ЛОНДОНСКА ЧАЈАНКА СО ШАМПАЊ ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ НА РАЗОНОДА (II дел)

Денес жителите на британската метропола, пред сѐ дамите, госпоѓите, госпоѓиците и, неизоставно, џентлмените, сакаат да им се посветат на традиционалните вредности, да ги зачуваат, негуваат, одржуваат бидејќи последните неколку години, па и децении, се чини дека младите ги подзабораваат. Секако, работите не треба да се обопштуваат, генерализираат од причина што луѓето со чест, карактер и пристојност се многубројни, особено во Лондон, колепката на џентлменството. Тие, во друштво со нивните сопруги, деца, девојките или партнерите, соучесници во деловните потфати, ако не секое попладне, тогаш преку ден-два, ги посетуваат луксузните хотели со пет ѕвезди, салоните на стоковните куќи, рестораните, во кои се послужува чај со мали сендвичи, колачи.., а менијата за попладневниот ритуал се долги, некаде и дваесетина страници. Тематската разнообразност е голема, од традиционално мени во смисла на пиење чај попладне, во часовите на разонодување, преку малите закуски што ги задоволуваат потребите, желбите, вкусовите на гостите, посетителите – вегански, вегетаријански, без глутен, стандардни, до шампањско, а не се забораваат ни децата за кои се испечатени менија според нивните барања, како на пример слатки во различни бои (јаки првенствено), форми. Се разбира, попладневниот чај со шампањ е најбаран, не само да се наздрави со пенливото вино, туку и топлата напивка од исушени лисја на различни билки, растенија да не се комбинира со жесток пијалак, со висок процент алкохол, како што правеле одамна, кога и жените и мажите се опивале до бесвест, а наводно оделе на чајанка. Од тие причини се нуди шампањ како варијанта, од многу светол, белузлаво-жолт до розе.

Спротивно на мислењето дека попладневниот чај е ритуал кој вообичаено се послужува во свечени прилики, на пример годишнини, родендени.., како што сметаат и голем број туристи од странство, вистината е поинаква, пиењето чај во попладневните часови на разонода е дел од секојдневието на Британците, особено на лондонците бидејќи неговото ритуализирање сакаат да го пренесат и на гостите, посетителите кои доаѓаат во главниот град, а традицијата е својствена за него, вклучително и британскиот стил на облекување, однесување и така натаму, што е забележлив на секој чекор. Манирите на лондонските џентлмени се достојни за пофалба, но секако не треба да се заобиколат и дамите, госпоѓите, госпоѓиците што им парираат (во добра смисла) и како парови, двојки (брачни, љубовни) се компатибилни, усогласени, едноставно изгледаат совршено. Како-годе, во метрополата има сѐ, буквално секакви луѓе. Тие кои ја посетиле знаат дека се карактеризира со екстремност, а нејзините жители се меѓу две крајности. Повеќето се дојденци што, дефинитивно, придонесуваат за малку инаква слика на градот, вклучително и луѓето кои живеат во периферните населени места. Но, повторно ќе кажеме дека не треба да се генерализира. Така е насекаде, низ целиот свет.

А, кога се работи за попладневниот чај, треба да се напомене дека ритуалот се разликува од некогаш во минатото, кога војвотката на Бедфорд, Anna Russell го вовела како новина во хедонизмот, а со текот на времето и се надградувал. Факт е дека пиењето чај попладне, во часовите на разодонување, започнало како женска денгубица, разбигрижа, но денес подеднакво уживаат и мажите во ритуалот, проследен со лаф-муабет. Топлата напивка од исушени лисја на различни билки, растенија (обично се пие Assam – црн чај од истоимениот регион во Индија, Earl Grey – ароматна мешавина со додаток на бергамот, Darjeeling – чај од Camellia sinensis var. sinensis што расте во истоимениот дистрикт во западен Бенгал, Lapsang Souchong – димен црн чај од Кина и така натаму) се послужува во чајник, а се сипа во шолја. Таа се крева само кога се пие, без да се дига малиот прст на раката. Во спротивно, чашата цело време стои на тацната. Манирите се важни, начинот на однесување, постапките говорат за воспитанието, а следствено, и за почитувањето на традицијата. Притоа може и да се касне, мали сендвичи од средиштето на лебот, без корка, со пилешко и англиски прелив, сос од мајонез, краставици, јајца, ставени на висок метален подавалник, заедно со колачи, печиво за еден залак. Погачиците со засирен крем, џем се исто така дел од закуската.

Препораката за местата на кои се пие чај во попладневните часови на разонада следува откога ќе ви укажеме на работите што се битни, како за лондонците, така и за нивните гости, без оглед на посетата која во најголем број случаи е туристичка. Може да патувате и работно, службено, затоа е убаво да ги знаете тајните на ритуалот, неговите цаки што неретко и збунуваат. На пример, често се употребува зборот, изразот хај-ти („висок“ чај), кој е погрешен. Така се именувал оброкот што членовите на работничките семејства го јаделе рано во ноќта, по работното време, во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век. Вечерата била, всушност, главниот оброк, составен од шолја чај, леб, зеленчук, сирење и повремено месо, а се поставувал на „високата“ (главната) маса во трпезаријата. Некои жители на Лондон и, воопшто, на Велика Британија сѐ уште го викаат хај-ти. А, крем-чајот датира од единаесеттиот век. Имено, железничарите во Девон и Корнвол го ладеле врелиот чај со павлака (слатка), а во лимената кутија за храна којашто ја носеле на работа имало и погачици со засирен крем, џем. Јасно е дека менијата денес, кога се работи за попладневниот чај, се инспирирани од минатото време, одамнешниот начин на живеење, пекарскиот занает и слично. Исто така, некои делови се измислени сега, како на пример чајот со јагоди, со шампањско вино. Првиот се приготвува едноставно. Во кремастиот чај се додаваат неколку парчиња свежи јагоди, а шампањот е само додаток, наместо жесток пијалак, за да не им се слоши на гостите, посетителите.

Во метрополата, главиот град на Велика Британија, има стотина луксузни хотели, салони во рамките на стоковните куќи, ресторани каде што пиењето чај попладне, во часовите на разонодување, од 11:30 до 19:30 (во зависност од местото – времето е флексибилно), зазема голем дел од нивните менија. Тогаш се, всушност, најпосетени. Секако, дамите, госпоѓите, госпоѓиците и џентлмените во Лондон сакаат, меѓу другото, и работи кои не важат за официјални, туку се порелаксирани, но сепак, им се допаѓа и формалноста кога е попладневниот чај во прашање, без оглед на опуштените разговори, атмосферата и слично. Впрочем, таква е традицијата, донекаде и привидна. И покрај тоа што британската метропола нуди безброј ресторани, овој пат ќе ви препорачаме два луксузни хотела со пет ѕвезди, Brown’s и Claridge’s, то ест нивните гостински соби, како и еден салон, кој е дел од познатата стоковната куќа Fortnum & Mason (Fortnum’s), каде што уживавме во ритуалот на пиење чај во попладневните часови на разонода. Следното патување во Лондон ќе го искористиме за посета на други, можеби The Ritz, зошто да не. Ја сакаме историјата, минатото нѐ потсетува на вредностите, и традиционалните, па и моралните, дека треба да ги чуваме за да не исчезнат, да не се заборават.

Brown’s му припаѓа на синџирот Rocco Forte Hotels и е најстар во британската метропола, а сѐ уште работи со полна пара. Отворен е во 1837 г., кога започнало викторијанското време. Кралицата Victoria го посетувала често, а одела и на чајанки во подоцнежните години, до 1901 г. Иконичниот хотел е спој на историјата, минатото и софистицираноста на дваесет и првиот век. Се наоѓа во срцето на Мејфер. Поради местоположбата и атрактивноста, во Brown’s отседнувале членовите на кралските семејства, претседателите на разни земји, великанските книжевници. Така е и денес бидејќи неговата гостинска соба е омилено место за попладневен чај на многу лондонци, па и на странците, како на пример Ана Винтур, уредничката на „Вог“. Од 11:00 до 17:30 можете да се препуштите на ритуалот, да изберете меѓу триесетината видови чаеви, со шампањско вино или без него. Вкусните мали сендвичи, топлото печиво со крем и џем се додаток на уживањето чија цена се движи од 55 (без шампањ) до 70 фунти, во зависност од пенливото вино (со чаша Moët & Chandon Impérial Brut чини 65 фунти – околу 4.750 денари). Се разбира, доколку нарачате шише, ќе доплатите 21 фунта. Дискрециониот надоместок за извршената услуга е 12,5 %. Толку е секаде во Лондон. Мора да се почитува кодексот на облекување, а тоа значи дека мажите не смеат да носат маици, тренерки, шорцови. Се препорачува кошула, но вратоврската и палтото не се задолжителни.

Истите правила важат и за Claridge’s, кој исто така се наоѓа во елегантниот кварт Мејфер. Почнал да работи деветнаесет години подоцна од Brown’s, отворањето било во 1856 г. Фоајето и собата за читање, како што ја нарекуваат, обата во арт деко стил, се отвораат во 14:45, за гостите, посетителите кои сакаат да пијат чај попладне, во часовите на разодонување, и да каснат нешто, а затвораат во 17:30. Секогаш се полни. Џентлмените можете да ги забележите и оддалеку, во друштво со припадничките на убавиот, нежен пол, со пријателите, колегите или сами, а ќе видите и млади момчиња, јапи, со нивните мајки, баби. Глетката навистина е допадлива, вклучително и атмосферата, која може да се опише како свечена. Ќе наидете и на дами, госпоѓи, госпоѓици што го разлистуваат печатеното издание на хотелскиот магазин или електронското, сеедно, на лаптоп, таблет, мобилен телефон, со шолја чај, можно е и шампањ и мала закуска, која не го изостава шкотскиот лосос, како специјалитет на кујната, вклучително и малите сендвичи со мајонез и јаца, пилешко, краставици, шунка. Се разбира, на послужавникот има и слатки, на пример мафините се превкусни. Од триесетината видови чаеви, ви ги препорачуваме Oolong(кинески, полуоксидиран чај од Camellia sinensis) и мешавина од Claridge’s. Цените се движат меѓу 75 (без шампањско вино) и 95 фунти, со шампањ (ако изберете чаша Laurent-Perrier La Cuvée Brut, треба да платите 85 фунти – 6.215 денари). За шише се доплаќа 22 фунти. Секако, текстот за хотелот нема да биде комплетен доколку не ја споменеме и анегдотата за Спенсер Трејси, познатиот американски глумец, Тој, заедно со Кетрин Хепберн, бил редовен гостин, посетител на хотелот, без оглед на далечината, преку океанот. Во една пригода рекол: „Кога ќе умрам, не сакам да одам во рајот (парадиз), туку во Claridge’s“.

А, стоковната куќа Fortnum & Mason или Fortnum’s, како што ја викаат лондонците, која се наоѓа на плоштадот Пикадили, е приказна за себе. Постои веќе триста и четиринаесет години. На четвртиот кат е The Diamond JubileeTea Salon. Неговото отворање беше во чест на кралицата Elizabeth II, во 2012 г., кога ја прослави шеесетгодишнината од нејзиното устоличување. Присуствуваше и таа, во друштво со двете војвотки, на Кембриџ и на Корнвол. Оттогаш е полн, секој ден. Софистицираноста е причината за посетата на голем број гости, како домашни, така и странски. Работи од 12:00 до 18:30, од понеделник до четврток, во петок отвора во 11:30, а затвора во 19:00, во сабота работи од 11:30 до 19:30, а во недела отвора во 11:30 и затвора во 18:00. Има неколку менија, од веганско, вегетаријанско, без глутен, кога се работи за оброкот, преку шампањско, до мени за деца. 62,5 фунти е просечната цена за чај и мала закуска што се состои од сендвичи, слатки, направени во неговата кујна. Другото се доплатува, како на пример пенливото вино (цените се различни, од 12 до 23,5 фунти за чаша и од 75 до 150 фунти за шише, во зависност од потеклото), резливиот чај (од 7,25 фунти за чаша до 38 фунти за шише), чајните (меѓу 8 и 13,5 фунти) и коктелите со шампањ (меѓу 12,5 и 13,5 фунти), додека мешевините се поевтини. Повеќето се произведени во мануфактурите на Fortnum & Mason. Доколку ви се допаѓаат, можете да си купите лименки (од 5,5 до 90 фунти) во дуќанот, изборот е огромен, како и книга со рецепти за чаеви (20 фунти).

Кога се работи за Лондон и пиењето чај во попладневните часови на разонода, нема дилема, понудата е многу голема, огромна. Нема да згрешите ни доколку се одлучите да ги посетите и рестораните каде што исто така се организираат чајанки. Битно е да ја почувствувате атмосферата и, се разбира, вкусот на традицијата со која се гордеат лондонците, и денес и децении наназад, па и повеќе. Џентлмените во британската метропола уживаат во него, со срце. И ние, следниот пат во The Ritz.

Пишува: Игор Ландсберг

Фотографии: The Ritz London/ Rocco Forte Hotels/ Claridge’s/ Fortnum & Mason

ПОВЕЌЕ ОД ИГОР ЛАНДСБЕРГ: ЛОНДОНСКА ЧАЈАНКА СО ШАМПАЊ ВО ПОПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ НА РАЗОНОДА  (I дел)

ЏЕНТЛМЕНСКИ, ВО СТИЛОТ НА ЏЕЈМС БОНД – ЗАВРШНИЦА СО CROCKETT & JONES ЧЕВЛИТЕFLORIS ПАРФЕМИТЕ – НЕПОГРЕШЕН ИЗБОР НА ЛОНДОНСКИТЕ ЏЕНТЛМЕНИ 

Leave a Reply

Your email address will not be published.