиче го носеле буквално сите, од филмските ѕвезди до работниците и службениците. Крајот на столетието го одбележале дендијата, само тие го ставале во горниот џеб на сакото, но затоа, пак, во почетокот на новиот милениум влезе повторно на голема врата. Денес е резервирано за господата, џентлмените чиј стил, начин на облекување ги двои од толпата, доколку може да се каже така, покрај честа, карактерот и пристојноста. Грубите манири, да не кажеме простачките, во никаков случај не одат со него.  

Продолжува… (Вториот дел од текстот ќе го објавиме в понеделник)

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: Hugo Boss/ Anderson & Sheppard/ CFDA/ Rampley & Co

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: НАДАЛЕКУ ПРОЧУЕН, ТУРСКИОТ ПОЈАДОК Е И ЏЕНТЛМЕНСКИ ГЕСТ, МЕЃУ ДРУГОТО (I дел)

Leave a Reply

Your email address will not be published.